1015 hPa
82 %
16 °C
Скопје - Чет, 11.06.2026 05:59

Во Културно-информативниот центар во Скопје на 5 јуни, со почеток во 19 часот, во Салон „Империјал 2“ ќе се одржи промоција на книгата „Од Црвенкапа до Џинџуџе“ од универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска, во издание на издавачката куќа „Панили“.
Книгата ќе биде претставена преку разговор меѓу авторката и Елена Ѓорѓиовска, која под менторство на Мојсова-Чепишевска работела магистерски труд посветен на македонската книжевност за деца.
На промоцијата извадоци од книгата ќе читаат Ана Манасиевска, Марија Наумоска и Ана Љубиќ, студентки на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
„Од Црвенкапа до Џинџуџе“ се занимава со книжевноста за деца, нејзината историја, теорија и поетика, како и со улогата на детската литература во книжевната и културната традиција. Во книгата се анализираат различни книжевни модели, ликови и дела од областа на литературата за најмладите читатели.
Весна Мојсова-Чепишевска е професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во својата академска и научна работа се занимава со современата македонска книжевност, книжевната критика и книжевноста за деца.