„Пркосните 12“ - изложба што сведочи за моќта на инклузијата, фотографијата и заедништвото

15.06.2026 09:09
„Пркосните 12“ - изложба што сведочи за моќта на инклузијата, фотографијата и заедништвото

Во КСП Центар Јадро во Скопје е отворена изложбата „Пркосните 12“, која ги претставува резултатите од тримесечниот инклузивен курс за фотографија организиран од граѓанската организација ПРКОС, под менторство на фотографот Драги Неделчевски.

Изложбата опфаќа 50 портрети создадени за време на две фотосесии реализирани во рамки на курсот, а во нив како фотографи и модели учествуваа дванаесетмина учесници: Маја Цветаноска, Ирена Поповска, Љубинка Поповска, Вероника Љоровска, Марина Настевска, Сузана Стојановска, Никола Стојановски, Небојша Гелевски, Љубинка Брашнарска, Марија Савеска, Оливера Савеска и менторот Драги Неделчевски.

Курсот беше инклузивен во најширока смисла на зборот. Во него учествуваа луѓе од различни возрасти, интереси и животни искуства, со и без попреченост. Она што започна како едукативна програма за фотографија прерасна во простор на меѓусебно учење, поддршка, пријателство и заедничко создавање.

„Сите слушатели, и јас со нив, како да бевме една посебна група. Имавме чувство на заемна почит, детска радост и љубопитност. Разговаравме за фотографијата, но и за животот. Одвај чекавме да дојде следниот вторник за повторно да се видиме и да доживееме нешто убаво заедно“, вели менторот Драги Неделчевски, кој зад себе има повеќедецениско искуство во фотографијата и бројни курсеви и предавања.

За учесниците, фотографијата не беше само средство за стекнување нови вештини, туку и можност за личен развој и поврзување. Низ дванаесетте работилници тие ја запознаваа историјата и техниката на фотографијата, но истовремено учеа едни од други, споделуваа искуства и создаваа заедница.

„Овој курс нè зближи и ни ја доближи фотографијата на многу топол и инспиративен начин. Бевме и фотографи, и модели, и публика. Во таа игра и спонтаност откривме делови од себе за кои не знаевме дека постојат“, вели учесничката Маја Цветаноска.

Слично искуство споделува и Марија Савеска, која истакнува дека курсот ѝ помогнал да открие нови способности и поинаку да ја доживее фотографијата: „До сега бев само модел пред објективот, а отсега ќе фотографирам и ќе ја развивам мојата љубов кон фотографирањето.“

Според организаторите, изложбата претставува документарна трага за едно исклучително човечно и креативно искуство, но и потсетник дека вистинската инклузија не е теоретски концепт, туку реалност што се создава преку заедничко учење, почитување и прифаќање.

Изложбата „Пркосните 12“ ќе биде отворена до 19 јуни и ги поканува посетителите да ги погледнат портретите и приказните што стојат зад нив - приказни за храброст, креативност, различност и заедништво.