Граничното растројство на личноста (2)

01.06.2026 11:43
Граничното растројство на личноста (2)

Граничните пациенти најважните информации ги пренесуваат не преку содржината на своите зборови, туку преку ‘позадинската музика’ на нивната емоционална состојба.
Ричард Стерба

Според Меквилијамс (1994) граничните личности се истовремено и слични и различни од луѓето дијагностицирани со психоза, особено во однос на чувството за себе и идентитетот. Нивното доживување на себеси често е исполнето со недоследности, лагуни и неповрзани фрагменти; кога терапевтот ќе ги праша да ја опишат својата личност, можат, како и психотичните, да останат без јасен одговор.

За разлика од психотичните пациенти, нивниот говор не е конкретен или толку оддалечен од темата што станува бизарен, но сепак тешко се носат со комплексната природа на себеси и на другите. Кога во тераписки контекст ги прашуваме да ги опишат важните луѓе во својот живот, граничните пациенти ретко даваат богати, тродимензионални и живописни описи на реални личности. Наместо тоа, одговорите се често општи, сиромашни и еднослојни, како на пример: „Мајка ми? Па, вообичаена мајка, претпоставувам.“ Често користат сведени описи, како: „Алкохоличар. Тоа е сè.“

И покрај тоа што и едните и другите немаат стабилно или интегрирано чувство за себе, односот на граничните пациенти кон сопствениот идентитет се разликува од оној кај психотичните. (Важно е да запаметиме дека целосна интеграција е само идеал и само минлива, краткотрајна состојба. И невротичните, односно постабилно структурираните лица никогаш не се постојано или целосно интегрирани.)

Да се вратиме на бордерлајн структурата. Нивното самочувствие се разликува од психотичното во два аспекта. Прво, недоследното, фрагментирано и исполнето со лагуни „јас“ кај граничните лица не поттикнува егзистенцијален ужас кој е карактеристичен кај луѓето со шизофренија. Граничните пациенти можеби имаат конфузија на идентитетот, но сепак повеќето од времето знаат дека постојат. Второ, луѓето со психоза многу поретко од граничните реагираат со непријателство на прашања поставени од терапевтот во врска со нивниот идентитет или тој на најблиските. Психотичарите се премногу загрижени за можноста целосно да го изгубат чувството за сопствено постоење, без оглед дали е тоа фрагментирано или не, за да негодуваат поради фокусот на клиничарот на ова прашање.

Всушност, бордерлајн клиентите на прашањата околу идентитет, самочувствието, себе-доживувањето често се бранат со хостилност. Меквилијамс дава кус пример со пациентка која што избувнала во силен бес кога ѝ бил даден прашалник како дел од стандардната процедура при прием во установа за ментално здравје. Во прашалникот имало дел со довршување на реченици, каде што требало да пополни празни места, како на пример: „Јас сум личност која ____________.“ При пополнувањето пациентката се разбеснувала со следните зборови: „Како некој воопшто може да знае што да прави со оваа гомненица, со оваа глупост…“ (Неколку години и безброј сесии подоцна, истата пациентка рекла: „Сега би можела да го пополнам тој формулар. Се прашувам зошто тогаш толку многу избувнав.“)

Според динамските терапевти, способноста на граничната личност да ја согледа сопствената „патологија“ — барем оние аспекти што се очигледни за надворешен набљудувач — е прилично ограничена. Луѓето со бордерлајн организација на личноста обично доаѓаат на терапија поради конкретни тегоби, како панични напади, депресија или поради физички состојби за кои лекарите, немајќи подобар одговор, им викаат дека се поврзани со „стрес“. Понекогаш доаѓаат само поради притисок од семејството. Но тие не доаѓаат со намера да ја променат својата личност во насока којашто на блиските им изгледа очигледна и пожелна. Бидејќи никогаш не доживеале поинаков начин на функционирање, тие немаат емоционална претстава за тоа како би било да имаат поинтегрирано или постабилно чувство за себа, позрели одбранбени механизми, способност да го одложат задоволството, или поголема толеранција кон амбивалентност и неизвесност. Тие едноставно сакаат да престанат да страдаат.

Ако застанеме за момент, веројатно речиси секој би се препознал во последниов пасус - па секој од нас започнува психотерапија првенствено не за да се промени вистински, туку за да престане да страда. Но, разликата е тоа што кај граничните личности се јавува силен и агресивен отпор при можноста за промена; попрво постојано, со години, ќе ги напаѓаат сите наоколу во улога на жртва, вклучитено и клиничарите, отколку да се запрашаат што тие самите придонесуваат во сопственото страдање и што можат да променат. Невротски структурираните личности, иако со тешкотии и не веднаш, сепак после некое време стигаат до таканаречената „субјективна ректификација“, лакановскиот концепт. Субјективната ректификација претставува клинички пресврт во кој пациентот преминува од жалење и обвинување на другите кон преиспитување на сопствената вклученост во своето страдање. Според Лакан, ова поместување, кое често се случува во прелиминарните интервјуа, но може да се случи и подоцна, после неколку месеци или една година тераписка работа, го означува почетокот на анализата, или вистинскиот влез во анализата. Субјективната ректификација го поставува субјектот во поинаков однос кон сопственото уживање (jouissance) и несвесната одговорност.

Да продолжиме со бордерлајн личностите. Во нерегресирани состојби, бидејќи нивното тестирање на реалноста е зачувано и затоа што често умеат да се претстават на начин што буди емпатија кај терапевтот, тие не изгледаат особено „болни“. Понекогаш, дури по подолг тек на психотерапијата, терапевтот сфаќа дека одреден пациент поседува гранична структура.

Обично, првиот знак е тоа што интервенциите што терапевтот ги прави со намера да помогне, пациентот ги доживува како напад. Со други зборови, терапевтот безуспешно се обидува да допре до набљудувачкото его (дел од клиентот кој е сојузник на терапевтот во аналитичкиот процес). Во тие моменти бордерлајн клиентот се чувствува како некој дел од неговото „јас“ да е критикуван. Значи, терапевтот се обидува да воспостави работна алијанса каква што вообичаено се создава со пациенти на невротично ниво, но повторно и повторно наидува на тешкотии и неуспех во своите обиди.

Џејмс Мастерсон (1976) доста живописно опишал како граничните пациенти изгледаат заглавени во една суштинска дилема: кога се чувствуваат блиски со друга личност, доживуваат снажна паника поради стравот дека ќе бидат „проголтани“ и целосно контролирани од другиот; кога, пак, се одвоени од другиот, како на пример, кога партнерката си врши некои свои работи, доживуваат трауматско чувство на напуштеност. Овој централен конфликт во нивното емоционално доживување доведува до тоа постојано да се движат напред–назад во односите, вклучително и во терапијата, каде што не им е возможно да доживеат (или да дозволат) оптимална дистанца или близина со другиот. Со други зборови, граничната личност е „заробена“ во дилемите на сепарација и индивидуација, и горенаведената „формула“ им помага на клиничарите подобро да ги разберат екстремните и често збунувачки карактеристики на овие пациенти.

Животот со ваков основен конфликт е исцрпувачки, и за самите клиенти, но и за нивните пријатели, партнери, семејства, па и терапевти. Тие се добро познати на службите за итна психијатриска помош, пред чии врати често се појавуваат со говор за самоубиство, покажувајќи однесување што се опишува како „барање помош – одбивање помош“.

Од идеализација кон девалуација: Кај граничните пациенти трансферот кон терапевтот е многу силен; најчесто го доживуваат терапевтот во чисти, апсолутни крајности, од „потполно добар„ до „потполно лош“, без чувство за нешто помеѓу, комплексност, амбивалентност или нијанси. Вообичаено гранична личност во една состојба на умот ја доживува терапевтката како речиси божествена, апслолутно идеализирана— со огромна моќ и доблести — а во друга состојба (која може да се појави веќе следниот час), ја омаловажува, како слаба и достојна за презир.

Како што читателите можат да претпостават, контратрансферните реакции во работата со граничните пациенти обично се силни и вознемирувачки. Дури и кога не се негативни (на пример, кога терапевтот длабоко сочувствува со „очајното дете“ внатре граничната личност и има фантазии да го спаси пациентот и да му даде нешто што никотј друг претходно не му го дал), овие контратрансферни реакции речиси секогаш се интензивни и исцрпувачки.
Многу аналитичари во болнички услови (Ото Кернберг, 1981), забележале дека професионалците имаат тенденција или да бидат претерано грижливи кон граничните пациенти (гледајќи ги како многу ранливи личности на кои им е потребна љубов за да се излечат), или да бидат непотребно казнувачки настроени кон нив (гледајќи ги како претешки, преизискателни и манипулативни личности на кои им се потребни јасни граници). Кога се дискутираат плановите за третман на гранични пациенти, членовите на персоналот во болнички оддели често се делат во спротивставени „табори“, врз основа на двете гореспоменати позиции. Терапевтите, пак, во приватна пракса, можат постојано внатрешно да се движат меѓу овие две позиции, одразувајќи ги различните страни на конфликтот на својот пациент.

Ќе продолжиме со еден подолг цитат од „ Граничното растројство на личноста: нови перспективи“ од Жаклин Симон Ган и Брент Потер (2015): „Како доживува еден професионалец за ментално здравје личност означена со гранично растројство на личноста? Одговорот е едноставен: на ист начин како и повеќето други луѓе. Тие можат да бидат силно предизвикувачки, но истото важи и за другите клиенти. Зошто постои толкава историска и современа клиничка дефанзивност кон ваквиот вид на страдање? Граничните клиенти нè плашат нас професионалците за ментално здравје. Тие можат да бидат нападни, суицидални, хомицидални, во еден момент полни со љубов, а во следниот сурови. Можат да бидат склони кон тужби, да бараат внимание, да бидат еуфорични, а потоа празни и без содржина. Се добива чувство дека „граничноста“ е како Големиот Кањон, а терапевтот има само мала лопатка со која се обидува да ја пополни празнината. Често е тешко да се процени дали навистина се суицидални или го користат тоа како начин да ја изразат потребата да бидат видени. Понекогаш овие нешта се појавуваат во комбинација, како кога некој се обидува да изврши самоубиство како повик за помош и случајно, импулсивно успева. Со оглед на променливото, пропустливо, фрагментирано ‘јас’ што често го имаат, кој умира кога се закануваат или извршуваат самоубиство? Дали го убиваат системот за самоодржување ‘не верувај, не зборувај, не чувствувај’? Можеби им се одмаздуваат на насилниците од најраното детство — ‘ќе им покажам!’

Фантазиите за тоа како другите би реагирале на нивниот погреб, на пример, можат да послужат како вид гориво за зацврстување на чувството за сопствено ‘јас’ и вредност. Можеби тие го ‘убиваат’ таканареченото ‘болно јас’. Особено ако се вклучени во терапија или некаков процес на личен раст, можно е да се плашат од новото ‘јас’ што ќе произлезе од тој процес. Новото или тоа ‘јас’ во настанување е непознато ‘јас’ — а затоа и опасно, бидејќи таа нова ‘личност’ може исто така да стане насилна или да ги напушти. Можеби суицидалниот гест или идеја претставува обид за воспоставување контрола врз себеси — „барем ова можам да го контролирам!“ Лутината, бесот, огорченоста и омразата можат да ја поткрепат личноста — ‘не сум слаб, јас сум силен!’ Можеби срамот, вината, повреденоста, збунетоста и празнината се дел од самата средина, така да се каже, некаква ‘позадинска радијација’ на опкружувањето, а суицидалните мисли и постапки се начин да се обликуваат тие дадености на средината. Сето ова може да биде навистина застрашувачко за еден клиничар.

Повеќето клиничари имаат лично искуство или познаваат колега кој доживеал случај во кој лице означено како „гранично“ успешно извршило самоубиство. Ова често се случува токму кога клиничарот е на одмор. Клиентот е тука — и одеднаш го нема. Едноставно исчезнува. Ова е навистина застрашувачко за повеќето професионалци во менталното здравје.

Типичната реакција кон „граничен“ клиент е поставување засилени ограничувања и рамки. Но, како и во многу други области од животот, кога постапуваме првенствено од страв, работите ретко завршуваат добро. Иако одредено поставување граници е соодветно, опасно е да се западне во фантазијата дека доволен број правила и ограничувања ќе ги надоместат катастрофалните околности што довеле до сегашната состојба.

Сличен пример може да се најде кај зависностите. Како многу здравствени работници и центри за третман да функционираат (најчесто несвесно) според филозофијата дека, ако се постават доволно граници, зависникот некако ќе ‘се освести’, ќе ја согледа вистината, ќе преземе одговорност, ќе донесе правилна одлука и ќе си го среди животот. Како и кај граничните клиенти, луѓето со зависности можат да бидат тешки за работа, често да рецидивираат и да ги повредуваат оние околу себе. Тоа природно предизвикува лутина и огорченост кај оние што искрено се обидуваат да помогнат. Свесно или несвесно, лесно е да се падне во искушение да се стигматизираат и казнуваат овие лица.” (завршува долг цитат)

Следната лекција ќе продолжиме со пренесување на матерјал од книгата од Симон Ган и Брент Потер (2015) и ќе се задржиме на прашањето: ако поставувањето на граници во работата со граничните личности не е ни оддалеку доволно, како тогаш можеме подобро да ги чуеме овие клиенти? Какво е аналитичкото слушање на ова растројство?

И ќе заклучиме со малку повеќе надеж: она што се нарекува „гранично растројство на личноста“ во суштина претставува непреработена рана траума. Веруваме дека низ долготрајна психодинамска терапија е можно таа траума да најде свој „релациски дом“ (Stolorow, 2011) и клиентот свесно да избере да пронајде смисла, дури и кога болката е присутна. Можно е не само да се намалат симптомите, туку личноста со гранична структура да живее исполнет живот — живот внатрешно стабилен и со смисла.

Слики:
Angela Dalinger

Слични содржини

Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Активизам / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Култура / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото