1020 hPa
45 %
26 °C
Скопје - Чет, 18.06.2026 10:00

Би било подобро наместо книгата „Капиталистички реализам. Има ли алтернатива?“, во превод на Реља Бобиќ, Факултетот за медиуми и комуникација да објавеше биографија на нејзиниот автор Марк Фишер. Само што таа биографија ја нема: никој сè уште не седнал да ја напише. Најблиску до неа можеби би биле транскриптите од постхумно објавените предавања на Фишер на колеџот Голдсмитс при Универзитетот во Лондон, под наслов „Postcapitalist Desire: The Final Lectures“. И во тие предавања за посткапиталистичкиот копнеж од 2016 година, одржани седум години по објавувањето на „Капиталистички реализам“, Фишер ја елаборира својата основна идеја од 2009 година: „Капиталистичкиот реализам, како што го разбирам, не може да биде ограничен на полето на уметноста или квазипропагандистичкиот начин на кој функционира адвертајзингот. Тој е повеќе како сеприсутна атмосфера, која ја условува не само продукцијата на културата туку и регулацијата на трудот и образованието и фигурира како невидлива бариера која ги затвора мислата и акцијата1.“
Блиски до (авто)биографија се и есеите од книгата на Фишер „Ghosts of My Life: Writings on Depression, Hauntology and Lost Futures“ (2014). Фишер во 2017 година, во 48-та година од животот, си го одзеде животот откако долго боледуваше од депресија. Во некои есеи од книгата од 2014 година тој зборува за искуството со депресијата, а самата депресија ја објаснува како последица на суровите политички и економски стеги на неолибералниот капитализам.
Како и да е, од сè што објавил додека бил жив, „Капиталистички реализам“ е секако неговата најпозната книга. Но и најмалку репрезентативна за неговото пишување. Фишер всушност се прослави со својот блог за популарната култура, пред сè за популарната музика. За музиката пишуваше страстно, а она што го слушаше и за што пишуваше го доведуваше во врска со својот живот2. Односно, живееше преку она што го слушаше и пишуваше. Инсистираше на личното доживување. А потоа тоа доживување, како и самата песна или филм или... што и да е, го поставуваше во поширок – како што самиот ќе каже: капиталистички – контекст. Слично се однесуваше и кон својата предавачка работа на универзитетот. Важно му беше да го идентификува и опише доживувањето, а потоа следи контекстуалното објаснување.
.jpg)
Во „Капиталистички реализам“, пак, тоа го нема. Затоа на читателот би можело да му се случи истото што и на писателот на поговорот на овдешното издание: таа книга да ја прочита како сериозна студија за поимот „капиталистички реализам“. Таа книга едноставно не е тоа. Таа е памфлет или провокација од стотина страници текст, како што често се памфлет или провокација и другите текстови на Фишер (на пример, забелешката дека „Billie Jean“ на Мајкл Џексон е едно од најголемите уметнички дела на 20-от век). Таа апелира до сетилата и свеста на читателот, се обидува да ги разбуди и размрда со низа провокативни примери, односно да ги исфрли од капиталистичкиот колосек. Тешката теориска левичарска артилерија – од Лакан до Жижек, а преку Бодријар – тука не служи за прецизна елаборација; повеќе се користи како метафора, односно провокација. Истото важи и за примерите од тековната кинематографија: толкувањата на Фишер на популарните филмови во „Капиталистички реализам“ не се ниту детални, ниту точни. Но тоа не пречи, бидејќи тој со нив сака само да ги илустрира ситуациите од секојдневниот живот, на пример својот и на своите студенти. Треба веднаш да се каже дека со таквата употреба на делата од популарната култура воопшто не се огрешил кон нив, односно – не ги злоупотребил. Популарната култура е еден голем отворен магацин од кој се црпи според потребата, па макар се земале и само фрагменти од завршените целини.
Како што посегна по компликуваниот Лакан и неговиот толкувач Жижек, Фишер можеше да користи и малку поедноставен левичарски појмовен апарат, на пример Грамши или Алтисер. Таму каде што зборува за политичкото и економското несвесно или за самиот капиталистички реализам, мирно можеа да стојат и Грамшиевата „хегемонија“ или Алтисеровиот „државен идеолошки апарат“. Бидејќи, смислата би останала иста. Фишер го интересира на кои начини капитализмот го оневозможува замислувањето поинакви поредоци и себеси се претставува како единствено можен. Во „Капиталистички реализам“ преку избрани примери во ќе покаже што не чини во капитализмот, а потоа и ќе објасни зошто конкретните бунтови против лошите капиталистички политики не успеваат да излезат од нивните рамки: наместо да ги рушат, тие ги зајакнуваат.
Највпечатливи се примерите од личната педагошка практика на Фишер. Со излегувањето на образованието на пазарот, односно со повлекувањето на државата од сферата на образованието (што не е прецизен опис, бидејќи државата се повлече како финансиер, но остана како надзорник и таа своја улога дополнително ја зајакна) се создаде цела низа нејасни односи. Тие односи не се само нелогични – на пример, дали студентите се корисници на услугите на образованието или се производ на образованието – туку и сериозно ги поткопуваат образовните цели. Но, ниту студентите ниту наставниците не успеваат да пронајдат начин на тоа да му се спротивстават и да се ослободат. Наместо тоа, тие преземаат уште поголем товар (на пример, така што прифаќаат себеси да се контролираат пишувајќи извештаи потребни само за управувачката администрација, односно извештаи кои немаат никаква врска со образовната работа) и така само ја влошуваат својата положба.
.jpg)
Вакви примери не недостигаат во „Капиталистички реализам“, но ниту еден не е толку јасен и впечатлив како примерот со кој во 2016 година Фишер го започна својот курс за посткапиталистичкиот копнеж: членката на британскиот парламент од редовите на ториевците, Луиз Менш, во 2011 година ги коментираше протестите Occupy Wall Street напаѓајќи ги демонстрантите бидејќи купуваат кафе во Старбакс, а се огласуваат преку своите Ајфони. „Не можете да бидете против капитализмот, а да го земате сето она што тој го дава“ – рече таа. Многумина ја исмеаја Менш, но не и Фишер. Наместо тоа, тој го постави прашањето од кое го изведе целиот свој курс: дали навистина постои копнеж за нешто што не е капитализам? Тоа прашање би можело да зазвучи како задоцнет одговор на прашањето од „Капиталистички реализам“ – зошто не можеме да замислиме поинаков свет, надвор од капиталистичкиот? Бидејќи тоа не го сакаме – како да гласи одговорот од 2016 година.
Но, не е така. Прашањето од 2016 година всушност е ехо на прашањето од книгата од 2009 година: зошто не сакаме свет поинаков од капиталистичкиот? Зашто не можеме да го замислиме? Или зашто капитализмот ги запоседнал нашите желби? Во „Капиталистички реализам“ Фишер со низа примери ќе ги илустрира и едното и другото. А во врска со второто уште ќе додаде: често нашите желби не се совпаѓаат со нашите интереси. Тие примери се и најубедливиот дел од неговиот памфлет. Фишер на самиот крај ќе се обиде да понуди и надеж, но тоа е толку слабо, што повеќе изгледа како илустрација дека и самиот автор му подлегнал на капиталистичкиот реализам. Меѓутоа, ниту едното ниту другото можеби нема да му биде толку интересно на домашниот читател како кусата анализа на клучните особини на самиот капиталистички реализам. Таа анализа, за жал, ќе му биде интересна како можен одговор на еден домашен проблем – може ли овдешната реалност да се замисли без Вучиќ?
.jpg)
Еве ги клучните особини на капиталистичкиот реализам:
– Капиталистичкиот реализам ги укинува минатото и иднината: постои само сегашноста. За иднината не може да се размислува, а минатото се укинува така што не може да се поврзе со сегашноста. Капиталистичкиот реализам (читателот може да чита: поредокот на Вучиќ) дозволува сегашноста да се креира без оглед на минатото. Ништо од минатото не е доволно обврзувачко за сегашноста да мора да реферира на тоа. Оттука произлегува дека и иднината е незамислива, бидејќи ништо во сегашноста не мора да биде основа за иднината.
– Капиталистичкиот реализам ја укинува одговорноста. Фишер ќе го илустрира тоа отсуство со примери од прозата на Кафка, а во реалноста со работата на кол-центрите; нам пак ни е доволен и Вучиќ за тоа јасно да го видиме. Одговорноста се распрскува со постојано институционално одложување на донесувањето одлуки или на полагањето сметка за нив.
– Во капиталистичкиот реализам, одговорноста на државата, односно на власта, се префрла врз жителите на државата. На пример, не треба државата да се грижи за здравјето на граѓаните, туку граѓаните самите се виновни ако здравјето им е нарушено бидејќи не воделе здрав живот.
– во капиталистичкиот реализам, наместо слики од реалноста добиваме Пи Ар слики, односно политички адвертајзинг. Не е важно што направила државата навистина, туку како го претставила она што го направила, а можеби и не го направила.
Наместо сето ова да бидат причини за бунт и за замислување поинаков свет, всушност се случува секоја од овие особини да го оневозможува отпорот: сегашноста е толку нестабилна (би можеле да кажеме, во стилот на полскиот социолог Зигмунт Бауман – ликвидна/течна, што исто така би бил поим близок до Фишер) што во неа не можат да се пронајдат цврсти точки како потпора за отпор. Метата на отпорот не може да се одреди бидејќи, исто како што не постојат места на вистината (како што ги гледаше Фуко, уште еден мислител близок до Фишер), така нема ни места на одговорност. Најпосле, бунтот често се интериоризира, односно се свртува кон внатре, што се манифестира, на пример, како депресија.
Ова секако не се нови сознанија, но ни самиот Фишер не држеше до оригиналноста. Изгледа дека тој само пронашол начин познатите сознанија да ги формулира поинаку и да ги направи интересни за новите читатели. Дали тоа ќе биде доволно интересно и за овдешната публика? Можеме само да се надеваме.
.jpg)
1. Mark Fisher, Kapitalistički realizam. Ima li alternative, preveo Relja Bobić (Beograd: FMK, 2022), str. 28.
2. Сосема накратко, тој живот во младоста беше обележан од таканаречената држава на благосостојба (во нејзиниот специфичен британски облик, пред Тачер со текот на времето да ја укине): Фишер се формирал под влијание на познатиот островски музички печат и под силно влијание на новата британска популарна музика од 80-тите и 90-тите години. Од тоа свое искуство извлекол интересен заклучок: зад иновативната уметност мора, барем делумно, финансиски да стои државата. Ако творештвото се препушти исклучиво на пазарот, тогаш повеќе нема место за креативни новини, односно за изненадувања и пресврти, бидејќи пазарот диктира да им се излезе во пресрет на очекувањата на публиката. Ако нема изненадувања и пресврти, традицијата закоравува и ја губи вредноста, станува празна школка. Со други зборови, пазарот работи против традицијата, а не за неа. Па сепак, конзервативците и неолибералите (односно, наводните пазарни фундаменталисти) ќе пронајдат заеднички основи, за што Фишер исто така има што да каже во „Капиталистичкиот реализам“.
Избор и превод: Тим Дисензус
Илустрации: Roland Topor
Извор: https://pescanik.net/
.jpg)
Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.