Почина писателот, новинар и публицист Јован Павловски

24.06.2026 17:37
Почина писателот, новинар и публицист Јован Павловски

Почина македонскиот писател, публицист, енциклопедист и долгогодишен новинар Јован Павловски, соопшти неговото семејство. Тој зад себе остави повеќедецениско творештво што опфаќа поезија, проза, литература за деца, публицистика и енциклопедистика.

Павловски беше долгогодишен уредник и новинар во „Нова Македонија“, како и дописник на весникот од Париз и Москва. Во периодот од 1980 до 1986 година предаваше теорија и практика на новинарството на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во три мандати беше претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

Автор е на околу педесет книги, меѓу кои романите „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“, добитник на „Рациново признание“, „Сок од простата“ и „Проверка на слободата“, како и поетските збирки „Медеја“, „Идентитет“ и „Строгоста на живеењето“. Значаен придонес остави и во литературата за деца со делата „Мишо ишо шо-о“ и „На сите светски страни само Ани, само Ани“.

Во публицистиката е препознатлив по книгите „Бев со нив“ и „Гемиџиите“, додека како енциклопедист беше уредник и коавтор на изданијата „Личности од Македонија“ и „Ми-анова енциклопедија, општа и македонска“.

За својот придонес во македонската култура, литература и новинарство добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои „Рациново признание“, „Стале Попов“, „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, „Климент Охридски“, наградата „Крсте Мисирков“ за животно дело и Орден на Републиката со сребрени зраци.

Јован Павловски е роден во Тетово во 1937 година. 

ОкоБоли главаВицФото