1018 hPa
59 %
17 °C
Скопје - Нед, 16.08.2026 07:12
Не знам што толку
ги разбесни моите друшки
Тоа ли што сè помалку
зборуваше на тракиски
а сè повеќе на хеленски
Што престана да им пееш
химни на нашите богови
и што толку лесно ги замени
со олимписките
Откако ти замина Евридика
по волја на боговите
ти како да се одрече од нас
од нашето славење на животот
од нашето воспевање на плотноста
Само си мислам
веруваше ли дека ќе ја доживееш
судбината на Дионис
да бидеш растргнат
и повторно роден од срцето
или сепак додека пловеше со аргонаутите
разбра за распарчениот Озирис
и ја бараше својата Изида
што ќе те врати од мртвите
како што ти еднаш се врати од таму жив
И откако не ја најде меѓу нас
се откажа и од нас
Сал мајка ти
и нејзините посестрими музи
останаа верни на својата цел –
повторно да те спојат
и достојно да те погребат
за да можеш и покрај сета болка
да ѝ пееш на Евридика во адот