Привилегијата на молчењето и соучесништвото. Епстин не го „кршеше законот“, туку водеше „контроверзен приватен живот“.

02.06.2026 01:36
Привилегијата на молчењето и соучесништвото. Епстин не го „кршеше законот“, туку водеше „контроверзен приватен живот“

Уште во 2008 година, Џефри Епстин, њујоршки милионер, за првпат беше осуден во округот Палм Бич на 13 месеци затвор поради односи со малолетничка. Во 2005 година, родителите на 14-годишно девојче го пријавиле Епстин во полиција бидејќи во својот дом во Палм Бич ја злоставувал нивната ќерка. Пред локалната полиција во 2006 година да го предаде случајот на ФБИ, биле идентификувани уште 34 жени кои посведочиле дека Епстин, додека сè уште биле малолетнички, им плаќал за еротски масажи, орален секс и сексуален однос. Според полицискиот извештај, злоставувањето на малолетничките траело од 2001 година, кога повеќето жртви имале помеѓу 13 и 16 години. Многу од нив доаѓале од сиромашни семејства, а Епстин им нудел од 200 до 300 долари по „масажа“. Сојузното обвинителство, предводено од Александар Акоста, идниот министер за труд на Трамп, во 2008 година постигнува договор со адвокатите на Епстин кој му овозможи да избегне сојузно обвинение доколку ја признае вината за „наведување на проституција и подведување малолетничка на проституција“. Пред договорот, а според првобитното обвинение, на Епстин му се заканувал доживотен затвор. По зделката со Акоста, тој „одлежа“ само 13 месеци, при што ја уживаше привилегијата шест дена во неделата, по 12 часа дневно, да работи во сопствената канцеларија, каде што го носеше и го враќаше приватен возач. Дури години подоцна, Џули К. Браун, новинарка на The Miami Herald, го разоткри договорот со Акоста, како и нималку случајниот факт дека обвинителството го прекршило сојузниот закон бидејќи не ги известило, а морало да ги извести жртвите за тој договор пред судијата да го одобри.

Освен местењето на казната, кое во американското правосудство е релативно често, особено кога станува збор за моќници, приказната поттикнува едно многу поинтригантно прашање: Како е можно и по осудата во 2008 година, за која морале да знаат, стотици, па дури и илјадници луѓе со години сè уште да вечераат на масата на Епстин, да ги поминуваат викендите на неговиот сончев остров или на ранчот во Ново Мексико, а никој да не забележи ништо морално сомнително или законски спорно во присуството на „девојките“, од кои некои буквално беа деца? Кои се тие? Зошто се таму? Од првото произлегува и второто прашање: Како е можно проектот на Епстин да трае толку долго?

За девојките не молчеше само „елитната“ вила. Луѓето како Илон Маск, Стив Бенон или гуруто за „долговечност“, Питер Атија, ги следат свити асистенти, придружници и приватен персонал – зарем никој ниту меѓу обичниот народ („стоката со ситни заби“) не кажа апсолутно ништо? Не ја продаде приказната? Не свирна во свирчето (не стана свиркач)? Во секојдневни околности, оддавањето тајни, ширењето гласини, трачеви и невистини расте експоненцијално, денес би рекле „вирално“. Зошто во овој случај сите молчеа и со задоволство се одзиваа на поканите иако знаеја дека нивниот домаќин е осуден сексуален престапник? Аферата Епстин, која на почетокот наликуваше на исклучителен политички трилер, во меѓувреме стана нешто многу посериозно – симбол на распадот на институционалната доверба на Западот. Во продолжение на текстот издвојуваме неколку аналитички и теоретски обиди за решавање на загатката околу специјалниот однос на соучесниците на Епстин во оваа Јавна Тајна.

