1018 hPa
73 %
22 °C
Скопје - Чет, 16.07.2026 23:59

Читателите на моите статии на Substack и на другите кратки текстови веројатно забележаа дека веќе неколку години не објавувам коментари на тема фудбал. Работата е во тоа што прилично го изгубив интересот за фудбал, прво поради прекинот што го донесе пандемијата (и тажниот спектакл со празни трибини, со звучни снимки од навивање кои ТВ-продуцентите ги вметнуваат во преносите), а потоа и поради сè поекстремната комерцијализација. Секако, професионалниот фудбал никогаш не бил далеку од големите пари и од комерцијалните интереси. Но, во склад со општиот тренд на неолибералната комодификација, денес е толку дрско и нападно комерцијализиран, што некои од изворните одлики кои го правеа толку посебен во однос на сите други спортови, сосема исчезнаа. Спортот кој историски (не само во Англија, колевката на оваа игра, туку и во сите земји кои успеа да ги освои во дваесеттиот век) секогаш беше втемелен на локалното и класното (граѓански против работнички; доселеници против староседелци; десничари против левичари) е откорнат од корен. Изгуби контакт со своите локални, национални и класни обележја. Прашање е, би рекол, колку веќе може да се нарече „спорт“. Можеби подобар збор би бил „естрада“.
.jpg)
Таквата критика на денешната состојба на фудбалот, па имплицитно и на неговите асоцијации (ФИФА и нејзиното соѕвездие од регионални сојузи) не е ништо ново. Луѓето го зборуваат тоа со години и состојбата е сè полоша. Можеби само годинашното финале на Лигата на шампионите го направи проблемот болно очигледен. Без навлегување во деталите од натпреварот, верувам дека не би било неправедно да го сумираме на следниот начин: (а) крајно досадна игра, лишена од секаква искра на индивидуален гениј, (б) фудбал сведен на своите физички и тактички аспекти. Играчите чијашто сила, кондиција и издржливост се беспрекорни сè повеќе личеа на ликови од некоја компјутерска игра генерирана со вештачка интелигенција, отколку на фудбалерите што ги памтиме од минатите епохи. Никаде го немаше Омар Сивори да игра без штитници за потколеници, ни разбушавениот Марадона по бурна ноќ на кокаин, ни Гаринча кој дреме на десно крило, ни стомаклијата Ференц Пушкаш кој не може да претрча 100 метри, а постигнал стотици голови, го немаше ни петтиот Битлс, на теренот немаше ниеден поединец за памтење. Немаше ни непредвидливи пасови, неверојатни дриблинзи, соло-акции, бизарни потези. Но затоа имаше тактизирање во изобилство, со играчи распоредени по углед на римска легија, која пред да влезе во битка изведува комплициран маневар во кој секој ја извршува својата малечка, строго омеѓена задача, извежбана до совршенство.
На отсуството на гениј и тактичка разноликост може да се додаде и забелешката дека победничкиот тим во голема мера е вештачка творба која големиот наднационален капитал ја сместил во една од најголемите европски престолнини - која не е особено позната по љубовта кон оваа игра. Клубот стекна многу навивачи и доби голема поддршка, но тоа не е она што го создаде; поддршката изворно не беше доволно силна и страствена за да произведе тим. Напротив, навивачите се појавија дури кога клубот се прослави. Немаше внатрешен, ендоген раст кој низ годините, чекор по чекор, го гради тимот. Тоа е како место сами да засадите дрво, да отидете во шума, да ископате големи стебла и да ги пресадите на градските тротоари. И едното и другото прави сенка кога ќе почне жегата. Но првиот дрворед го создала заедница која со години го чува и негува, а вториот е инвестиција зад која стојат претприемачи. Инвеститорите веруваат дека ова е добар момент за вложување во фудбал, наместо, на пример, во нови станбени блокови. Така денес настануваат победничките тимови. Во поглед на општествената вкоренетост, практично од ништо.
А победничките тимови сè повеќе се едните исти, што не нè изненадува: во периодот од 1958 до 2000-тите години, во секој петгодишен циклус во четвртфиналето на Лигата на шампионите се пласираа во просек по 25 клубови; со тек на време тој број падна на околу 20, а во последниот циклус веројатно ќе ги има само 15 (види го графиконот и толкувањето во продолжение). Максимумот досада ќе настапи кога во четвртфиналињата секоја сезона ќе ги гледаме истите осум тимови.
.jpg)
Овој спектакл - зашто тоа сега е спектакл - поприма одлики на циркус, што во годинашното финале беше јасно видливо. Афектирано извикување на имињата на играчите, огномет, огромни екрани (како на новиот Бернабеу во Мадрид), најава на влегувањето на фудбалерите како да се гладијатори во арена. Сето тоа ме потсети на она во што се претвори американскиот фудбал. На одреден начин тоа е спорт, но само „на одреден начин“. Лишен е од сите обележја на локалитетот и класата кои веќе ги спомнав. Тимовите слободно се селат од град во град, а задача на франшизата е само да заработи пари. Франшизите на клубовите под покровителство на ФИФА и УЕФА се претворени во џиновски компании: играчите се естрадни ѕвезди, играта е циркус, а бизнисмените се тука за да ги бројат парите.
Толкување на графиконот. Прикажан е бројот на клубови кои стигнале до четвртфиналето во секој од петгодишните циклуси од Лигата на шампионите (или Куп на европските шампиони, како што тоа порано се викаше), почнувајќи од првиот циклус (1958-1962). Ако конкуренцијата е максимално изедначена, во четвртфиналето секоја година би играла група од нови осум клубови, па во најизедначената Лига на шампиони во секој петгодишен циклус би се смениле сите 40 тимови (5х8=40). Максималната вредност на графиконот е 40. Најмногу „монополизираното“ или „централизираното“ натпреварување секогаш би ги имало истите осум клубови во четвртфиналето. Затоа најниската вредност е 8; според тоа, колку е повисока прикажаната вредност, толку квалитетот на тимовите е поизедначен. Лигата на шампионите од 25 различни клубови во секој циклус до раните 2000-ти, падна на 20, а во тековниот циклус, 2023-2027, тој број веројатно ќе биде околу 15 (моменталната вредност, по три години, изнесува 12).
П.С. Оваа критика на ФИФА и УЕФА не би требало да го сврти вниманието од тоа дека асоцијацијата која доминира со тенисот е уште полоша. Пишував за тоа пред неколку години („Доба на отворен финансиски империјализам“) во расправа со Нејт Силвер. Тенискиот сојуз е неверојатно комерцијализиран, како и фудбалскиот, со тоа што неговото раководство не го избира никој и е монополизиран од страна на неколкумина богати поединци од богати земји, поради што тениските „светски првенства“ секогаш се играат на исти места. Таквиот вид монополизација сè уште не заживеал во фудбалот, но и тоа би можело да се случи. Во тој случај финалето на Лигата на шампионите секогаш би се играло на исто место, со учество на горе-долу истите клубови, а Светското првенство секогаш би се организирало во една или две земји.
Превод: Иван Шопов