„Стрип Трип“ од 5 до 7 јуни во МКЦ

04.06.2026 01:02
„Стрип Трип“ од 5 до 7 јуни во МКЦ

Од 5 до 7 јуни 2026 година, Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде домаќин на четвртото издание на меѓународниот фестивал на деветтата уметност — „Стрип Трип“.

Главен гостин на „Стрип Трип“ 2026 е Бобан Пешов, италијански илустратор со потекло од Македонија, актуелен со графичката новела „C'era una volta l'Est“ / „Беше еднаш на Истокот“. Делото е добитник на повеќе признанија, меѓу кои наградата „Gran Guinigi“ на фестивалот Лука Комикс и наградата „Palmarès“ на неаполскиот Комикон. На фестивалот, Пешов ќе го промовира македонското издание на „Беше еднаш на Истокот“, а ќе се претстави и со изложба и цртачка сесија.

Специјален гостин е и Алекса Гајиќ, реномиран стрип-автор од Србија, кој ќе ја промовира својата најнова книга „Проширено поле на стрипот“ и ќе го прикаже краткиот анимиран филм „Крал на ништо“.

Во меѓународната програма учествуваат и Белкис Аксу од Турција, која ќе ги претстави своите мини-стрипови, како и Владимир Весовиќ од Србија, кој ќе одржи мастерклас и работилница за стрип.

Македонската стрип-сцена на фестивалот ќе ја претстават: Тони Анастасовски, Методија Стојановски, Јордан Коцевски, Ивана Атанасовска, Таки Гаковски, Димитри Балојани, Златко Крстевски и Ивица Дукоски.

Во рамки на фестивалот, на авторот, уредник и издавач Никола Гелевски ќе му биде врачена наградата „Македонско стрип наследство“, со која се оддава признание за неговиот придонес кон македонското стрип-творештво.

Програмата вклучува:

• три изложби со стрип-табли и илустрации од гостите и учесниците на конкурсите;
• промоции на нови домашни и регионални стрип-изданија;
• панели, презентации, мастерклас и работилница за стрип;
• цртачка „џем“ сесија со гостите;
• берза на стрипови, друштвени игри и поткаст во живо;
• диџеј сетови на Галатеа, Владодлак и Игор Калц.

Ко-организатори на фестивалот се стрип-книжарницата и издавач „Бункер“, здружението за промовирање на стрип-културата „Макстрипови“ и издавачката куќа „Стрип Квадрат“. Поддржувачи на македонската стрип-сцена вклучени во фестивалот се „Комикс МК“, „Парагонс Комикс“ и „Катран Комикс“.

Фестивалот се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам, Град Скопје и Општина Центар, а спонзор на настанот е Скопско Смут.

Следете ги официјалните Facebook и Instagram профили на „Стрип Трип“ за точниот распоред, програмските новости и дополнителни информации.

ОкоБоли главаВицФото