1011 hPa
31 %
37 °C
Скопје - Нед, 19.07.2026 16:59

Во Мобилна/Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата, вчера беше отворена самостојната изложба „Под кревет“ на младата уметница Ангела Бошевска, во организација на Центар за современи уметности Скопје.
Изложбата претставува личен и универзален концепт што ги истражува потиснатите аспекти на човековата личност – емоциите, мемориите, желбите, стравовите, траумите, носталгијата, срамот и љубовта, кои со текот на времето стануваат болни или непотребни. Според концептот на авторката, тие чувства симболично се „сокриваат под кревет“, простор кој изгледа заборавен, но останува жив и активен.
Ангела Бошевска е родена во Битола во 2000 година, а дипломирала на Факултет за ликовни уметности во 2024 година, во класата на Јован Шумковски. Живее и работи во Скопје.
Нејзината уметничка практика е интердисциплинарна и вклучува дигитална уметност, сликарство, скулптура, 2Д анимација, фотографија, 3Д моделирање и 3Д печатење. Досега има учествувано на повеќе групни изложби и интердисциплинарни проекти, меѓу кои „Скулптури на иднината“, „Под земја полесно се дише“, „Допирна точка“, „Изгрејсонце по сонот“, „Фијук“ и „Пресек“ во Остен галерија.
Меѓу нејзините претходни проекти се и краткометражниот филм „Премин“, претставен на Браќа Манаки, како и дипломскиот проект „Спиј Разумно“ реализиран во 2024 година.