1010 hPa
26 %
38 °C
Скопје - Нед, 19.07.2026 17:59

Пред речиси 25 години, кога студирав на постдипломски во Сараево, добив цимер од Софија со кој споделуваме прво соба во студентски дом, а потоа и стан.
Уште на првата средба сфатив дека малце знам бугарски, кога рече „съквартирант“.
Потоа ми кажа „Ще си взема душ“. Јас останав во чуденки, и решив да научам подобро бугарски јазик.
После една година, и неколку месеци престој во Софија (на „интерншип“), може да се каже дека научив релативно добро да зборувам и да разбирам бугарски. Можев и да читам со разбирање 80-90%, но и денес ако ми кажеш да напишам нешто на бугарски - едноставно не знам.
Е, сега, за тие што тераат пропаганда дека македонскиот јазик бил ист како и бугарскиот, добро е малце да прочитаат историја на крајот од 19 век, за да разберат зошто уште тогаш учениците од Македонија не можеле да го разбираат новосоздадениот бугарски книжевен јазик, па им биле потребни учебници на „македонско наречие“.
Исто така, сум се обидел и со следниот експеримент. На моите деца им пуштав цртани филмови со бугарска синхронизација, и ги прашував дали разбираат. Исто така, им пуштав цртани филмови со српска синхронизација, и ги прашував дали разбираат. Тешко разбираа и бугарски и српски, но одговорот беше дека поразбирливи им се цртаните филмови на српски, отколку на бугарски јазик.
Да, во Македонија има поголемо српско културно-политичко влијание, и поголем отпор кон бугарскиот јазик и бугарската култура. Тоа е резултат на историски процеси, но и на понижувачкиот однос на Бугарија кон Македонците и нивното „наречие“, уште откако е создадено Кнежество Бугарија.
Нејсе, јас го научив бугарскиот книжевен јазик (колку толку со многу напори), го почитувам и се обидувам да го зборувам и да го искористам за учење на бугарската историја и бугарската култура. Впрочем, тоа е и јазик кој долго време го користеле македонските интелектуалци и револуционери, и тоа е јазик на кој се пишувала и македонската историја.
Нема ништо лошо во тоа го да познаваш бугарскиот јазик. Добро е да го знаеш било кој јазик. Но, непризнавањето и непочитувањето на македонскиот јазик, е непризнавање и непочитување на основно човеково право.
И тоа, за жал, е сеуште еден од основните политички проблеми помеѓу Бугарија и Македонија во 21-от век.

Слики: Adhika Rahmani