1014 hPa
45 %
29 °C
Скопје - Чет, 11.06.2026 11:59

Алоиз Корбаз (Aloïse Corbaz, 1886–1964) е родена во Лозана, во големо семејство. Нејзиниот татко бил поштар кој се обидувал своите внатрешни тензии да ги надмине со алкохол. Мајка ѝ починала од срцева болест кога Алоиз била многу млада. Во 1906 година завршила средно училиште, а потоа посетувала техничко училиште за кројачи, но никогаш не ја работела таа професија. Сонувала да стане пејачка бидејќи имала прекрасен глас, посетувала приватни часови по пеење и пеела во црковниот хор на катедралата во Лозана. Во тој период открила богат оперски репертоар. Кога се вљубила во млад француски свештеник кој дошол во Лозана да студира протестантска теологија, нејзината најстара сестра Маргерит строго ја прекинала таа врска. Во 1911 година се преселила во Потсдам, каде најпрво работела како учителка, а подоцна како гувернанта кај дворскиот капелан во палатата Сансуси, во близина на царот. Живеела меѓу пуританска строгост и царска раскош. Благодарение на својот глас, пеела и во дворската капела во присуство на царот. Како последица на тоа, развила опсесивна и измислена страст кон Вилхелм II, која не ѝ давала мир.
.jpg)
Нејзините психички нарушувања започнале кога имала дваесет и седум години, а избувнувањето на војната ја принудило да се врати во Швајцарија. Била хоспитализирана од 1918 година, а од 1920 до смртта живеела во азилот Ла Розиер. Во првите години од интернацијата се изолирала и повремено имала напади на насилство, но постепено се прилагодила на болничкиот живот. Веднаш по пристигнувањето во Ла Розиер почнала тајно да пишува и црта – таа прва продукција речиси целосно е уништена. Дури во 1936 година директорот на болницата и нејзиниот лекар почнале да покажуваат интерес за нејзината работа.
Алоиз тврдела дека доживеала симболична смрт, со што завршил нејзиниот прекин со „древниот природен свет на минатото“. „Црната кал“ конечно умрела, а таа повторно се родила како голема организаторка на дело исполнето со цвеќиња, кралеви, кралици, раскошни принцови и принцези, колачи и циркуси, познати и легендарни љубовни приказни. Огромна галерија портрети кои се истовремено раскошни и морничави, маски кои се изобилни и безизразни.
Во 1913 година Алоиз се вратила во Лозана и работела привремени работи. Развила заблуди, пишувала религиозни трактати за спас на светот, ширела антимилитаристичка пропаганда и промовирала вегетаријански начин на живот. Поради своите психички проблеми, од 1918 до 1920 година била хоспитализирана во психијатриската универзитетска болница во Сери. Лекарите зборувале за „параноидна шизофренија“. Потоа била префрлена во Ла Розиер во Жимел, каде останала до својата смрт, 44 години подоцна.
.jpg)
Во болницата Алоиз главно пеглала престилки за медицинските сестри. Но, веднаш по завршувањето на работата, почнувала да пишува и црта во тајност. Нејзините рани дела речиси не се зачувани. Дури по 1936 година професорот Ханс Штек, директор на психијатриската болница, а потоа во 1941 година и нејзината лекарка Жаклин Поре‒Форел, ја откриле нејзината извонредна уметност. Тогаш Алоиз Корбаз веќе имала 55 години. Оттогаш почнала да добива материјали за цртање. Жаклин Поре-Форел ја поврзала и со Жан Дибифе, кој веднаш ја препознал големината на нејзината уметност и почнал да ја промовира и изложува. Оваа средба била пресудна за историјата на Art Brut, а Алоиз Корбаз и денес се смета за најзначајна женска претставничка на овој правец.
Алоиз секогаш ги користела двете страни на хартијата, цртајќи со дрвени боички или маслени пастели. Користела сѐ што можела да најде: хартија за пакување, картони, коверти, задни страни од календари, паста за заби, овошни сокови, цветни ливчиња... За да создаде големи формати – некои подолги од 10 метри – сошивала повеќе листови хартија со конец.
.jpg)
Нејзиниот главен сликарски мотив биле мистичните љубовни сцени во силни бои и сложени композиции, полни со кралици и кралеви, принцови и принцези, историски личности како Наполеон и Марија Антоанета, генерали, анонимни офицери, папи, бискупи, циркуски луѓе, оперски хероини, раскошни цветови и декоративни орнаменти. Највпечатлива е нејзината употреба на боја: силни црвени, розови, жолти и сини тонови кои создаваат чувство на постојана емоционална возбуда. Ликовите често имаат големи, празни сини очи и изгледаат како да припаѓаат на некој сон или бајка.
Нејзината креативна активност може да се толкува како обид за реконструкција на сопствениот идентитет, што успеала да го постигне на митско ниво преку својата уметност. Одлично ги познавале оперите и ремек‒делата на класичното сликарство, преработувајќи ги во свој шарен и фантастичен визуелен јазик.
.jpg)
Ако треба една тема да го опише целиот нејзин опус, тоа е љубовта. Не реалната љубов, туку идеализирана, романтична, речиси мистична љубов. Нејзината имагинарна врска со Вилхелм II се претвора во огромен митолошки универзум населен со принцови, царици и театрални сцени. Токму затоа низа историчари на уметноста ја читаат нејзината работа како обид преку фантазијата да создаде алтернативна реалност во која љубовта, убавината и раскошот победуваат над ограничувањата на болничкиот живот.
Она што Алоиз Корбаз ја прави навистина посебна е што нејзините цртежи не изгледаат како документи за психичка болест, туку како визуелни опери — раскошни, еротични, меланхолични и исполнети со копнеж. Тие оставаат впечаток дека гледачот навлегува во интимен свет кој истовремено е и многу личен и необично универзален.
.jpg)
Францускиот уметник и теоретичар Жан Дибифе (Jean Dubuffet) ја вклучил Корбаз во својата прочуена колекција Art Brut и ја сметал за еден од најголемите таленти на ова движење. Денес нејзините дела се меѓу најценетите во Collection de l'Art Brut во Лозана, музејот што е светски центар за аутсајдерска уметност.
Делата на Алоиз Корбаз се наоѓаат и во Kunstmuseum Solothurn во Швајцарија, во Collection Philippe Eternod и Jean-David Mermod во Лозана, во Collection abcd/Bruno Decharme во Франција. Од 2021 година, Алоиз Корбаз е застапена и во Центарот Помпиду во Париз, во рамките на Donation d’Art Brut de Bruno Decharme, која опфаќа 921 дело.
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.