Надежта постои, но не за нас (предговор)

26.05.2026 11:16
промоција на книгата „Надежта постои, но не за нас“

Го пренесуваме предговорот од „Надежта постои, но не за нас“, петтата книга на М. Грчев во Темплум едицијата „Градот“. Првата книга текстови на Грчев објавувани во Слободен печат е издадена 2014 во под наслов „Името на злото“; „Фашизам во куси панталони“ излезе 2017; „Пирови победи на патот за Европа“ 2020 година; „Креативниот демон на глупоста“ во 2023 година. 

Најдолу се претставени кориците на петте книги.

 

Надежта постои, но не за нас

Текстовиве за удолниот релјеф на времето не се хроника на најважните настани; повеќе се лични промислувања за ретроградните историски тенденции што ги живееме, некаков дневник во кој ги запишував тегобните мисли за некои настани. Мој стар пријател вели: „Според содржината и темите на твоите текстови од недела во недела гледам кои книги ги читаш“. Прецизнава констатација исто така ја утврдува дневничката природа на овие есеи, но не ја негира основната мотивација на авторот да им даде смисла и некаква објективност на настаните што го обликуваат денешниот свет.

Средувајќи ги текстовиве забележувам дека превладуваат моите реакции на назадувачките појави не само во непрежалената Македоња, туку и ширум европскиот потконтинент, и потаму, през неговата прекуатлантска метастаза. Тие реакции се одраз на мојот непомир со удолните историски тенденции, па не е чудно што низ текстовите, покрај револтот, провејува и „бодриот“ песимизам. Конечно, насловот на збиркава зборува сам за себе.

Не е само моја вината за темните тонови овде: заглупавувањето на светот – во кое предничи кретенизацијата на татковината – е појава болно видлива и огромна, која веќе почна девастирачки да влијае на целиот земски живот.

Зошто заглупавувањето на човештвото, особено на Европа и САД, стана упорна историска тенденција? Како успеавме после три века просветителство, научен развој и масовно модерно образование кое ги славеше знаењето, методата, критичкото мислење, доказите и објективните факти, за само неколку децении да се претвориме во толпа тупаци со чие огласување и постапување царуваат глупоста, тапоста, и интелектуалната мрза и запустеност? Како тоа неписменоста и магичното мислење, теориите на заговор, политичката и расната омраза, новиот фашизам, заедно со поплавата од религиски фундаментализми, идентитетски бладања и кичерски национализми, повторно завладеаја со планетата?

Одговорите на овие животоважни прашања уште се зад линијата на недогледот, а поуките од овие историски понорници се уште подалеку отаде осојната страна на иднината. За жал, историските поуки тешко да можеме да ги очекуваме во догледна иднина оти досегашните историски факти кажуваат дека најголемиот број катастрофи, несреќи, војни, сета непрегледна историска маса страдања, не само што останаа без поука, смисла или разбирање, туку се безмилосно фрлени во заборав, во забрзаниот, несопирлив и во ништо загледан маршев чекор на времето.

Веројатно затоа бесните бранови на историската залудност на катастрофите, како и повторувачката тапост на несреќите, јаросно удираат во нашите прозорци и екрани, како што плимата од одвратни вести го плави медиумскиот простор на планетава.

Имам чувство дека најодговорен за удолниот релјеф на времето е недостатокот на политичка имагинација која би требало да обезбеди преосмислување на општеството, во насока на заедница од слободни и рамноправни граѓани на светот. Идеал што би ги мобилизирал луѓето и би им дал надеж за подобро утре. Ми се чини дека причинител за ова пандемиско затапување е што ја заборавивме моќната и негогаш широко распространетата хумана и праведна посткапиталистичка перспектива на светот – социјалистичката идеја за општество ослободено од експлоатација и од економско, политичко и социјално ропство.

Заборавот на идеите на класната освестеност неминовно е проследен со пропаѓањето на речиси сите прогресивни леви движења, како и на интернационалните движења што се борат за остварување на универзалните вредности на еднаквоста и солидарноста меѓу луѓето.

Резултанта на овие ментално ерозивни чинители е вкупното заглупување на човечкиот вид, кој почна забрзано да се тркала удолу по историската стрмнина. Колку што е пострмна удолната крива на заглупавување, толку е пострмна угоре растечката крива на девастирачките последици врз природата и климата на целата планета. Колку што се намалуваат природните ресурси, толку поупорно хомосапиенсот се држи за самоубиствената капиталистичка мантра за бесконечниот економски и материјален раст, и толку повеќе се зголемуваат апсолутните бројки на материјалното производство и потрошувачката, загадувањето на земјата и атмосферата, како и самоубиствената дефорестација и истребувањето на живите видови.

Ќе се запрашате, најпосле, згрозени од овој благонадежен вовед, каде попат исчезна надежта во подоброто утре, без која човекот не може да го совлада денот? Бидете без грижа, ви порачува оваа збирка есеи, надежта е секогаш со нас, зашто таа им е дадена само на оние што ја немаат.

Скопје, 25.02.2026

 

 

ОкоБоли главаВицФото