Ќе се викаше Лазар

08.06.2026 13:33
Ќе се викаше Лазар


1.

Татко ми ги дуваше проблемите

сè дур не пукнат и не се раселат

низ четирите страни на светот.

 

Никогаш не го украсуваше домот

– ни за родендени ни за погреби:

две-три свеќички и тоа беше сè.

 

Еднаш беше во лов на лисичарки

и се врати дома со змија на вратот.

Мајка ми дента шиеше венчаница.

 

Еднаш извади четири заби за пет

минути и јурна да си купи ракија

пред да затвори маалскиот дуќан.

 

Кога пржеше јајца, пишуваше хаику

на лушпите и веднаш ги фрлаше в ѓубре.

Ручаше точно 17 секунди, како Јапонец.

 

 

2.

Татко ми беше безмилосен: си мезеше парчиња

од сопственото месо со нож и виљушка,

а потоа се завлекуваше под раскантаниот

автомобил и внимателно слушаше каде капе.

 

Кога бил дете, баба ми го истепала со ружа

и целото лице му било ишарано со трнчиња.

Врескајќи од болка го кренал кампот на нозе,

а галебите од страв мигрирале во Италија.

 

Кога умре дедо ми, татко ми му посади споменик

и го украси со приспивни ферментирани овошки.

Татко ми ги знаеше сите фудбалери, и сите редум

ги пцуеше. Јас не знам ниту еден, ама пцујам.

 

Кога татко ми беше жирафа, си зборуваше

со комшијата дури приготвуваше лазања. Сељак,

ќе шепнеше и ќе си го изгореше домалиот прст

на левата рака болно како вибратото на Б.Б. Кинг.

 

 

3.

Татко ми ме извади од сонот на пијавицата

и ме довлечка дома за уши. Кој ти дозволи

да шеташ низ туѓи сништа во ниедно време?

– ме праша и се врати во семејната гробница.

 

Татко ми нервозно јадеше шпагети – се мачеше:

создаваше вртлози во чинијата и не успеваше

да дојде до залак. Потоа пиеше сто литри вода

и пливаше во себе викајќи му на телевизорот.

 

Татко ми беше луд по автомобили. Се сеќавам

на една стара фотографија со татко ми во прегратка

на автомобил играчка. Можеше да вози спиејќи:

којзнае какви неверојатни брзини сонуваше тогаш.

 

Татко ми беше бедуин: секогаш седеше на клинци.

Ќе седне, ќе стане, ќе седне, ќе стане... до бескрај.

Навечер си ги чистеше раните, наутро ги кршеше

сите огледала во зградата. Не го дочека пладнето.

 

 

4.

Те сонував вечерта пред да заминеш:

при секое трепкање бојата на очите ти се менуваше,

ти беше сеедно дали дишеш кислород или азот,

стапалата ти се издолжуваа сè до месечината,

улиците беа тесни, тротоарите испотени.

 

Си ги заборави ли последните зборови?

 

Те сонував и неколку вечери претходно:

со отворени очи мижеше пред огледало,

околу тебе пееше хор од лами и јакови,

ѕидовите беа центрифуги во фризерски

салон од некоја друга ера, здивовите

на птиците мирисаа на шеќер, ветрот кивна.

 

Си ги запомни ли првите заборави?

 

 

5.

Косата ти побеле скоро веднаш:

утрото печеше див зајак, застрелан

во трк помеѓу јазбината и сонот,

а очите ти гледаа десетина години

во иднината. Беше свежо бричен

и лицето ти беше покриено со сто

крвави парченца тоалетна хартија.

 

И тукутака, косата – снег.

 

Стомакот ти порасна скоро веднаш:

пладнето садеше домати и боранија

(и во чест на секое семе пиеше по

една на екс), се искара со пола комшии,

реши да засадиш и езеро во градината

– сосе трски, пијавици и риби, но баш

тогаш почнаа неројните летни суши.

 

И тукутака, стомакот – топка.

 

Стапалата ти се смалија скоро веднаш:

вечерта гледаше финале на Светско,

јадеше огромен сендвич со путер,

мортадела, феферони и марула, пиеше

чај од бокал и сурфаше нови модели

на BMW, а песот лаеше во молска скала.

 

И тукутака, стапалата – трошки.

 

 

6.

Ти можеше да бидеш месар – да немаше

толку дебели прсти. Можеше да бидеш

космонаут – да немаше толку голема глава.

Можеше да бидеш и цвет – да не зуеше како оса.

 

Ти и јас се смееме: сосем убав полароид.

Ти носиш скафандер, јас носам пелени.

Сè помалку им се смеам на спомените:

тие се муртат и се туфкаат низ гробовите.

 

Ти ги мразеше облаците: секоја форма

те асоцираше на нечија скорашна смрт.

Види го облакон: ќе умре комшијата.

Кога го виде својот облак, пушти мустаќи.

 

Еднаш, го препливавме морето заедно.

Под нас нуркачите ловеа октоподи,

а ајкулите читаа крими-романчиња.

Сè уште имам жабри под мишките.

 

Еднаш предизвика толку силен земјотрес,

што соседите потонаа како мачки пред пензија

и ги тепаа своите внучиња со дрвени лажици

истрауматизирани од саботни запршки.

 

Еднаш шеташе бос низ маалото и гласно

ги именуваше ѕвездите со говорни мани.

Потоа вечераше супа од телешка коска

и заспа во прегратка на неонските молци.

 

Ти никогаш не си ги бришеше очилата:

ги оставаше отпечатоците на деновите

да дремат низ твоите прекорни очи

и им пишуваше љубовни песни на маглите.

 

Кога пушеше, беше облечен во чад

и на главата носеше венец од коски.

Од немукает, соседите станаа пожарникари

и се пржеа под сонцето како компири во сомнителна меана.

 

Кога замина, денот стана полнолетен

и сите таксисти во градот молчеа

како мамурлак пред суд, обвинет

за говор на омраза кон понеделниците.

 

 

7.

Што ли сонуваше последно? – Сигурно

лута чорба, со парчиња премрсно месо

и печурки што мирисаат малку чудно;

 

или долга прошетка со германската

дога со уши како на клемпаво магаре;

или ламба што трепка побргу од молња

и ти ги мокри очите опиени со магла;

 

или не сонуваше оти гледаше утакмица,

или не сонуваше оти веќе беше мртов.

 

Што ли сонуваше прво? – Тоа го нема

во ниту еден бирократски дневник.

Среќа, умрените не плачат како бебиња.

 

 

8.

Да се родеше како комарец, ќе им ја шмукаше

крвта на сите намуртени комшии со голи стомаци

и ќе им зуеше на увце од понеделник до петок

додека не се удавеше во филџан со бајато кафе.

 

Да се родеше како тигар, ќе ги мразеше Англичаните

и ќе им ги дупнуваше топките на идните фудбалски ѕвезди.

Еднаш ја сретна Кралицата и сè и изнакажа:

оттогаш таа не изусти ниту еден пристоен збор.

 

Да се родеше како дабар, ќе ги урнеше сите брани

и ќе ја поплавеше котлината за да ги разладиш

вжештените облакодери. Граѓаните ќе научеа

да одат по вода и Севишниот ќе можеше да здивне.

 

Да се родеше како крт, ќе си шеташе

низ радишанските подземја облечен

во кошула од зелена свила и сандали

од телешка напа. Ќе се викаше Лазар.

 

 

9.

Не знам што би ти кажал сега

– и онака ти кажувам сешто

и ќе кажувам сешто за тебе.

 

Не знаев што да ти кажам

ни кога беше жив: си молчевме

и се греевме со свежа досада

додека кучињата и мачињата

ни ги јадеа кактусите и фантазираа

дека зборуваат со синиот папагал.

 

Внимателно си го делкаше срцето:

од него си правеше бротчиња

и отпловуваше којзнае каде. Можеби

во Валхала, можеби во Радишани.

Пред некој ден во гаражата најдов

твои чевли: стапалата ти беа како на девојче.

 

Не знам што би ти кажал сега

– и онака сè ќе заборавиш:

нема спомени во јазикот на мртвите.

 


 

Цртежи: Владимир Лукаш


Извор за песната: Владимир Лукаш - Кој ти дозволи да шеташ низ туѓи сништа во ниедно време? (Флип Бук, 2026)

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност / Уметност
Книжевност / Уметност
Книжевност
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото