1016 hPa
77 %
17 °C
Скопје - Нед, 12.07.2026 05:05

Никола Гелевски, главниот уредник на Окно и Темплум, е добитник на наградата „Македонско стрип наследство“ за 2026, признание што се доделува во рамките на стрип-фестивалот „Стрип Трип“. „Наградата му се доделува за неговиот долгогодишен значаен придонес во развојот, афирмацијата и видливоста на современиот македонски стрип. “
Доделувањето на наградата и разговорот со Никола Гелевски планирани се за петти јуни (петок) во 18 часот во МКЦ, на почетокот на фестивалот „Стрип Трип“.
Гелевски од 1990 година е директор и главен уредник на книгоиздателството Темплум, со објавени околу 700 изданија во повеќе едиции. Важен дел меѓу сите тие изданија заземаат и стриповите, графичките новели.
Под псевдонимот Пандалф Вулкански, Гелевски во периодот од 1995 до 2000 година го уредувал списанието за стрип „Лифт“. Во своите 12 објавени броеви ова списание се етаблира како едно од најважните места за афирмација на македонскиот алтернативен и авторски стрип. Како кулминација на овој ангажман, во периодот 2000–2001 година беше организирана патувачката групна изложба „Стрип во лифт – македонскиот стрип во движење“, која претстави дваесетина домашни автори во Струмица, Гевгелија, Прилеп, Битола и Скопје. Неговата посветеност на овој медиум продолжува и во 2017 година, кога застанува зад уредништвото на едицијата за графички новели „Лифт“, фокусирана на преводи на клучни наслови од светската стрип-литература и на најинтересните домашни автори. Во 2018 година Гелевски ја основа и годишната награда за стрип „Лифт“, која до 2024 година активно ги поттикнуваше и ги мапираше младите стрип-автори од домашната сцена.
На македонската стрип-сцена Гелевски остава трага и како автор. Неговиот ангажман е обележан од „Лабрис“ – обемен стрип-проект од околу 900 страници, создаван во коавторство со Александар Станковски во периодот 1990–1996 година, од кои околу 420 страници беа објавени во списанието „Лифт“. Во раните 1990-ти, заедно со Игор Тошевски, ја создава илустрираната приказна „Призрак против Сенка“, објавувана во 22 продолженија во тогашниот списание „Наш свет“. Подоцнежните дела на Никола Гелевски често функционираат токму на пресекот меѓу литературата и деветтата уметност, што најдобро се огледува во неговите книги за деца како „Текстилна поема“, „Панда во дрон“ и „Птичји весник“.
Фото: Жарко Трајаноски