Заминување во подземјето

18.06.2026 16:23
Заминување во подземјето

Неколку фрагменти и слики од можеби најфасцинантниот југословенски уметник и мистик.

 

Заминување во подземјето

Силна светлина ме заслепува. Рамномерно чукање ми се увртува во мозокот и ги пробива опните. Лифтови како крвоток. Централите се придвижуваат хоризонтално. Ходници со ветар. Движењето е отежнато.

Се наоѓам во сала која би била сосема обична кога би го знаел патот по кој стигнав ваму. Направено е така што обичните и секојдневните нешта, поради отсекувањето од меморијата на претходните моменти, добивааат изглед на друг и сосема непознат свет.

Во салата е мрачно, врело. Безбројни тела. Пареи пот. Ѕидови облепени со тесто.

Слегувам еден кат пониско. Овде ѕидовите се шират, од максималните испакнатини избива крв во млазови. По тоа можев да заклучам дека зад овие ѕидови има гробишта, под нивото на лешевите, и дека крвта како дожд се цеди низ земјата, сè додека не се насобере пред ѕидот и тогаш го притиска, го испакнува и, најпосле, пробива внатре.

 

Експанзија на Градот

Веќе реков дека во текот на историско-еволутивниот процес доаѓа до сè поголемо раздвојување на Ѓубриштето и Градот. Градот како посебно зрно го продолжува своето раслојување во себе. И така, прво се гледа една тврдина во вид на карпа со груби форми и тоа треба да се усоврши. Усовршувањето се комплицира и сè потешко е да се одржи единството, а тоа е неопходно. Откинатите делови сакаат да бидат засебни и бараат простор. За да се одржи контролата, потребни се уште поголеми усовршувања. Целовитоста е одржана и покрај распаѓањето. Ако, на пример, еден центар се распадне на повеќе делови, истовремено се истакнува друг, кој ги поврзува и ги надвиснува. Периферијата се забива во неосвоено земјиште и набрзо таму каде што била периферијата доаѓа центарот.

Градот се шири прво постепено, а потоа сè побрзо, со геометриска прогресија според времето кое рамномерно отчукува. И испаѓа сосема логично: ако делови има сè повеќе, центарот станува сè посилен, иако неговата сила дури подоцна ќе се забележи. И како што реков, овие делови, екстремитети, секции, органи остануваат послушни иако (кој знае?), можеби сакаат да се отцепат. Експанзијата не е зракаста, туку разгранета. Дрвото израснува молневито, како експлозија.

Ѕвезда со жолто вжештување минува низ зенитот.

Пладне — тешко поднослива врелина на денот.

Црни шешири впиваат топлина.

Поминував низ голема гардероба. Низи од закачалки. Набљудувајќи еден капут, ме изненади неговата сличност со телото на сопственикот и тогаш се сетив: во капут се влегува како во лушпа.

 

Вториот ден на искушенијата

Измамата беше очигледна — зар може да се добие слобода од Сатана? Јас тоа и му го реков: — Твоја суштина е ропство, и да сакаш ти никому не можеш да му подариш слобода. — Тогаш го избрав црното шише, шишето на искушението, еликсирот на вечното уживање. Повторно го слушнав клештењето како првиот ден и повторно го видов пределот сомнително смекнат; во зеленото лисје нимфите-црви незабележливо ползеа, а тогаш од сите страни слушнав тапани, труби и ѕвона; Сатаната дуваше во трумбета. Оваа чудна сцена е опишана во книгата на црниот хумор, како да го најавува доаѓањето на она што е ветено: — Знамињата на пеколниот крал доаѓаат кон нас. Во оригиналот е речено: Prodeunt vexilla regis inferni. Глеј! Пеколот сè повеќе се стеснува; а потоа ми рекоа: — Доаѓа време што ќе те засрами. Твојот избор е срамот на испосникот, ти стана слуга на Ѓаволот! — После овие зборови повторно се појави демонската кавалкада, уште побесна од вчера. Огнови распламтени на сите страни, блуење и сиктење. И сето тоа ме увери дека сум на вистинскиот пат, зашто молитвите и постовите помагаат само делумно; бегството ја зголемува вината, а искушението мора целосно да се прифати — победата е послатка кога противникот е поопасен, а триумфот е поголем ако самиот му отстапам дел од својата сила и му дадам подобра можност. Но не е победата она што ме привлекува, туку самото мое страдање. Јас победата ќе ја здогледам во сопствениот пораз, но не онаа победа која тие ја посакуваат. И затоа, носејќи го шишето в рака, се вратив во својата пештера. И тогаш, без некоја внатрешна борба и без многу размислување, го отворив шишето. Затката излета со праскот и од шишето потече опојна и задушлива пареа. Од пареата за кратко време се создадоа различни чудовишта и накази што го исполнија целиот простор. Глави врз нозе на скакулци кои им израснале врз ушите, Чудни птици, гаврани со човечки летаа низ воздухот. Мрави на потскокливи човечки ноџиња. Издолжен коњски скелет со сјајни очи и на него јавач со светкава глава на був. Пехар без дно е неговиот оклоп, извртена инка — кацига.

Започна пеколна веселба. Убавица со лице од гуштер седи на крилеста змија. Ја слушам сопствената смеа и, како нејзин одек, и Сатаната почна громогласно да се смее. И како што во миговите на доаѓањето на сон допуштаме некоја немоќна, болна мисла да ни се претстави како логична и здрава, така и јас за миг бев опиен и ми се чинеше дека гледам некоја обична и секојдневна сцена. И како што, кога доаѓа сон, одеднаш се стресуваме и ја сфаќаме бесмисленоста на нашата претстава, така и сега одеднаш сфатив што се случува пред мене. Затоа ја напрегнав целата своја волја, која ми послужи наместо чаршаф, и со неа, мавтајќи бесно низ воздухот, успеав да ги растерам сите тие гадости. А оној што малку пред тоа се смееше го најдов згрчен во едно ќоше, па ми се виде безопасен и едноставно го исфрлив надвор. Така заврши и овој втор налет.

 

Мојата положба

Засега е важно да не се покажувам. Еве како го суредив тоа: Имам една лушпа, оклоп или кожа, која ја облекувам кога ме бараат. Застанувам на некое место, како да сум таму закопан, и кога ќе ме пронајдат, јас им ја оставам својата лушпа, демек, она што личи на мене и што изгледало како јас, и одам на друго место или во друга лушпа, и така сè додека, најпосле, не сфатат дека токму таа особина ме одредува, па се обидуваат да ме фатат таму. Но, тогаш и јас ќе најдам некое поцврсто и потрајно засолниште. Засега е важно да не се покажувам, важно е да се одржи тајноста.


***

Во првите попладневни часови се почувствував себеси. Со себеси несвесниот имам тенка нишка сеќавање. И сега, ова течење на часовите, кое беше толку бавно и неприметно, неочекувано нагло се забрза, и јас се умножив во себе и така се формира еден систем, мојата личност со центар на управување во мене, а тоа значи дека веќе не сум рамномерен и веќе не се чувствувам себеси на секое место од своето тело еднакво истакнато, туку сум се натрупал во главата и оттаму опаѓам кон периферијата: кон стомакот, кон нозете, кон рацете, од утробата кон кожата. Кожата е моето разграничување со околината. Се собрав, како што реков, сиот во главата, во центарот. Очите се најкраткиот канал од центарот до околината, низ очите најлесно излегувам. А, ете, сега во самрак, овој процес на раздвојување, умножување, е токму критичен. Засега сè е добро, но ноќта е близу, а таа носи опасности.

 

***

На мазната и издигната површина, отприлика шест висини на коњ, се појавија дванаесет пророци. Малку подоцна тие исчезнаа и се создаде колосална пирамида, чиј врв едвај можеше да се согледа. Одеднаш стана јасно — ова е последното судење. Слушнав труби, го видов распоредот на ангелите, апостолите и џелатите. Лесно можеше да се заклучи дека и ова е измама, смислена да ме убеди во неопходноста од избор на светечки живот, но не во слободно и неусловено решение, туку под притисок на стравот од вечно мачење. Иако го знаев тоа, не можев да откријам никакви знаци по кои тоа би се потврдило. И, случајно допирајќи го со рака своето лице, ги опипав очилата кои ми биле, веројатно за време на спиењето, натакнати врз очите. Јас нив ги фрлив од очите, и тогаш се виде дека она што мислев дека се пророци — беа женски нозе; и дека тоа не е судење, туку избор на најубавата жена на светот.


***

Ќе ги повикаме и вештерките во друштво, тие ја слушаат крвта и доаѓаат, потоа ја прскаат земјата од која никнуваат смрдливата трева и цвеќето на отровот, ги земам вашите изрази за да бидам појасен. 20 крави се варат во лонци. Играта трае цела ноќ, до крајот на потењето. Во играта можат да се изговараат овие зборови: клоп, миш, сок, креч, мук, румба, мрак итн. Бедрата и дланките се бришат со сунѓер направен од коса. Бесрамничките имаат предност.

 

***

„Змејот со целото свое тело се прилепи до него и го обвитка со своите гадни удови, а потоа се стопија во едно.

Распалена змија му се приближува до стомакот, зашто тој ништо не насетува, а таа го прободува на местото каде што ја примаме првата храна (папокот), па потоа испружена паѓа пред него. Прободениот гледаше, но ништо не рече, туку, стоејќи мирно, зеваше како да го обзема сон или треска. Тој ја гледаше змијата, а таа него. Од неговата рана излегуваше чад, од нејзината уста исто така. Чад со чад се сретна.

Преобразбата се одвиваше по ред: змијата најпрвин го раздвои својот опаш на два огранока, а ранетиот ги стегаше своите стапала. Двете и двете стапала се стопија и не остана никаква трага од спојувањето. Ликот на змијата исчезна, опашот се претвори, значи, во две нозе. Кожата на змејот смекна, а неговата се стврдна.

Колку што се скратија нозете на новиот ѕвер, толку нараснаа рацете на оној што претходно беше змија. Потоа, од задните сплетени нозе на змејот постана оној уд што човекот го крие, а кај несреќникот истиот уд се раздвои и од него станаа две задни нозе на змејот. Чадот на едниот и на другиот ги покриваше со нова боја. Кај едниот создаде влакна, а кај другиот ги отстрани. Едниот се подигна, а другиот падна на тлото...“ (Данте, Пекол)

Слики: Леонид Шејка
Извор за текстот: Леонид Шејка - Град, ѓубриште, замак (1)
Избор и превод: Пандалф Вулкански

 

Белешка за авторот

Леонид Шејка (1932 — 1970) бил југословенски, српски и светски писател, теоретичар, сликар и архитект. Бил еден од основачите на уметничката група Медиала и учествувал на сите изложби на групата до 1970 година. Неговите дела се блиски до надреализмот, а во нив се застапени богата симболика и длабока интелектуалност.

Леонид Шејка е роден на 24 април 1932 година во Белград, од татко Трофим Васиљевич Шејка, кој дошол од Украина по падот на царска Русија, и мајка Катарина Зисиќ, по потекло од влашкото (цинцарско) семејство Зисијадис од Ваљево. По завршувањето на Руското основно училиште, четири години гимназија и Средното техничко училиште (архитектонски отсек) во 1949 година, дипломирал на Архитектонскиот факултет во Белград во 1960 година.

Со сликарство се занимавал од 1950 година. Бил еден од основачите и теоретичарите на групата Балтазар, која во 1957 година прераснала во групата Медиала. Од 1961 година бил член на УЛУС (Здружение на ликовни уметници на Србија). Првпат учествувал на групна изложба во 1953 година, а својата прва самостојна изложба ја организирал во белградската Галерија „Графички колектив“ во 1958 година.

Шејка работел и скулптура, изработувал објекти, илустрации за книги и сценографија, а се занимавал и со вонликовни експерименти и теорија. Покрај бројни статии објавени во списанијата „Видици“, „Поља“, „Разлог“, „Данас“, „Студент“ и „Уметност“, го објавил и делото „Трактат за сликарството“, за кое во 1965 година ја добил Нолитовата награда. Создал мошне сложен опус кој тргнува од искуствата на надреализмот и дадаизмот, а од 1960 година развил индивидуален израз во кој особено се занимавал со улогата на предметот во структурата на сликарската претстава.

Учествувал во работата на ликовните колонии во Сичево во 1966 година и во Почитељ во 1969 година. Летото 1967 година патувал во Минхен, Салцбург и Берн, а пролетта 1968 година во Цирих и Франкфурт. Истото лето ја обиколил Италија сè до Неапол и Помпеја. До крајот на животот престојувал во Цирих, Берн и Париз, а патувал и во Англија и Холандија.

Излагал на 72 колективни изложби низ Југославија и во странство и имал 15 самостојни изложби во Белград, Минхен, Цирих, Базел и Берн во периодот од 1958 до 1970 година.

Опусот на Шејка може да се подели на пет основни теми со кои се занимавал: „Мултипликација на предмети“; „Ѓубришта“; „Складишта“; „Ентериери“; „Мртви природи“.

Починал во Белград на 15 декември 1970 година.

Леонид Шејка е еден од најзначајните југословенски и српски уметници од втората половина на дваесеттиот век. Виталноста, посебноста и интензитетот на тоа творештво одамна формираа потесни и пошироки кругови на сликари, архитекти, поети, теолози, мислители, филмски автори, ликовни критичари и историчари на уметноста инспирирани од делото на Шејка. Самото тоа што бил ренесансен тип човек, uomo integrale (целосен човек), визионерски сликар, филозоф, естетичар, фотограф, архитект, поет и, пред сè, езотеричар, го прави Шејка единствена појава не само на нашиве простори туку и во светската модерна уметност. Неговата појава е уште посложена зашто со своите истражувања и експерименти претходел на одредени достигнувања на неоавангардата. Затоа уметничката и животната биографија на овој космополит може да се прикаже и во сосема поинакво светло, без да ја изгуби својата точност. Затоа за Шејка зборуваме како за уметник, а не само како за сликар, бидејќи тој бил повеќе од сликар. Многумина истакнувале дека бил волшебник и харизматична личност, пророк и верник, демонолог и архисликар, човек кој длабоко размислувал за мисијата на уметникот и на уметноста.

Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.

Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.

Слични содржини

Уметност / Историја
Уметност / Историја
Култура / Уметност / Историја
Општество / Психологија / Живот / Теорија / Историја
Уметност / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото