1011 hPa
31 %
37 °C
Скопје - Нед, 19.07.2026 16:59

„Господарот на мувите“ на Вилијам Голдинг, според кој BBC неодамна сними телевизиска серија, е роман со скриена теза. Како и неколку други романи на Голдинг, тој всушност зборува за Падот. По авионска несреќа, група убаво воспитани момчиња завршуваат на пуст и зафрлен пацифички остров и постепено запаѓаат во дивјаштво. Отприлика како кога ангелското момче Оливер Твист би завршило како дилер на дрога. Во Втората светска војна Голдинг, кој бил англиканец, служел како поморски офицер и се нагледал доволно ужаси за да го помине остатокот од својот живот размислувајќи за темнината на човечкото срце. Овој роман е имплицитна полемика со сентименталните луѓе кои безрезервно веруваат во напредокот, разумот и достигнувањата на цивилизацијата. Тоа е трезвена критика на хуманизмот и неговата вера во вродената добрина на мажите и жените.
Романот е и прикриен напад врз идеологијата на британската владејачка класа. Меѓу другото, тој е и црна пародија на викторијанскиот класичен роман „Коралниот остров“ на Р. М. Балантајн, во кој група деца насукани на пуст остров успеваат да се извлечат само благодарение на духот на државното училиште и силниот карактер. Џек, протофашист во верзијата на Голдинг, е остаток од тоа стоичко наследство, но и прво од момчињата кое ќе падне во варварство. Голдинг себеси се гледал како маргиналец во британското класно општество и бил затруен со чувство на класна инфериорност. Наспроти својот книжевен углед, „Господарот на мувите“ е всушност чин на одмазда кон естаблишментот.
.jpg)
Антихуманистичката теза што го проткајува овој роман е добро позната. Човечките суштества се во власт на исконски мрачни сили, бидејќи цивилизацијата е само слаба коричка. Штом фурнирот ќе испука, злонамерните сили ќе пробијат на површината и ќе го згазат нашиот морален идеализам. Цивилизацијата е само сублимиран облик на дивјаштво. Сето тоа е прилично поедноставена верзија на теоријата на Зигмунд Фројд за односот меѓу егото и несвесното. Од друга страна, врз тој поглед на светот длабоко влијаела историјата на британскиот империјализам, кој подразбирал разлика меѓу цивилизацијата и таканареченото варварство. Најсубверзивниот момент во таа историја е забележан во „Срцето на темнината“ на Џозеф Конрад, во кој империјалистите го наоѓаат сопственото огледало во таканаречените домородци. Се покажува дека Другиот ни е близок како нашето сопствено дишење. Стоичкиот став е само штит против фактот дека има нешто опасно привлечно во хаосот и жедта за крв – кои, наводно, им се својствени на домородците. Госпоѓа Мур, чувствителна и хумана средовечна жена во средиштето на Форстеровиот „Пат до Индија“, ги чувствува вибрациите на бесмислата што зрачат од Марабарските пештери и губи контрола над својот живот. Во романот „Ностромо“, Џозеф Конрад, поморски офицер исто како и Голдинг, ни кажува дека империјалниот проект е еднакво бесмислен како орањето на морето. Токму во моментот кога на колонијалистите им е потребен цврст идентитет за да им наметнат некаков ред и поредок на огорчените жители во колониите, нив ги обзема чувство на космичка залудност. Тој проект можат да го остварат само ако се далеку од дома, а оддалеченоста од дома ја поткопува нивната вера во целиот тој потфат.
Во „Господарот на мувите“ тоа се случува на поинаков начин. Ужасниот ѕвер од кој се плашат момчињата е многу реален, но тој е во нив самите, а не во океанот или длабоко во џунглата. Во изложувањето на своето мрачно видување на човештвото, овој роман мами со картите на еден сосема очигледен начин. Идејата е да се покаже дека мажите и жените брзо ќе се вратат во примитивизам ако бидат изложени на доволно силни притисоци. Меѓутоа, јунаците на Голдинг не се мажи и жени, туку деца. А бидејќи децата во секој случај се само половина цивилизирани, не е особено изненадување што набодуваат свинска глава на колец и си ги кршат очилата едни на други. Момчињата (дури и оние од црковниот хор) секогаш ќе бидат момчиња. Ќе бидат и возрасни луѓе, но тоа сè уште не се. Што ќе се случеше ако Голдинг на островот ги ставеше членовите на некој јоркширски дувачки оркестар или овластени сметководители? Не е сигурно дека тие би се однесувале беспрекорно, но не е многу веројатно ниту дека би се растргнале меѓусебно со таква брзина.
.jpg)
Романописателите често мамат за да го постигнат резултатот што го сакаат. Да ја земеме, на пример, Орвеловата „Животинска фарма“, сатира на сталинизмот. Со таа книга Орвел сакал да покаже дека проектот за градење социјализам брзо му подлегнува на бруталниот авторитаризам; но за да ја илустрира таа поента тој користи животни на фарма, а тие – исто како и децата – не се познати по својата способност за сложено општествено или политичко дејствување. Ако ја поставите својата приказна на одреден начин, заклучоците што ги барате послушно ќе се појават на крајот.
Романот на Голдинг е пример за она што би можеле да го наречеме синдром на „Собата 101“. Во Орвеловата „1984“, Собата 101 е местото каде што се соочуваме со она од кое најмногу се плашиме, а начинот на кој секој од нас се справува со тој ужас покажува каков човек е. Главниот лик има разбирлива одбојност кон тоа стаорци да му ги гризат образите и се крши пред застрашувачката закана дека мачителите ќе му го приредат токму тоа. Им вика истото да ѝ го направат на неговата партнерка и потоа го уништува вината поради предавството. Но, зошто нашата реакција во таков екстремен момент би го дефинирала она што навистина сме? Многумина од нас би предале некого, па дури и бебе што уште не проодело, за да избегнат глодари да им го гризат јазикот, но бесмислено е да се тврди дека на тој начин се покажува нашето „вистинско“ ја. Екстремот не ја дефинира нужно нормата. Верувањето дека некого треба да изложите на најголем притисок за да откриете кој е тој, оди заедно со еднакво сомнителното тврдење дека секојдневната егзистенција е во суштина неавтентична и дека мораме да излеземе од неа за да ја откриеме вистинската работа. Кога ќе ги ставите децата во ситуација во која нема цивилизирани ограничувања, ќе откриете дека тие се невоспитани и разуздани.
Во живописното и имагинативно пренесување на книгата на телевизискиот екран, Џек Торн ја брише нејзината религиозна димензија. Мртвиот падобранец на островот, по сè изгледа пилот на срушен борбен авион, во романот се споменува како „мртвиот човек на ридот“, што е алузија на Калварија, а на момчето Сајмон (Симон Петар бил десната рака на Христос) му е доверена улогата да ја донесе добрата вест дека од ништо не треба да се плашат. Но, наместо да биде награден за својот труд, тој е убиен, исто како и Симон Петар. Сепак, што и да мислел Голдинг, христијанството не смета дека човечките суштества се непоправливо расипани. Тоа го отфрла и наивното прогресивно стојалиште дека по природа сме несебични и сочувствителни, но и тмурноста на реакционерниот став дека сме група тотални негативци кои може да ги спаси само незаслужен чин на божја милост.
.jpg)
Меѓутоа, работата не е во тоа да се шетаме меѓу тие две различни стојалишта и да осудуваме. Важно е да сфатиме дека тоа се спротивни аспекти на една иста ситуација. Токму оние особини што ни овозможуваат вистински напредок (лекување на болните, хранење на гладните и така натаму) во исто време се и оние што ни овозможуваат да извршиме геноцид. Станува збор за противречности на човечкиот вид. Затоа што имаме тела какви што имаме (способни за работа, комуникативни, кооперативни итн.), во состојба сме да развиеме технологии кои далеку ги надминуваат способностите на верверичките. Поради тоа верверичките немаат – колку што ни е познато – систем за здравствена заштита. Но, од истата причина не можат ниту да трупаат нуклеарно оружје. Не можат да испратат помош (вреќи со лешници итн.) на помалку привилегираните прекуморски верверички, но ниту да основаат тајни центри за тортура како што тоа го прави ЦИА (CIA).
Либералите се склони кон мислењето дека во слободата би процветала нашата подобра природа; конзервативците, пак, веруваат дека само со строга примена на редот и дисциплината од себичното и нечувствително човечко суштество може да се исцеди нешто морално вредно. Христијанството е истовремено многу попесимистично од либералите и значително пооптимистично од конзервативците. Доктрината за Падот, која нема никаква врска со каснувањето на божествено забранетото јаболко, сугерира дека сме жално хаотични битија, што го потврдува и беглиот поглед на нашата планета; но христијанското учење исто така смета дека сме способни да се менуваме и дека нè чека добра иднина ако успееме да се откажеме од сегашноста. Но, тоа не може да се постигне без загуба, лишување, патење и смрт.
.jpg)
Некои прогресивни мислители сметаат дека светските војни не морале да се случат, дека тие се необјасниви нарушувања на историјата која се движела напред и назад барем од викторијанската ера или дури од просветителството во 18. век. Чарлс Дикенс остро ги осудувал зла на своето време, но сепак го сметал за далеку подобро од сите претходни фази на историјата. За некои конзервативни мислители Холокаустот е јасно сведоштво за површноста на таа визија за напредокот. Денес стравуваме за својата иднина, но не сакаме да се запрашаме дали заслужува да преживее вид кој е способен да изврши такви ужаси. Ако конечно тој вид го избришат климатските промени или нуклеарна војна, можеби само ќе го добиеме она што го заслужуваме?
Меѓутоа, мораме да се присетиме: иако многу мажи и жени работеле на планирањето и спроведувањето на Холокаустот, многу други го дале својот живот за да се стави крај на нацистичкиот режим. Покрај тоа, ако „Господарот на мувите“ е паробола за темнината на човечкото срце, тогаш тој роман може да ги утеши злоќудните сили против кои неговиот автор се борел неколку години пред да го напише. Ако насилството и суровоста се вградени во нашата природа, тогаш нашата одговорност за извршените мачења и убиства е намалена бидејќи, на крајот на краиштата, сме само верни на природата на својот животински вид. Но, Втората светска војна не беше резултат на човечката природа, туку последица на сложен низ од историски фактори, од кои секој можел да биде поинаков. Можело да се случи Вилијам Голдинг да не мора да и издаде наредба на својата посада да пука во непријателот. А доколку тоа не се случело, тој немаше да го напише романот чија телевизиска верзија сега ја гледаме.
.jpg)
Фотографиите се од серијата Lord of the Flies, 2026
Извор за текстот: UnHerd, 28.02.2026.