Acting out: Гранично растројство на личноста (3)

10.06.2026 11:25
Acting out: граничното растројство на личноста (3)

 

Афектите и внатрешните состојби што граничните пациенти не можат да ги препознаат или да ги преточат во зборови, често ги комуницираат преку испади (acting out). А кога зборуваат, нивните зборови неретко функционираат како физичко орудие, буквално удираат и зашеметуваат со сопствените изјави и драматично однесувања.

За што всушност станува збор? Во првата половина на дваесеттиот век психоаналитичарите кои работеле со психотични и гранични пациенти забележале дека едно од најважните средства за нивно разбирање бил сопствениот интензивен контратрансфер. Но, дури со работата на Сандор Ференци, еден од претходниците на современата релациона психоанализа, како и со понатамошното развивање на концептите контратрансфер и проективна идентификација, почнуваме појасно да ја разбираме оваа „комуникација преку дејствување“, или „комуникација низ испади“, карактеристична за граничната организација на личноста. Основната претпоставка е дека кај покомплексните пациенти постои специфичен начин на комуникација: она што не може да се артикулира вербално се изразува преку односот и афективното доживување во терапевтската ситуација.

Уште во 1930-тите години Ференци укажувал дека постојат пациенти со кои не може да се работи од позиција на строга аналитичка неутралност. Со напуштањето на класичниот идеал на неутралност, Ференци му се спротивставил на својот учител и аналитичар, Фројд. Тој ја критикувал ригидната и емоционално дистанцирана аналитичка поставеност и развил поактивен, „мобилизирачки“ пристап, кој подразбира пореален и поангажиран одговор кон пациентите со психотични организации, нарцисистички патологии и гранична структура на личноста. Според него, невозможно е да се работи со овие пациенти ако не се земат предвид афектите што циркулираат внатре терапевтската релација.

Ако ја поедноставиме разликата меѓу Фројд и Ференци, би можеле да кажеме дека Фројд им давал примат на репрезентациите и зборовите, додека Ференци го нагласувал значењето на афектите, телесните доживувања и непосредното релациско искуство. Од неговата работа постепено се развил пристап кон посложените пациенти во кој клучната терапевтска алатка не е само интерпретацијата, туку и активната релационост. (Поради своите неконвенционални ставови и оддалечувањето од ортодоксната психоаналитичка традиција, Ференци долго време останал на маргините на психоаналитичката историја, па и сосема заборавен. Дури во последните децении неговото дело се ревитализира и препознава како најважен предвесник на современата релациона и интерсубјективна психоанализа. Но тоа е приказна за некоја друга лекција.)



Следејќи ја линијата отворена од Ференци, Доналд Виникот и Вилфред Бион неколку децении подоцна дополнително ја развиле идејата за аналитичарот како „реален објект“ за пациентот. Тоа значи дека аналитичарот не е само фигура врз која се проектираат фантазии и трансферни содржини, туку е и реално присутен Друг, кој активно учествува во создавањето терапевтски однос. Во овој пристап особено внимание се посветува на најраните и најпримитивните емоционални потреби на пациентот. Наместо да интерпретира, терапевтот станува некој што може да ги прими, содржи и обработи најсировите, најхаотичните и најнеструктурираните афективни состојби на пациентот.

Бион овој процес го опишува преку концептот „содржење“ (containment): пациентот несвесно ги проектира своите неподносливи емоции во аналитичарот, а аналитичарот ги прима, ги „дигестира“ и постепено му ги враќа во форма што може да биде поднесена, именувана и мисловно обработена. На тој начин она што првично било доживеано како преплавувачка и неразбирлива емоционална состојба постепено станува искуство што пациентот може да го почувствува, да го разбере и да го интегрира. (Токму истото што секоја „доволно-добра-мајка“, според Виникот, го прави во комуникацијата со своето новороденче.)


 

***

„Бордерлајн пациентите се невозможни за работа. Па што тогаш да правиме?“, прашуваат Жаклин Симон Ган и Брент Потер во книгата Граничното растројство на личноста: нови перспективи (2015). Како да бидеме со некого што толку многу страда?

„Можеме да започнеме така што ќе се обидеме да ја разбереме неговата животна приказна и траумите низ кои поминал. А потоа да направиме нешто навидум едноставно: да слушаме. Кога се фокусираме исклучиво на правила, граници, стигматизација или казнување, ризикуваме да ја изгубиме можноста навистина да го слушнеме човекот пред нас. Со други зборови, кога реагираме првенствено од страв, заземаме одбранбена позиција.

Како да слушаме? Ова можеби звучи како очигледно, па дури и помалку наивно прашање. Сепак, често се претпоставува дека професионалците за ментално здравје навистина ги слушаат своите „гранични“ пациенти. Во пракса, тоа не секогаш е така. Еден од начините на кои можеме да ги слушаме луѓето што страдаат на овој начин е да обрнеме внимание на сопствените чувства пред, за време и по средбата со нив. Не е воопшто невообичаено и кај клиничарите и кај луѓето што не се професионалци да се појават силни емоционални реакции — најчесто лутина, бес, иритација, а понекогаш дури и омраза. Од некоја причина, граничните личности често предизвикуваат исклучително интензивни, а понекогаш и мошне непријатни емоционални состојби кај луѓето со кои доаѓаат во контакт. Не е ретко човек да се затекне себеси како размислува: ‘Не ми се верува колку сум лут.’ Или: ‘Не можам да престанам да мислам на ова.’ Тоа е вид емоционална реакција што не завршува со разговорот, туку продолжува да одекнува долго потоа. Човек останува збунет од сопствените интензивни реакции, прашувајќи се: ‘Не ми се верува дека го кажав тоа’. ‘Не можам да поверувам колку бев бесен.’ Понекогаш и фантазиите што се појавуваат можат да бидат изненадувачки силни. Некој може да се фати себеси како помислува: ‘Сакав да го удрам директно в лице’. Се разбира, ваквите реакции не се ограничени само на средбите со луѓе со гранична структура. Сепак, токму во овие односи тие често се појавуваат со особена сила и упорност. Зошто е тоа така?



Мелани Клајн (1964) го воведува клучниот поим проективна идентификација за да го означи процесот преку кој личноста оттурнува и одвојува аспекти од сопственото искуство што ги доживува како неподносливи, а потоа — често со голем афективен интензитет — несвесно ги „внесува“ во психата на друг човек. Станува збор за примитивен механизам на психичко функционирање чија цел е, од една страна, да се ослободи субјектот од одредени неприфатливи чувства, импулси или претстави, а од друга страна, тие сепак да продолжат да постојат и да бидат доживувани преку некој друг. Со тоа што ги сместува во другиот, субјектот како да задржува одреден однос со овие аспекти на себеси, без притоа да мора да ги препознае како свои. Важно е да се нагласи дека во проективната идентификација содржините не се проектираат само врз другиот, туку фантазматски се проектираат во него. Една од несвесните фантазии што стои зад овој процес е фантазијата за контрола над другиот — како тој да може да биде користен како продолжение на сопствениот психички апарат или како марионета што ги носи и изразува несаканите делови на субјектот. Бидејќи станува збор за примитивен механизам, процесот во голема мера се одвива несвесно. Лицето што ја прима проекцијата може да почувствува збунетост, исцрпеност, губење на јасноста на сопствените мисли или привремено нарушување на чувството за сопствениот идентитет. Понекогаш дури може да има впечаток дека е вовлечено во туѓа психичка реалност и дека функционира како ‘сад’ што прима и носи нешто што првично не му припаѓало.

Содржините што се проектираат не мора да бидат само негативни. Тие можат да бидат и позитивни, оживувачки или идеализирачки. На пример, клиентот може да ја проектира сопствената надеж во терапевтката во момент кога веќе не е способен самиот да ја почувствува. Како да доживува сè освен надежта, а токму таа емоција почнува силно да се појавува кај терапевтката. На сличен начин, идеализираните аспекти на себеси можат да бидат сместени во другиот, што понекогаш создава односи на зависност, идеализација или силна идентификација. Со други зборови, чувствата и психичките состојби до кои личноста нема свесен пристап можат одбранбено да бидат преместени во другиот, каде што ќе предизвикаат токму такви чувства, мисли или реакции. Во таа смисла, проективната идентификација претставува исклучително моќен и сложен облик на меѓучовечка комуникација.



Еден од начините на кои можеме да го слушаме „граничниот“ пациент е преку внимателност кон сопствените емоционални реакции. Пациентот комуницира со нас, но често или не успеваме навистина да го слушнеме, или погрешно го разбираме она што се обидува да ни го соопшти. Тука доаѓаме до едно од важните согледувања на Мелани Клајн. Според неа, постои начин на кој луѓето што длабоко страдаат несвесно ја пренесуваат својата внатрешна состојба на другите. Како да испраќаат сигнали од местата на болка, беспомошност или очај што не можат лесно да бидат изразени со зборови. Преку проективната идентификација, тие не само што зборуваат за своето искуство, туку настојуваат другиот на некаков начин да го почувствува. Како да му пренесуваат дел од сопствената психичка реалност за да му покажат како е да се живее со неа однатре, ден за ден.

Ова помага да разбереме зошто луѓето што се во контакт со такви пациенти понекогаш одеднаш почнуваат да чувствуваат несразмерно силни или необјасниви емоции. Исто така може да објасни појави како збунетост, замор, расеаност или чувство на психичка отсутност. Во клиничката литература токму низ оваа призма понекогаш се разбира и феноменот на ненадејна поспаност кај терапевтот за време на сесија — како дел од афективното поле што се создава во односот. На едно најбазично ниво, ‘граничниот’ пациент, како и секој човек, се обидува да провери дали постои во умот на некој друг. Дали зазема живо место во психичкиот свет на другиот. Дали е почувствуван, задржан и носен во нечие присуство. Зад многу од неговите драматични реакции стои токму ова прашање: дали навистина постојам за Другиот?

На сите ни е потребно тоа — да постоиме во умот на другиот. Но кај луѓето што страдаат на овој начин, таа потреба често е особено интензивна и итна. Понекогаш очајот оди дотаму што човек се обидува да ѝ даде форма на својата болка преку самоуништувачки чин, да ја направи видлива и да предизвика кај другите барем дел од чувството со кое секојдневно живее. Сепак, во теоријата на Мелани Клајн постои и одреден проблем. Нејзиното објаснување во голема мера се потпира на метапсихолошки претпоставки според кои две одделни психи на некаков начин директно влијаат една врз друга. Но како точно некој ‘исфрла’ дел од својот ум во умот на другиот? На кој начин се случува тоа? И покрај овие теориски тешкотии, самото искуство е тешко да се негира. Клиничарите и пациентите одново и одново опишуваат состојби во кои чувствата, афектите и психичките состојби како да циркулираат во релацијата. Можно е сериозно да ги сфатиме овие искуства без притоа да мораме да ја прифатиме целата метапсихолошка конструкција што стои зад нив. Од релациона и интерсубјективна перспектива, проективната идентификација не мора да се разбира како мистериозен процес што се одвива меѓу две изолирани психи. Таа може да се сфати како нешто што се создава во односот меѓу двајца — како интерсубјективно искуство што се појавува во заедничкото психичко поле. Наместо едната личност едноставно да „вметнува“ содржини во другата, и двајцата несвесно учествуваат во создавањето емоционална реалност што потоа ја живеат и ја искусуваат заедно. (…)



 

Роберт Столороу (2011) корените на афективната комуникација ги бара во искуствата на раната траума.

Развојната траума е закана не само за психичката организација што детето дотогаш успеало да ја изгради, туку и за одржувањето на животно важните врски со другите. Од оваа перспектива, долгорочните последици од траумата не се разбираат како производ на „болен“ или хемиски неурамнотежен мозок, ниту како последица на нефункционално или недоволно организирано его. Наместо тоа, тие се сфаќаат како израз на прекин, нарушување или расцеп во релацискиот систем меѓу детето и старателот/родителот. Траумата не се случува во вакуум; таа секогаш се одвива во контекст на односите со другите. Како што пишува Столороу: ‘Болниот или застрашувачки афект станува трауматичен кога длабоко недостига усогласувањето (attunement) што му е потребно на детето за да може да го поднесе, содржи и интегрира.’ Од оваа гледна точка, емоционалната болка не успева да најде релациски дом. Кога околината е доволно усогласена и емоционално одговорна, дури и многу болните искуства не мора нужно да добијат трауматски карактер. Како што нагласува Столороу: ‘Болката не е патологија. Она што ги прави детските болни емоционални реакции неподносливи — и ги претвора во извор на трауматски состојби и психопатологија — е отсуството на соодветно емоционално усогласување (attunement) со нив.’ Од оваа перспектива, сложените невролошки модели или психодинамските теории што тргнуваат од идејата за изолирани психички структури често се оддалечуваат од самото доживеано искуство на страдањето. За Столороу, разбирањето на траумата започнува токму во прекинатата можност болката да биде препознаена, споделена и психички задржана во однос со друг човек.

Очигледно е дека во својата суштина сме релациски суштества. Секогаш веќе се наоѓаме во одреден социјален контекст, вплеткани во мрежа од односи. Дури и екстремниот пример на човек што избира да живее како пустиник претставува само еден начин на кој човек може да ја живее и изразува својата социјална природа. Релациската димензија е присутна од најраните мигови на човечкиот живот и останува со нас во текот на целиот животен век. Луѓето од самиот почеток бараат односи, физичка близина и емоционална поврзаност. Односот меѓу мајката и новороденчето постепено се проширува во други односи, ги одржува семејните врски и претставува темел врз кој се градат заедниците. Новороденчињата и децата се во состојба на целосна зависност од грижата на оние што се грижат за нив. Физичката и емоционалната болка претставуваат сигнали на вознемиреност преку кои детето го повикува старателот да му помогне. Присуството на грижлив и емоционално достапен старател ѝ дава на таа болка релациски „дом“ кој ја смирува и ја прави поподнослива. Детето може да има родител физички присутен но емоционално отсутен. Во таквите ситуации на неусогласеност (misattunement), неговите обиди најчесто се насочени кон повторно воспоставување на изгубената емоционална врска со родителот. Дури и возрасните кои пораснале во доволно грижлива и поддржувачка средина можат да ја препознаат непријатноста и вознемиреноста што се јавуваат кога се во релација со некој што е физички присутен, но психолошки отсутен. Кога во раното детство недостига грижлив и емоционално достапен старател, болката на детето останува без релациски одговор. Таа не наоѓа место каде што ќе биде содржана и поднесена, туку се враќа назад врз детето, засилена од трауматичното сознание дека никој не доаѓа.



Болката не успева да најде свој „дом“. Нема кој да дојде. Нема кој да помогне. Остануваш сам со својата болка. Тоа се тешки вистини со кои човек се соочува во најраните години од животот. Токму овие услови помагаат релациски да се разбере силата со која некои луѓе подоцна во животот — и вербално и невербално — им ги пренесуваат на другите своите болни, хаотични и преплавувачки внатрешни искуства. Теориите што страдањето го сведуваат на „болен“ или хемиски неврамнотежен мозок, како и објаснувањата што исклучиво се повикуваат на интрапсихички конфликти и его-динамики, не само што се непотребни, туку не претставуваат ни верен опис на доживеаното искуство. Во својата суштина ние сме релациски суштества. Суштества што постојат во однос со другите и што комуницираат со другите од почетокот на животот.

Без разлика дали страдаме или не, ние постојано го комуницираме своето искуство со другите — експлицитно или имплицитно, со зборови или без нив. Феноменот на „проективна идентификација“ кај „граничните“ личности можеме да го разбереме како засилена верзија на нешто што сите луѓе го прават постојано: пренесување на сопствената внатрешна состојба во односот со другиот. Кај длабоко повредените и занемарувани личности овој процес е поинтензивен, подраматичен и понепосреден, но не е суштински различен од начинот на кој сите ние комуницираме и се поврзуваме. Со други зборови, разликата е во степенот, а не во природата на самиот феномен. Она што кај некои луѓе се појавува во поекстремна и понагласена форма, претставува дел од универзалното човечко искуство на релациско и афективно комуницирање.

Она по што трага таканаречената „гранична“ личност се љубовта и чувството на припадност. Но токму тие нешта во најраните години од животот биле извор на траума. Односите што требало да обезбедат сигурност, утеха и чувство на припадност истовремено станале и места на болка, страв и повреда. Во тоа се состои длабоката и речиси нерешлива двојна врзаност (double bind): човекот има суштинска потреба да биде во однос со другите, но токму релациското поле — местото од кое требало да произлезат љубовта и сигурноста — станало извор на агонија. Она што требало да биде лулка на животот и развојот истовремено станало и лулка на страдањето. Релациското поле е истовремено и дом и рана, и прибежиште и закана.

Габор Мате (2009) опишува една таква личност за која се грижел како лекар. Станувало збор за 27-годишна сексуална работничка која се справувала со траумите од своето рано детство преку употреба на хероин. ‘Кога првпат земав хероин’, ми рече таа, ‘се чувствував како да сум прегрната од нешто топло и меко.’ Во таа една реченица беше содржана целата нејзина животна приказна.” (завршува долгиот цитат)

Откако накратко го искусивме јазикот на релационата и егзистенцијалната перспектива, во следната лекција ќе го претставиме лаканијанскиот поглед на феноменот на „комуникација низ испади“, односно acting out.



Слики: Angela Dalinger

Слични содржини

Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Култура / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото