Отворен е конкурсот за наградата „Драги“ 2026 која се доделува за најдобар превод на македонски јазик

01.06.2026 12:45
Отворен е конкурсот за наградата „Драги“ 2026 која се доделува за најдобар превод на македонски јазик

Годинава конкурсот е посветен на поетски преводни дела, вклучувајќи поезија за возрасни и деца, како и драми во стих. Право на учество имаат книги објавени во периодот од 1 јули 2024 до 30 јуни 2026 година.

Според условите на конкурсот, делата треба да бидат преведени директно од оригиналниот јазик. Може да се номинираат преводи од современи и класични јазици, меѓу кои арапски, старогрчки, санскрит и латински.

Право на номинација имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи. Издавачките куќи и здруженијата можат да предложат најмногу десет книги, додека преведувачите можат да номинираат до три дела.

Конкурсот е отворен до 1 јули 2026 година.

Номинираните книги можат да бидат објавени во печатена или електронска форма, а задолжително е да поседуваат CIP-запис од Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ Скопје.

Печатените изданија треба да се достават во четири примероци до издавачката куќа „Антолог“, додека електронските изданија се испраќаат по електронски пат.

За наградата ќе одлучува тричлена комисија составена од преведувачи, писатели, книжевни критичари и познавачи на преводот. Добитникот ќе добие статуетка „Драги“ и парична награда во износ од 40.000 денари.

Наградата се реализира во организација на „Антолог“, со поддршка од Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Минатата година наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик ја доби Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на романот „Емпусион“ од Олга Токарчук, објавен од „Антолог“. Интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик им беше доделена на американските преведувачи Кристина Е. Крамер и Роли Грау за англискиот превод на изборот поезија „Долго доаѓање на огнот“ од Ацо Шопов.

Наградата „Драги“ е воспоставена во 2022 година и го носи името на Драги Михајловски, македонски писател, преведувач и универзитетски професор, познат по преводите на дела од Вилијам Шекспир, Џон Милтон, Перси Биш Шели, Џон Китс, Вилијам Блејк и Т. С. Елиот.

ОкоБоли главаВицФото