1015 hPa
88 %
15 °C
Скопје - Чет, 11.06.2026 04:59

Ве потсетуваме дека оваа сабота, 6 јуни, од 10:00 до 12:00 часот, ќе се одржи „Марш на исклучените“, во рамки на 5тиот inFusion - Фестивал на инклузија.
Маршот претставува можност за заедничка поддршка, видливост и застапување на правото на слободно и безбедно движење, како и на еднакво учество на лицата со попреченост во сите сфери на општествениот живот.
Ги покануваме сите граѓани да ни се придружат – семејства, деца, млади, постари лица, лица со попреченост, родители со колички, велосипедисти и сите кои веруваат во поинклузивно и попристапно општество. Со заедничко присуство и позитивна енергија ќе испратиме силна порака дека јавните простори треба да бидат достапни за секого.
По завршувањето на маршот, на Летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк ќе следува богата програма со музика, друштвени игри, виртуелна реалност и активности наменети за сите генерации.
Вашето присуство е значајно. Заедно можеме да покажеме дека пристапноста е право, инклузијата е заедничка одговорност, а поддршката започнува со тоа да бидеме присутни едни за други.
Ве очекуваме да ни се придружите и заедно да дадеме поддршка за поинклузивно, посвесно и подостапно Скопје.