1015 hPa
82 %
16 °C
Скопје - Чет, 11.06.2026 05:59

Јавна соба
29 мај 2026 (петок)
21:30
Влез: 200 денари (100 денари за студенти)
Панукла сесии продолжуваат со трето поглавје – вечер посветена на музиката што се создава во моментот, на слободната импровизација, на звукот како ризик, процес и колективна авантура.
Овојпат, програмата носи два различни пристапи кон современата авангардна и импровизирана музика – едниот суров, фрагментиран и бучен; другиот дроновски, атмосферичен и длабоко меланхоличен. Две формации кои од различни агли ја истражуваат можноста музиката да стане простор за активно слушање и губење во звукот.
НАМУЗ
Андреј Татарчевски – електрична гитара и ефекти
Кристијан Новковски – тапани
Филип Букршлиев – електрична гитара
Константин Хаџи Коцев – пијано
Нинослав Спировски – кларинет и саксофон
НАМУЗ е ново ехо од плодното скопско музичко подземје. Звукот на ова енергично дуо претставува фино контролирана бучава: искршен мат рок, расипан џез, пост-ноиз рок, електронски рок за техно отпадници... Тешко може да се класифицира, без да се навлезе во терминолошки небулози. Музика што функционира како постојана тензија помеѓу ритамот, дисторзијата и распадот на формата.
Неконвенционалното трио Букршлиев/Хаџи Коцев/Спировски создава музика што се движи помеѓу амбиентален џез, дрон, слободна импровизација и урбана меланхолија. Нивните настапи не се базираат на однапред зададени структури, туку на внимателно градење атмосфера, суптилни поместувања и колективна интеракција што постепено се расплинува во густи звучни пејзажи. Нивната музика повеќе звучи како ноќна прошетка низ празно и сиво Скопје, отколку на класичен концерт – музика што бара концентрација, но возвраќа со ретко чувство на интимност и просторност.
Панукла сесиите се место за средба – на музичари, слушатели и идеи. Простор за музика со отворени краеви, за импровизација, ризик и звук што се случува тука и сега.