Доживелиците од улицата „Данил Хармс“ (6)

28.05.2026 14:49
Доживелиците од улицата „Данил Хармс“ (6)

 

Конески и Митрев

Блаже Конески еднаш го збунил ригидниот естетичар и критичар Димитар Митрев.

„Подобро е лошото да се нарече добро, отколку доброто лошо, и затоа велам дека Шостакович, веројатно, е гениј.“

„Па, би можел да се согласам со ова, Блаже. Многу глупости сум ги прогласил за добри, позната ми е тематикава“, рекол Митрев.

„Но, чуј, Митрев, синоќа, слушајќи ги првите два чина на операта „Леди Магбет“ бев склон да помислам дека Шостакович не е гениј“, рекол Блаже.

„Туф, туф, многу јаки морални недоумици ццц. Туку, Блаже, прими го советот што ти го дава Данил Хармс, преку мене: ’Одбери некое држење и карактерно поднесувај го до крај. Јас, на пример, порано имав држење на Индијанец, па на Шерлок Холмс, потоа бев јогин, а сега сум раздразлив невростеник. Последново не би сакал да го задржам. Треба да смислам ново.’“

„Не сум слушнал за Данил Хармс“, рекол Блаже.

Никогаш повеќе. Не мора секојпат да користиш знаци за наводници во воздух.

 

Лов по мигот и епохата

Коле Чашуле еднаш во „Јоле“ му рекол на својот пријател и модернистички соборец Димитар Солев: „Мораме да ја фатиме епохава!“ Димитар Митрев, конзервативниот критичар, од соседната маса цинично им дофрлил: „Дечки, мигов не е баш ваш момент“, и им се насмеал.

Според некои книжевни историчари, тоа бил мигот кога почнала „војната“ меѓу македонските „реалисти“ и „модернисти“. Но, надвор од тие претенциозни културно-историски произволности, Димитар Солев во таа ситуација доживеал просветление. Имено, токму во тој миг тој добил неодолив порив да го дофати мигот, т.е. епохата.

„Ние ќе ја фатиме епохата!“, самоуверено му се дрекнал Солев на Митрев.

„Лесно е да се каже, тешко е да се направи. Мислам дека таа фраза е бесмислена. Не треба луѓето да бидат гонети кон невозможното“, рекол Митрев. „Мигот не може да се улови, го велам со полна сигурност, оти работата ја имам искусено. Сум го ловел мигот и не сум го уловил. Само го скршив часовникот. И сега знам дека е тоа неможно. Неможно е, исто така, ’да се улови епохата’, оти епохата е ист таков миг, само поголем. Сосема е друго ако кажете: ’врежете го во сеќавањето сето она што се случува во мигов’. Тоа е сосема друго. Еве, на пример: еден, два, три. Ништо не се случи! И јас, ете, го врежав во сеќавањето мигот во кој ништо не се случи.“

Чашуле и Солев фрапирано ја слушале и гледале необичната аргументација на Митрев, кој продолжил:

„Не ви е јасно, колеги?! Истово му го имам речено и на Георги Старделов. Нему, за разлика од вас, работата толку му се допадна што цел ден го помина броејќи еден, два, три, и забележувајќи дека притоа ништо не се случува...“

Грегор се претвори во џиновска бубашваба, а сè уште нема ни забележано.

 

Филозофу Митрев!

Филозофу Митрев!

Одговарам на Вашето писмо, кое се спремате да ми го напишете како одговор на моето писмо, кое јас Вам веќе Ви го напишав. Ви одговарам во две точки.

Точка № 1. Вие не сте во право. За жал, не можам да ја развијам мислава.

Точка № 2. Вие сте во право. За жал, ни оваа мисла не можам да ја развијам.

Филозофу!

Видов чудо: постар човек во долг старински капут трчаше околу едно дрво. Тоа се случи денски, во Градскиот парк.

Филозофу!

Ние двајца разменивме писма и тоа ме потсетува на следниов случај: еден виолинист купил магнет и го понел дома. По пат навратил во продавница во која се продаваат газирани пијалаци и побарал чаша сок од вишни. За да му биде поудобно, виолинистот го спуштил магнетот на тезгата, ја зел чашата со двете раце и ја принел до устата.

— На здравје пијачката! — рекла во тој миг госпоѓицата-продавачка.

— Пијам во Ваше здравје! — ѝ возвратил виолинистот на госпоѓицата-продавачка и го испил сокот од вишни.

На оваа приказна се сетив оти ние двајцата разменивме писма, токму како што виолинистот и продавачката разменија неколку љубезни зборови.

Ваш Георги Старделов

 


Хамлет денес

Слики: Дејв Каверли

ОкоБоли главаВицФото