1010 hPa
26 %
38 °C
Скопје - Нед, 19.07.2026 17:59

Црна дупка
Најпрвин нема што да се види: мала пупка, струпка
врз бескрајната, шарена палета на вселената
што ко вртимушка споулавено околу себе се врти.
Се отвора наврапито во некое далечно минато време,
ко шеретски да ѝ намигнува на иднината рамнодушна
и да ѝ вели дека кога и да е, ко вкусен залак ќе ја лапне.
Совреме се шири, отвора штрбава уста и шмука
ко подмолна морска ала сѐ што пред неа ќе се најде.
Решето е што просејува небесен какол од крупни ѕвезди...
И така, ете, наследници сме на тоа што веќе го нема.
Се збогуваме со глетките од кои си зедовме очи на заем,
космички ветер ни ги брише последните стапки,
наназад стрелките на часовникот споулавено се вртат.
Се збогуваме со крштевките, родендените и погребите
ги извлекуваме последните зборови од моли(т)вите,
и со празни ракави ѝ мавтаме на сината планета за збогум.
Се претура времето од еден во друг вселенски котел.
Со себе тоа ја влече и оваа мушичка-земја во вител
кој, штом еднаш ја голтне, веднаш другаде ќе ја плукне.
Супер нова
Таа е вжарен котел што пулсира ко ново срце
во плодната космичка утроба: се надула среде
неола небула ко крастава жаба во жабурник
и фрла огнени јазици од зорт-заман и дерт.
Ококорено е око на вселенска жар-птица
што крвари лава при својот огнен танц.
Пламени пердуви наоколу шири, ширити се тоа
на завеса што бог знае како се отвора и збира.
Зар љубовни маки ја мачат, загубила ли љубов
штом сега за неа дерман нема? Родилни ли
маки ја стегаат и грчат, та се извива и кричи
врз црна постела навезена со дрочни ѕвезди?
Зовриена е стерна на некое надземно ништо.
Клокоти, клука ко лакома иноземна врана.
Заситка нема, трча по црно поле и лови вселенски
мравки – планети и комети што алчно ги голта.
Бројани ни се деновите на овој свет што завршува
со плач и вресок, за друг да започне со силен тресок.
.jpg)
Ѕвезди
Буквите од имињата им се расфрлани
по бескрајниот небесен крстозбор
што се шири вертикално и хоризонтално,
а се решава на неколку мртви јазици.
Ги знам јас тие густи јата оти човек сум
со голем избор од шарени насмевки
чија моќ на убедлив ноќен говорник
се гласи со песна низ сферите од вселената.
Тие ноќта си ја носат со себе во бовче
и штом го отворат, вечераат од него скромно.
Од песните им плетам плот наспроти ветрот
заталкан вон прегратките на своето царство.
Кога светлината ќе се раздели од мракот,
молкума присвојуваат некој зрачок за себе,
колку да се различни од обичниот камен
и достапни за окото мое – гиздави.
Сакаат ноќта одморна да им е – складна,
оти без неа невидливи ќе се и безимени
и сал во разделбите ќе ја гледаат суштината
на своето постоење богато со авантури.
Често ме оставаат сам со прашање клучно:
Како да го смирам тивкиот набљудувач
во себе кој им подава дланка со ситни понади
не би ли ги нахранил за да станат појадри?
Соѕвездија
Како да ги разбереме овие грски од пулејки
нанижани во долги ниски од студени монистра
врз црна клашна – валано вселенско сукно
наџиџано со срмени ширити, гајтани и киски?
Едни се ко позлатени чапрази за колан,
други ко пафти-трепетушки со сребрен опков,
трети ко платинести филигрански петлици
што запетлуваат небесни долами и џамадани.
Кој ли незнаен кувенџија ги исковал вешто
и небрежно ги фрлил врз црно кадифено басмо?
Знаел ли тој дека и ден-денес ќе се пулиме во нив
со зјапнати чурилки наколкани со крупни чуденки?
И да знаел, зар не му било жал да фрли такво азно
в небесен бунар без дно што мислиме на дофат ни е,
а ни бега ко привид во длабок простор што не знае
за ѕидови и нѐ остава со полни очи и празни раце.
Се лити светот на стварноста, се шири светот
на вообразбата... со пулејки, пафти и петлици.
.jpg)
Млечен пат
Неука леунка плиснала млеко врз мрачен пат
кој со еони не видел зрачен лак и така станал млечен.
И дури да трепнеш, сенките наврапито заминале
оти ја знаеле својата наследена, темна природа.
И сонцето луто се поревало – но што можела мала
трошка, ситна небесна вошка, да стори? И потем,
од ноќвата вселенска неслучајно се просеало брашно
и се расеало врз временската черга за тешки одлуки.
Оттаму се лизнале и стркалале зрна во избрана ноќ
низ небесна градина во која никнале вити ластунки
со нанижани златни ѕинѕурки што нежно треперат
и ѕингараат врз густиот ткаеж на вселенското басмо.
Умот наш не сака да знае за тоа. Си мисли, раскошен залез
ќе е доволен пред плитките насмевки од нејасни богови.
Глуво е таквото постоење. Ќе можам ли некое чисто утро
да се најдам во рало чевли што на тој пат ќе ме понесат?
Ниедно време
Пред мене градат цврста кула од празно време.
Зад мене демнат трошни куќи од старо време,
Околу мене – нешто ко густа лига се влече,
ко пивтија се тресе од студ и страв, се витка
ѓоамити ѓеврек, без мирис и вкус – ниедно време.
Си велам, да го поземам ли за рака ко детуле
низ вселената што е густа – сѐ уште непроодна,
и да му објаснам чиј син е и од чија лоза? Но
од каква полза е да појдам таму кај што не сум бил
и да се вратам на јаве кај што сум, а веќе не сум?
Еве, тоа ниедно време создава различни часови
и временски зони за исти места врз лизгав терен
по кој нашето време се движи бавно, но минува брзо.
Чиниш стамено по него газиш, но привид е тоа,
ракавица е празна што тебе за рака те води.
Затоа се прашам: дали пред да појдам би можел
бар сонот да ѝ го сменам на мојата домашна порта
што чинам копнее да се отвора кон длабок простор,
да ѕирка кон млечни патишта и ѕвездени скалила
и низ клучалка да ја пушта дома музиката на сферите?
Или, пак, безволно да му се препуштам на ова ниедно
време да ме поведе во живата рана на семирот
во која сѐ завршува и сѐ започнува, како во орото
на гурбетчиите кои заминале со надеж да се вратат
и се вратиле, ко насон, со горчлив неспокој в душа
и со нов наум пак да си заминат, овојпат засекогаш.
.jpg)
Слики: Vladimir Kush
Извор за песните: Зоран Анчевски - Длабок простор (Арс либрис, 2026)