Тајните, гласините и трачевите обично се шират „експоненцијално“. Но, во случајот на Епстин сите молчеа! (Феликс Нусбаум)

 

Статијата на Томас Пирмохамед Ламберт On Cannibalism and Jeffrey Epstein, Liberal institutions function like secret societies; february 2026, UnHeard тргнува од тезата дека случајот на Епстин мора да се разбере како најнов пример за еден древен и универзален општествен феномен – тајните друштва чија функција е воспоставување и одржување на хиерархијата. Авторот ги следи антрополошките истражувања од Франц Боас, кој на крајот на 19 век во Британска Колумбија открил канибалистички братства кај автохтоните народи, па сè до подоцнежните слични откритија во Нигерија, Меланезија и на други места, и заклучува дека тајните ритуали не се измислени од ниту еден конкретен народ, туку се антрополошка универзалија. Моделот е секогаш ист: тесен елитен круг меѓусебно се поврзува со понижувачки и застрашувачки ритуали, а остатокот од популацијата го држи во покорност.

Во таа шема, Епстин се појавува како модерен еквивалент – не како аномалија, туку како симптом. Неговата мрежа функционирала по истата логика: да ги компромитира иницираните и да ги застраши аутсајдерите (на пример, со помош на таканаречените СЛАП тужби за замолчување). Авторот оди чекор понатаму, тврдејќи дека либералните институции – правото, законодавството, бирократијата – сè повеќе функционираат на ист начин: не како неутрални механизми на праведноста, туку како затворен систем кој на иницираните им дава моќ, а кај останатите влева страв. Неговиот заклучок е отрезнувачки – случајот на Епстин не е исклучок во модерното општество, туку огледало на неговата суштина.

Во деловниот свет или во светот на државната безбедност, молчењето е институционализирано; тоа е проектирана карактеристика на системот, а не аномалија. Во тој контекст, молчењето не е последица на страв во буквална смисла на зборот. Секој учесник/вработен од самиот почеток е поставен пред рационален избор помеѓу „трошокот“ и „добивката“ од својата одлука. Ако проговори, си заминуваат работата, репутацијата, општествениот статус, идната кариера, а во случај на оддавање тајни на безбедносните служби, си заминува и личната слобода. Ако молчи (на пример, за деловна корупција), сè останува како што е, никој не се жали дека оној што молчи „создава проблеми“, тој не е правно одговорен и нема личен ризик. Овој механизам на (само)контрола социјалните психолози го нарекуваат „дифузија на одговорноста“ – колку повеќе сведоци има за некоја неправилност, толку е помала веројатноста некој од нив да интервенира, бидејќи секој се надева дека тоа ќе го стори некој друг. Институцијата создава култура во која молчењето се наградува, а зборувањето се казнува, и тој модел толку многу се интернализира што ниту самите учесници не го препознаваат како етички проблем, туку како професионална норма.

Во случајот на Епстин, културата на молчење функционирала по слична логика, но со неколку важни разлики. За разлика од корпоративното опкружување каде што хиерархијата е јасна, а моќта и одговорноста се формално дефининирани, мрежата на Епстин била хоризонтална и неформална. Ниту еден од неговите гости не бил негов вработен, ниту пак му бил формално подреден. Моделот на Епстин функционирал благодарение на чувството за ексклузивност како идентитетска одредница на оние кои биле дел од неговиот круг. Секој што ги прифаќал неговите покани за вечери и дружења, располагал со таканаречениот „социјален капитал на ексклузивноста“. Социјалните психолози го опишуваат светот на Епстин како „група во рамки на групата“, надоградена со категоријата на таканаречена „оптимална препознатливост“. Екстравагантноста на Џефри, неговиот рафиниран вкус, неговиот кул однос кон животот, ноншалантната политичка некоректност кога гласно го зборува она што другите само го мислат, неговиот „конзуматорски статус“: летови со приватен авион, карипски остров, гурмански вечери, париска резиденција – сè по ред обележја на првокласен идентитет – ги наведувале луѓето да посакаат да бидат во негово друштво. Причината за тоа е што неговата важност, посебност и „препознатливост“ го пренесувале квалитетот на ексклузивноста и врз останатите членови на групата. Епстин строго ги барал оние кои биле „внатре“. Неговите гости морале да бидат интересни, модерни, моќни или на некој начин корисни и употребливи.

Ексклузивноста привлекува – колку е поексклузивна една група, толку повеќе луѓе сакаат да влезат во неа. Таинственоста создавала граница помеѓу оние кои се внатре и оние кои се надвор, засилувајќи го чувството на посебност кај инсајдерите. Таинственоста е како лепак што ги поврзува членовите на групата. Некои од е-пораките на Епстин испратени до „пријателите“ звучеле речиси заканувачки – тој алудирал на заеднички тајни и ги нарекувал меѓусебен долг. Таа компромитираност преку учество во нешто за кое многумина чувствувале дека, во најмала рака, не е во ред, ги претворала во соучесници на колективното молчење и на зачувувањето на тајната. Луѓето молчат дури и кога самите не учествуваат во злосторството – доволно е само да бидат сведоци. Молчењето станува индивидуален товар од кој поединецот се брани – со продолжување на молчењето.

Моралниот филозоф Курт Греј, во статијата објавена во Herald Review со наслов „Молчење: Цената на пристапот во светот на Епстин“, објаснува како колективното молчење може да резултира со незамислива штета. Фокусирањето на секојдневието може да им помогне на луѓето да се дистанцираат од она што им се случува пред очи. Со Епстин тоа можело да оди приближно вака: Помлад раководител на некој универзитетски проект вели: „Одам таму. Ми треба финансиска поддршка за проектот, а тој забавен и интересен тип може да ми помогне со тоа“. Потоа се наоѓа на масата кај Епстин каде што сè е супер, духовито, со многу пари и разни опции, па – зошто да не? – посакува да биде дел од тој весел и опуштен свет, на прекрасен сончев остров, во прекрасна градина. Кој би се откажал од тоа исклучително друштво каде само небото е граница? Курт Греј објаснува: „И едноставно не размислуваш за тие жени, како стигнале таму, за нивната неволја или за нивната хуманост. Тоа е таков вид на морална кратковидост“. Културата на ексклузивност е придружена со статусна анксиозност која го гуши моралниот суд; има толку многу да се изгуби, па зошто да се поставуваат прашања чии одговори не ме засегаат? Сепак, тоа не го објаснува молчењето и присуството во кругот на Епстин на оние кои веќе имаа моќ – политичарите и деловните и технолошките могули. Мора да се работело за некој друг механизам.

Мајкл Таусиг (Институт за културни истражувања, Берлин) и насловната страница на неговата книга за јавната тајна.

 

Во антрополошката студија Defacement: Public Secrecy and the Labor of the Negative од 1999 година, австралиско-американскиот антрополог Мајкл Таусиг го анализира поимот „јавна тајна“ – знаење кое сите го споделуваат, но кое никој не го изговара гласно. Според Таусиг, јавната тајна не е само молчење за нешто, туку активен општествен конструкт кој креира заеднички идентитет токму преку заедничкото не-зборување. За Епстин сите релевантни учесници знаеле што прави, а сепак молчеле, и веројатно токму тоа заедничко молчење ја држело групата заедно. Во прологот на текстот, Таусиг го цитира Валтер Бенјамин, според кого „вистината не е работа на разоткривање кое ја уништува тајната, туку откривање кое ѝ оддава правда“. Притоа вистината, наведува Таусиг, „не е толку тајна колку што е јавна тајна, како што е случај со најважното општествено знаење – познавањето на она што не смее да се знае“.

Во оваа пригода може да се остане на најбаналната интерпретација на цитатот на Бенјамин (Таусиг му посветува цела книга): во сагата за Епстин поентата не беше само да се разгласи тајната, иако објавувањето на фактите е првиот и најнужниот чекор во утврдувањето на она што се случува. Со разоткривањето на тајните треба да се „задоволи правдата“. Почнувајќи од обештетување на жртвите (колку што е тоа можно), па сè до преиспитување на нашите јавни тајни и нашето „најважно општествено знаење“ – што е тоа што премолчуваме дека го знаеме и зошто? Со други зборови, разоткривањето на јавната тајна на Епстин би водело кон остварување на правдата, а токму во тоа ниту еден од учесниците не се осмели да се впушти.

Мери Даглас и насловната страница на нејзината позната книга.

 

Класичните социолошки и психолошки концепти за културата на молчење пред очигледното кршење на правилата на заедницата, како што се „ефектот на набљудувач“, „спиралата на молчење“ или „групното размислување“, се недоволни при анализа на комплексен случај како аферата Епстин. Како една од поинтересните се чини теоретската рамка што ја разви британскиот антрополог Мери Даглас во книгата Purity and Danger од 1966 година. Даглас анализира кога „нечистото“ станува заедничка тајна, а исто така посветува посебно внимание на јазикот. За почеток, таа ја изнесува тезата дека нечистотијата и табуто не се апсолутни категории, туку општествени конструкти: „Нечистотијата е материја на погрешно место“. Земјата во градината не е нечиста, но нечиста е кога е на кујнската маса. Крвта во телото не е нечиста, но крвта на крпата е. Она што го дефинираме како нечисто не е својствена карактеристика на самото нешто, туку резултат на класификациите со кои едно општество или група ја организира својата реалност и ги штити своите граници.

Затворената општествена група на Епстин, „групата во рамки на групата“, оперирала во сопствен систем на класификација кој одредувал што е прифатливо, а што не, кој е „внатре“, а кој е аутсајдер. Поделбата помеѓу инсајдерите и аутсајдерите не била само статусна, туку и морална: да се биде внатре значело да се биде член на посебна, супериорна група која не подлежела на правилата што важат за останатите. Ексклузивноста ја носела функцијата на морална амнестија. Quod licet Iovi, non licet bovi.

На друго ниво, а тука Даглас е особено релевантна, постоеше неискажана класификација на она што смее да се види и она што не смее да се види. Младо девојче кое послужува пијалаци на вечера на приватниот остров не е „нечисто“ во смисла дека бара реакција (Што прави ова дете тука?), бидејќи е рекласифицирано како „асистентка“, „млада пријателка“ или „приправничка“. Јазикот тука игра клучна улога. Кога на нешто ќе му го промениш името, со тоа ја менуваш и неговата/нејзината морална категорија. Епстин не се опкружуваше со „жртви“, тие беа „девојки“. Она во што учествуваа не се нарекуваше „сексуално ропство“, туку тие нудеа услуга „масажа“. Епстин не го „прекршуваше законот“ – тој водеше „контроверзен приватен живот“.

Даглас истакнува дека она што една култура го прогласува за „нечисто“ секогаш се наоѓа на границата помеѓу две категории и не се вклопува во јасна класификација. Тоа „нешто“ што е „помеѓу“ ја загрозува стабилноста на целиот систем. Анализите на примитивните табуа, како што е Левитската забрана за консумирање свинско месо, покажуваат дека е забрането она што не одговара на јасните категории. На пример, свињата е „нечиста“ бидејќи има копита, но не прежива, за разлика од козата која е „нормално“ и „чисто“ животно, бидејќи има копита и прежива. Истото важи и за забраната за консумирање школки. Тие живеат во вода, но немаат ниту перки ниту лушпи како „вистинските“ риби. Според Левитскиот закон, „чистите“ водени животни мора истовремено да имаат и перки и лушпи. Аномалиите се опасни бидејќи го доведуваат во прашање самиот систем на класификација. Секоја лиминалност е ризична.

Во случајот на Епстин, малолетно девојче, кое по возраста не е ниту возрасна жена ниту дете, кое не е ниту професионална придружничка ниту гостинка, претставува аномалија „помеѓу“ јасните категории. Нејзиното присуство го загрозува системот на класификација кој ја одржува групата стабилна. Токму тука Даглас нуди клучен увид – општествата, односно групите, се справуваат со аномалијата на неколку начини. Можат да ја игнорираат и да се преправаат дека не ја гледаат. Можат физички да ја отстранат, што и им се случуваше на девојките кои Епстин ги „отпушташе“ откако ќе станеа премногу видливи или неуредни. (Нерасчистувањето на сексуалните играчки Епстин го сметаше за особено вулгарно.) Понатаму – аномалијата може да се рекласифицира така што ќе ѝ се промени името, и конечно, може да се ритуализира – да се направи дел од групниот ритуал кој парадоксално ја засилува кохезијата на групата токму преку заедничкото учество во она што е „нечисто“. Овој последен механизам најдиректно го применува Пирмухамед Ламберт во споменатата анализа на мрежата на Епстин како модерен еквивалент на тајно друштво. Кога опишува како елитните кругови употребуваат понижувачки и застрашувачки ритуали за да ги врзат своите членови, Ламберт се потпира токму на традицијата на Мери Даглас. „Нечистото“ тука не е случајно, не е нуспроизвод, туку е – инструмент на кохезија. Заедничката тајна, заедничкиот грев, заедничката аномалија која сите ја гледаат, но никој не ја именува, создава врски кои се посилни од договорите и од формалните лојалности.

