1015 hPa
88 %
15 °C
Скопје - Чет, 11.06.2026 04:59

Тоа сум јас
Пред неколку недели, некаде околу 19 часот во Скопје се обидував по автобусот за Струга да испратам неколку свежи примероци од најновата книга на Димитрие Дурацовски „Понекогаш се враќаат“ до авторот, кој не можеше да дочека издавачот да му ја достави за некој ден, па ме замоли мене. Автобусот доцнеше и без надеж дека ќе дојде му се јавив и му кажав дека нема среќа и дека за книгата ќе мора да почека барем до утредента. Звучеше скршено и болно. Но само што се поздравивме, автобусот се појави од зад аголот.
Така книгата ми се отвори уште пред да почнам да ја читам: како нешто што ултимативно морам да го вратам таму од каде што дошло – а тоа е во Струга, назад во куќата на Димче. Зашто оваа книга ѝ припаѓа токму нејзе.
Тоа е куќата што памети
Дурацовски уште на самиот почеток ја дефинира оваа книга како „патопис низ една куќа“, како каталог на предмети и попис на луѓе, како „музеј на своите жители“ (Ќосиќ). Тоа е секако пресудна насока за читањето, зашто куќата во оваа автофикција не е сцена на која се игра животот, туку самата рамка низ која животот повторно може да се прочита. Оттаму куќата не е позадина на животот – таа е негово второ тело, куќа врз куќа која не е само место за живеење и семеен простор, туку жив организам на помнењето т.е. една „мала држава на нечии судбини“ (Ќосиќ).
Куќата во книгата најпрецизно е можеби една голема camera obscura која во себе не чува само предмети, туку складира спомени, сеништа, гласови, страв и љубов.
Тоа се факти, фотографии, писма и документи
Книгата е преполна со фактографија: датуми, имиња, писма, адреси, документи, попишани предмети. Но, таа не е сув документарен запис. Напротив, колку повеќе се потпира на фактите, толку повеќе станува романескна. На оние што го читале Дурацовски одамна им е познато дека во неговата проза фактите не ја намалуваат литературната вредност – тие ја зголемуваат нејзината разорувачка сила. Секој податок во книгата е двојно кодиран, истовремено е доказ кој нешто потврдува и длабока незарасната рана која се отвора.
Една од најинтересните постапки во книгата е тоа што таа е впрочем албум на прераскажани фотографии. Читателот од поглавје во поглавје чита како авторот опседнато ги испитува и раскажува семејните фотографии. Ваквиот пристап создава илузија како секое поглавје бавно да се развива во темната комора на текстот.
Описите на фотографиите (по маргините и на позадините) исто така не се само обични описи. Тие се навраќања кои понекогаш се цврст конкретен доказ, а понекогаш отвораат сомнеж и јадеж и ги фаќаат и авторот и читателот во стапица. Кај Дурацовски раскажаната фотографија никогаш не е безопасна, таа е или премин, или навестува опасност.
Опсесивната прецизност пак со која се читаат фотографиите не служи за да ја затвори стварноста, туку за да покаже колку е таа кревка, непотполна и полна со исчезната смисла, а понекогаш недостапна.
Можеби затоа раскажувањето на фотографиите толку силно дејствува: затоа што не се преправа дека помнењето е благородно и врз себе има патина. Во оваа книга мемориите најчесто се заморни и опсесивни. Во нив има срам, бес, каење, нежност, егзалтација, недоверба.
Книгата е и архив на писма кои имаат подеднакво знаење како и прераскажаните фотографии. Писмата кај Дурацовски се само уште еден глас што преживеал и живее во куќата. Напишани во курзив, ја чуваат секојдневната топлина на едно време полно со мали грижи, роднински обраќања, љубовни треперења, секојдневни потреби. Нивната убавина е во тоа што не се обидуваат да бидат литература, но на крајот стануваат токму тоа.
Покрај писмата во книгата има и документи: договори, потврди, службени акти, правни и архивски белешки, форензичарски извештаи. Ваквиот службен јазик, со својата студена строгост и прецизност, кај Дурацовски станува поетски страшен. Тапијата што треба да ја потврди сопственоста, одеднаш станува извод на родени на куќата кој ја започнува семејната митологија на семејството.
Најубаво е што книгата не се плаши од пописноста. Таа набројува, но тоа не е суво редење. Тоа е литанија. Пописот станува молитва. Дурацовски како да знае дека она што не е именувано ќе исчезне побрзо. Затоа именува и кај него ништо не е сосема непотребно, затоа што никогаш не се знае кој предмет ќе биде клуч што ќе ја отклучи следната врата.
Тоа е таткото
Во средиштето на овој лавиринт од записи, белешки и фотографии, стои таткото Коста – како голема отсутност околу која се организира животот на куќата. Таткото ја гради куќата, но во неа живее кратко. Таа неправда се чувствува низ целата книга како тивка подземна вибрација. Куќата останува, а градителот исчезнува. Синот го бара таткото во фотографиите, писмата, документите, во стариот автомобил, во летниот костум кој останува во орманот, во стариот воен хронограф од војната. И токму така, преку овие предмети, споменот на таткото, бавно, како што се мести сложувалка, дел по дел низ книгата се составува во делови.
Во таа смисла, „Понекогаш се враќаат“ е всушност книга на серија спроведени истраги каде што времето не врви право, туку кружи. Затоа суштинска за книгата е нејзината репетивност која тука е подигната на ниво на постапка. Повторувањето во книгата е како сврдел кој кружи околу раната и постојано се враќа на исто место, но секој нов пат наоѓа нешто друго. Она што на почетокот изгледа како повторување, на крајот мајсторски се открива како бавно разрешување. Затоа книгата нема заплет во класична наративна смисла – таа е еден целосен систем на одложено разоткривање.
Посебно потресно е што споменот на таткото не се реконструира само од куќата, туку и од градот и Чаршијата. Од луѓето што го запомниле и кои застануваат преку оградата и го дополнуваат моделот. Така Струга во книгата не е само топографија – таа е езеро на колективното помнење од кое авторот црпи спомени.
Најтемните и најсветлите спомени се врзани за таткото. Една таква јасна и среќна меморија е патувањето со автомобилот на Коста. Таму таткото е жив и подвижен, речиси митолошка фигура: вози, разговара, објаснува, се шегува, прави услуги, го воведува детето во тајните на светот. За авторот тоа е редок светол миг насамо со таткото, токму она што подоцна ќе стане најголем недостиг. Во тоа поглавје има и една случајна средба со млад поет која добива значење на тивка иницијација во литературата.
Тоа е Снежана Николиќ
Вториот рефрен на книгата е младоста, долгите струшки лета и фигурата на Снежана Николиќ. Тоа секако не припаѓа на истиот регистар како таткото. Ако таткото е исчезнатиот темел на куќата, Снежана е тогаш незавршената приказна на летото. Нејзиното отсуство ја отвора книгата кон една сосема поинаква љубовна болка: не смртна, туку временска. Болка од она што никогаш не било завршено.
И затоа на крајот насловот е толку точен. Понекогаш се враќаат мртвите, љубовта, срамот, стравот, верувањето, мирисите, песните, сликите, предметите, детските стравови, стари изречени зборови. Понекогаш, а не секогаш. И тоа навраќање исто така е двојно кодирано, во смисла дека во него во исто време има своевидна милост и суровост.
Тоа е Медијала
Во книгата силно пулсира и една друга, уметничка меморија, својствена за авторот: опседнатоста со Медијала, со Шејка, Савиќ, Главуртиќ, Чудина. Медијала не е вметната како културна референца, туку како втора, духовна куќа на Дурацовски. Ако родната куќа ја чува семејната меморија, Медијала ја чува неговата имагинативна и метафизичка меморија. Таму сликарството, езотеријата, ритуалот, смртта и таткото повторно се допираат, а особено моќни се сцените во кои уметничката митологија ја отклучува личната траума. Сликите не се само слики. Тие можат да дејствуваат. Ритуалите не се само анегдоти од историјата на уметноста. Тие ја допираат најдлабоката семејна рана: желбата, но и стравот, да се приближиш до мртвиот татко преку предметите што останале по него.
Тоа е крај
Оваа книга е тестаментална, како што ќе ми рече уредничката Ќорвезироска во еден разговор, а авторот ќе го потврди во друг. Би додал дека изгледа и како да е напишана под притисок. Не стилски, туку егзистенцијален. Како да морало да се каже сè што уште може да се каже.
„Ох, тој незаборав, о вие мили незаборавени ликови кои понекогаш ми се враќате, кажете ми, што треба уште да напишам за вас?“ (Дурацовски)
Куќата памети затоа што авторот повеќе не може сам под тежината на споменот. Таа го чува она што сите ќе го заборават, го враќа изгубеното и го крие она што уште не е подготвено да биде најдено.
И можеби токму затоа оваа книга е толку потресна. Не затоа што сака да нè увери дека минатото може да се врати, туку затоа што знае дека тоа се враќа само во бледи фрагменти. Понекогаш како фотографија. Понекогаш како писмо. Понекогаш како шпил карти што долго се криеле во фиока. Понекогаш како куќа што, додека ја читаме, престанува да биде само куќа и станува последна форма на љубов.
Дурацовски со оваа книга всушност врз старата куќа на неговиот татко изградил нова, а притоа не ѝ одзел ништо. Само ги запалил сите светла и засекогаш ја осветлил.

Извор: https://njoldeski.wordpress.com/