„Зентрифуга“ на Иван Шопов во потесниот избор за Европската награда за литература 2026

03.06.2026 00:19
„Зентрифуга“ на Иван Шопов во потесниот избор за Европската награда за литература 2026

Македонскиот писател Иван Шопов со романот „Зентрифуга“ (Бегемот, 2024) беше дел од потесниот избор за Европската награда за литература (EU Prize for Literature – EUPL) за 2026 година, чие годинешно издание се одржа од 27 до 30 мај во рамки на Саемот на книгата во Варшава.

Под мотото „Приказни што поминуваат граници“ беа претставени 14 дела од автори од 14 европски земји, меѓу кои и Македонија. Шопов ја претстави „Зентрифуга“ во разговор со чешката авторка Дора Капралова и шведскиот писател Франс Вахтмајстер.

Главната церемонија на доделувањето на наградата се одржа во Музејот на современата уметност во Варшава, каде што сите автори имаа можност да прочитаат извадок од своето дело на мајчин јазик.

Во септември, Европската награда за литература ќе објави антологија на англиски јазик со извадоци од сите книги што влегоа во потесниот избор. Изданието ќе биде промовирано на Саемот на книгата во Франкфурт.

Покрај книжевната промоција, настаните и работилниците организирани од EUPL беа насочени кон поврзување на авторите и издавачите, создавање нови соработки и зголемување на видливоста на современата европска литература надвор од националните граници.

Иван Шопов (1987) е писател, преведувач и уредник од Скопје. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Автор е на книги со кратки раскази, песни во проза и сатирични текстови, а пишува и поезија и хаику.

ОкоБоли главаВицФото