1011 hPa
31 %
37 °C
Скопје - Нед, 19.07.2026 16:59

Пренесуваме осум песни од новата книга на Сузана В. Спасовска, „Првата ноќ и вториот рај“.
ЗЛАТО ПРЕКУ НОЌ
Некои сакаат да станат алхемичари преку ноќ
Небаре во нивниот сон оловото само од себе
ќе се претвори во злато
Некои сакаат да станат алхемичари преку ноќ
заборавајќи дека секоја надворешна преобразба
е одраз на внатрешната
Некои сакаат да станат алхемичари преку ноќ
додека се наоружуваат со секаков метал
во потрага по срцето на златниот змеј
Наместо самите да станат змејови со златни срца
ПОТРАГА ПО БОЖЕСТВА
Иако денес нема богови,
поклоници, обожаватели и фанови
сè уште има
Се чини
потребата за боготворење и обожавање
никако да го напушти човека
Како во секого од нас да спие
понекое божество
но само понекое се разбудува
за овој и во овој свет
Поклониците, пак,
дремат и душкаат наоколу
дали некој ќе замириса на мирта
.jpg)
ЗАНЕСЕНОСТ
Додека си била наднесена над скриптите
толкувајќи го нивното значење
не си видела дека надвор
којзнае по којпат
се смениле денот и ноќта
зимата со пролет
годините со векови
вековите со милениуми
една доба со друга
додека ти така наднесена над скриптите
сè уште ги набљудуваш промените
без да ја кренеш главата
броејќи ги одново циклусите
и чекајќи сè да започне одново
ЈАБОЛКНИЦАТА И ЖАР-ПТИЦАТА
Оние што сѐ уште читаат и веруваат во сказни
а особено во руските
сигурно ја паметат сцената со младиот Иван
кој успеал да откине еден пердув
од жар-птицата
и на својот летечки (кој да знае дали и персиски) килим
да му однесе на царот
знамение од таа штеточинка за која се верувало
дека му ги јаде неговите златни јаболка
Ниту на царот ниту на Иван
не им текнало ли дека таа вжарена и сјајна птица
била некогашна хесперида
која од толку долго што ја чувала златната јаболкница
во античкиот мит
решила да се престори во огнена птица
за да станат нејзините јаболка
златни јајца кои распукувале во идни сонца
на новите универзуми
од дрвото на познанието
.jpg)
ЖЕНА РИБА
За неа не си сигурен
додека не ја видиш во вода
Се чини тоа е нејзината природна средина
Можеби нејзината генеза
се протега и до нереидите
Па кој да знае дали нејзината зависност
од водените пространства
не се должи на копнежот
по старите корени
Нејзе ѝ е сеедно
каква е водата
морска езерска речна
таа успешно се справува
и со солените и со слатките молекули
Можеби слатките ѝ се привремена утеха
и не ја потсетуваат на солзите
на нејзините предци
кои едноставно се претопиле во водата
и само понекогаш на сон
ја повикуваат да влезе
во длабокото море
на сеќавањето
ПРЕТПОСТАВКА
Нека е и претпоставка
дека менадите водат потекло
од морските горгони
и дека никако не можат да ја преболат
сликата за откинатата глава
на својата славна роднина
која висела на сите борбени штитови
како одбрана од непријателот
па дури и како амајлија
против злото
Носеле ли поради тоа
во себе желба за одмазда
па за да настане помирување
меѓу двете страни
главата на митскиот пејач
наместо да заплашува
не престанувала да пее
дури ни кога
ја закопале вземи
и сега сиот подземен свет
сѐ уште одекнува
од неговата песна
.jpg)
ВЕЧНАТА НОЌ
Таа мисли дека вечната ноќ владее околу неа
ги обиколува сите страни на светот
за да види од каде би можело
да се случи изгрејсонцето
кое никако да дојде
Таа мисли дека вечната ноќ е добата на сонот
во која уште никој не е подготвен да се разбуди
и да се запознае не само себеси
туку и сѐ што постои
Таа мисли дека вечната ноќ е самата темнина
што уште не посакала да се раздени
и уште мисли дека искрите
што се разлетуваат лево-десно
од разминувањето на метеорите
ниту се ѕвезди ниту души
туку најава за Големиот оган
Таа мисли дека вечната ноќ не прави ништо друго
туку само учи и се подготвува
како да го препознае и гостоприми
тој мил и светол гостин
КАТАБАЗИС
Што ти треба
да се враќаш
да се вртиш
по она што веќе изминало
Оној што умрел
треба да остане мртов
Таков е законот на природата
Откако еднаш душата
заминала од телото
ниту еден што оди по земјата
не ќе ја врати
Што ти треба
да се враќаш
да ме враќаш
откако еднаш си заминав
Немам веќе тело
за оваа душа
.jpg)
Слики: Lisa Bale (порано Adams)
Извор за песните: Сузана В. Спасовска - Првата ноќ и вториот рај (Слово, 2026)