Света Ана повикува на тишина (непознат автор)

 

Меѓутоа, табуто не е само забрана туку и заштита. Она што е прогласено за табу се издвојува од секојдневната циркулација и со тоа станува недопирливо, но и моќно. Табуто ја штити границата меѓу светото и профаното, меѓу внатре и надвор, меѓу нашата група и сите останати. Во контекстот на Епстин, културата на молчење функционираше како систем на табуа. Да се зборува за она што се случува на островот и за неговите „забави“ претставуваше табу – не во формална, правна смисла, туку во општествена смисла, која за многумина учесници беше исто толку обврзувачка. Да се прекрши табуто значеше не само да се изложи Епстин, туку и себеси, бидејќи секој говор за вечерите и дружењето би значел дека и самиот си бил таму, дека си видел, дека си знаел и дека си молчел. Притоа, табуто го штитеше секој во групата рамномерно – активните сторители подеднакво како и пасивните сведоци. Овој механизам Даглас го опишува преку концептот на „заразување преку контакт“. Во примитивните системи на верување, оној што ќе го допре нечистото и самиот станува нечист. Во случајот на Епстин, оној што јавно би проговорил за „нечистотијата“, и самиот би станал „нечист“, бидејќи автоматски би бил означен како дел од мрежата на Епстин, како некој што бил близок со регистриран сексуален престапник.

Даглас предупредува дека системите на класификација не се вечни. Кога аномалијата ќе стане преголема за да може да се игнорира, кога рекласификацијата веќе не функционира и кога табуто станува неодржливо, системот се урива. Во аферата Епстин, моментот на уривање дојде постепено – не во еден пресвртен момент, туку како последица на акумулираните сознанија: од првичната осуда во 2008 година, преку упорното истражување на Џули К. Браун за Miami Herald, па сè до апсењето во 2019 година, самоубиството во затворот и објавувањето на документите. Но, уривањето на системот не создава автоматски и морална извесност. Напротив, во случајот на Епстин дојде до она што Даглас го нарекува „уверувања за загадување“, кои се шират неконтролирано и можат поддеднакво да ги зафатат и невините и виновните. Во аферата Епстин тоа се манифестираше преку теории на заговор кои го зафатија целиот политички спектар – преку МАГА наративите за сатанистички култови и глобална педофилска мрежа, како и преку неправедното етикетирање во кое секој контакт со Епстин, без оглед на неговата природа, беше третиран како доказ за вина. Системот на класификации кој ги штитеше привилегираните имплодираше во нов систем на класификации кој е подеднакво неточен, но во спротивна насока.

Следејќи ја теоријата на Мери Даглас, културата на молчење меѓу гостите на Епстин се одржуваше зашто секоја затворена група која развива сопствен систем на класификација – сопствена дефиниција за чисто и нечисто, за свое и туѓо, за видливо и невидливо – станува отпорна на надворешните морални категории. Внатре во групата, молчењето станува норма, а нормите секогаш им изгледаат природно и неизбежно на оние кои живеат во нив, сè додека системот не имплодира и додека не се појави нова класификација која претходните норми ги прави непрепознатливи. Ретроспективата е комфорна и измамувачка кога го бараме одговорот на прашањето од почетокот на текстот – „Како воопшто тоа беше можно?“. Како беше можно стотици интелигентни и образовани луѓе со години да молчат за нешто што е толку јасно и толку погрешно? Даглас објаснува дека вистинското прашање не е „Зошто молчеле?“, туку „Во каков систем на класификација живееле кој го направил нивното молчење не само можно, туку и рационално?“. Притоа, повторно треба да се потсетиме на Мајкл Таусиг – во што се состои нашето најважно општествено знаење, познавањето на она што не смее да се знае? Во светот во кој од ден на ден ни бега тлото под нозете како разиграни тектонски плочи, во моментот во кој неповратно се менуваат технолошките, геополитичките, етичките и другите парадигми (за многумина сè уште само номинално, но набрзо и реално), аферата Епстин и Мери Даглас нè наведуваат на премислување на сопствените системи на класификација и идните имплозии. Аферата Епстин не е само американска приказна. Таа е приказна за тоа како секоја група, секое општество и секоја институција го има она што не смее да го знае — сè додека не мора.

Извори (избор):

Julie K. Brown: “Perversion of Justice”
Joshua Rothman: “Are we living in the age of Epstein?” (New Yorker, Feb 2026)
Michael Wolff: Interviews with Epstein
Ryan Broderick: “How Epstein broke the internet” (Garbage Day)
The Economist: analiza 1.4 milijuna emaila
Alana Goodman & Daniel Halper – “A Convenient Death”
Barry Levine – “The Spider”
“Jeffrey Epstein: Filthy Rich” (Netflix, 2020)
“Ghislaine Maxwell: Filthy Rich” (2022)
Julie K. Brown – The Miami Herald serija investigativnih članaka
The New York Times – serija investigativnih članaka
Nezapečaćeni sudski dokumenti – dostupni preko CourtListener
“Are we living in the age of Epstein?”, Joshua Rothman, The New Yorker, Feb 24, 2026.
“Donald Trump, Jeffrey Epstein, and three conspiracy-theory theories”, Jon Allsop, July 18, 2025
Michael Wolff on MAGA Revolt, podcast, The New Yorker Radio Hour, 18 July 2025
“Ghislaine Maxwell’s Petition to the Supreme Court”, Jeannie Suk Gersen, The New Yorker, 14 Aug 2025
“Jeffrey Epstein, Marjorie Taylor Greene, and the future of American politics”, Jay Caspian Kang, The New Yorker, Nov 25, 2025
“The Persistent Pull of Planet Epstein”, Jay Caspian Kang, The New Yorker, 10 Oct 2025
“The Epstein Files reveal what Trump knew”, David Remnick, The New Yorker, 16 Feb, 2026
“Trump, Epstein, and the women”, by David Remnick, The New Yorker, Dec 24, 2005
“Trump admin seeks to strike Epstein connections from record – The Trump admin employs an extreme stalling tactic in suit concerning potential Epstein-related Trump interviews – by Russel Payne, Salon.com, 26 Feb 2026
“The Epstein Scandal is now a chronic disease of the Trump presidency”, by Susan B. Glasser, The New Yorker, 14 Nov, 2025
“Jeffrey Epstein’s bonfire of the elites”, by John Cassidy, The New Yorker, February 9, 2026.
The Sunday Story Podcast, “The Epstein Files, AI Journalism, and the Future of the Truth”
“The Epstein Files” – The AI native documentary podcast
“Pam Bondi’s contempt for Congress”, by Ruth Marcus, The New Yorker, 12 Febr 2026
Kate Pickett, ožujak 2026. – “Ekstremna nejednakost stvorila je svijet koji je Jeffrey Epstein iskorištavao”, Social Europe
Thomas Peermohamed Lambert, “On cannibalism and Jeffrey Epstein: Liberal institutions function like secret societies”, UnHeard
https://www.usatoday.com/story/entertainment/celebrities/2025/10/20/prin...
Sam Knight, “The Arrest of Former Prince Andrew”, The New Yorker, 19 Feb 2026
“UnHeard with Freddie Sayers: podcast Michael Tracey,”In defence of Prince Andrew”
Vergecast, “How Epstein became a tech influencer”
A Mighty Girl, “Boys’ Club: How Epstein’s Influence Shaped the Exclusion of Women in STEM”, X
Andi Zaisler, “Jeffrey Epstein helped fuel culture wars on campuses”, Salon
Susan B. Glasser, “Trump redefines the Washington scandal”, The New Yorker, 25 July 2025
Michael Taussig, “Defacement: Public Secrecy and the Labor of the Negative”

Насловна илустрација: Dom Pattison

Извор: https://ideje.hr/