1011 hPa
31 %
37 °C
Скопје - Нед, 19.07.2026 16:59

Дијагностички структури во психоанализата (10); Лекции по психоанализа (21).
Треба да се истакне демонстративниот акцент
на секој acting out, неговата насоченост кон Другиот. (Лакан, Семинар X)
Иако Сандор Ференци на субверзивен начин вовел поактивен терапевтски пристап во работата со потешките пациенти, тој не ја издвоил групата што денес ја нарекуваме гранична организација на личноста како посебна дијагностичка категорија. Тоа ќе се случи подоцна, благодарение на работата на психијатарот Ото Кернберг, кој речиси сиот свој професионален живот го посветил на разбирањето на овие пациенти и на развивањето соодветен психотерапевтски пристап за нив.
Во еден текст на Кернберг (1989) наидовме на транскрипт од разговор меѓу терапевт и пациентка со гранична организација на личноста, кој е добра илустрација на тешкотиите со кои се соочуваат клиничарите во работата со гранични пациенти, особено кога терапевтскиот однос се организира околу строго поставени граници, одбранбена позиција и меѓусебно реагирање што постепено се претвора во повторувачки, непродуктивен круг, односно пат-позиција. Како што предупредуваат Жаклин Симон Ган и Брент Потер во претпоследната лекција: „Кога постапуваме првенствено од страв, работите ретко завршуваат добро. Иако поставувањето граници е неопходен дел од работата, опасно е верувањето дека доволен број правила и ограничувања можат да ги надоместат катастрофалните околности што довеле до сегашната состојба“.
.jpg)
Терапевтот: Добро, значи денес ја започнуваме терапијата.
Клиентката: Мхм.
Т: Имаш ли нешто на ум?
К: (долга пауза) Не.
Т: Разговарав по телефон со брат ти, кој ме контактираше за да ми каже дека нема да дојдеш на сесијата во вторник зашто си направила обид за самоубиство и си била хоспитализирана… Тоа, се разбира, веднаш го отвора прашањето дали навистина можеш да го издржиш овој третман. Не ми се јави…
К: Се јавив.
Т: Се јави, но дури откако брат ти веќе разговараше со мене. На мојата секретарка ѝ кажа дека мислиш дека можеби ќе бидам лут затоа оти си се јавила…
К: Бев премногу изгубена. (тивко се смее)
Т: Но сепак не презеде иницијатива да ме известиш дека нема да дојдеш на сесијата, во момент кога веќе знаеше дека…
К: (прекинувајќи го) Може ли да ти кажам дека дури не ни знаев кој ден е кога се јавив? Бев целосно отсутна, навистина изгубена (out of it).
Т: Добро, дозволи да ти пренесам што ми кажа брат ти. Рече дека си земала одредени лекови и дека затоа си делувала како да не си сосема присутна. Дали тоа е точен опис? Јас, всушност, зборувам за одлуката што си ја донела да ги земеш тие лекови.
К: Ммм.
Т: Од искуство знаеш дека кога земаш такви лекови стануваш отсутна и дезориентирана. Во тој случај требало да ми се јавиш и да кажеш: „Ќе ги земам овие лекови и нема да дојдам во вторник.“ Но ти не го направи тоа.
К: Не ми изгледа баш вообичаено некој да се јави и да каже: „Ќе земам лекови и ќе се предозирам.“
Т: Тогаш мора да разговараме за ова, бидејќи, за жал, тоа ќе мора да стане вообичаена постапка ако сакаш да продолжиш со третманот. За да можеш редовно да посетуваш терапија, важно е да преземеш одговорност за сопствениот секојдневен живот. Во спротивно, не можеш навистина да се обврзеш на ваков вид работа. Затоа би сакал јасно да кажам што сметам дека е минимален услов за да можеме да ја продолжиме оваа психотерапија, а потоа да слушнам што мислиш ти за тоа. Во ред?
К: Како сакаш.
Т: Би очекувал од тебе, секогаш кога ќе почувствуваш дека си на прагот да направиш таков чин… веднаш да одиш во болница.
К: Нема шанси да одам во психијатриска болница.
Т: Во ред. Во тој случај нема да можам да те лекувам. (пауза) Изгледа стигнавме до крајот уште на самиот почеток (крајот на почетокот).
К: Ти беше тој што ми кажа дека не мислиш дека хоспитализацијата би ми помогнала.
Т: Апсолутно. И понатаму го мислам тоа. Но тоа не е во спротивност со она што сега го зборуваме. Штом веќе не си во состојба самата да се контролираш, некој мора да ја процени ситуацијата. А јас нема да бидам тој што ќе ја носи таа одлука.
.jpg)
Во овој разговор можеме да забележиме како терапевтот се обидува да воспостави работна алијанса, да стапи во контакт со пациентката и да го мобилизира нејзиното набљудувачко его (McWilliams). На одреден начин, тој му се обраќа на нејзиниот „рационален“ или „здрав“ дел – на делот што би можел да соработува и да преземе одговорност за третманот. Но истовремено, низ самиот начин на кој ѝ се обраќа, тој се позиционира како прекорувачки родител. Наместо простор за истражување, во разговорот постепено се создава релациско поле исполнето со напад, одбрана и повлекување.
Зборовите на терапевтот и пациентката се вртат во круг и никогаш навистина не се среќаваат, Дијалогот не води кон отворање, туку кон застој, за конечно, како што самиот терапевт забележува, двајцата да стасаат до „крајот на почетокот“. Останува само непремостливата празнина меѓу оној што зборува и оној што слуша.
Од лаканијанска перспектива, особено е интересна инверзијата на позициите што се случува во овој дијалог. Пациентката, преку своите куси одговори, паузи и повторувачки „хм“, на извесен начин ја зазема позицијата на аналитичарот, додека најголемиот дел од говорот го презема аналитичарот, кој, се чини, ја напушта својата аналитичката позиција и се претвора во оној што објаснува, убедува, поставува услови и бара согласност. Притоа, на крајот се соочува со сопствената противречност: „не можам да те контролирам“, но истовремено „третманот може да продолжи само под услов да постапуваш на одреден начин“.
Од лаканијанска гледна точка, одговорноста не може да биде наметната однадвор ниту да се обезбеди преку договор, правило или институционална рамка. Никој не може да биде принуден да преземе одговорност за сопствената позиција како субјект. Одговорноста се појавува во средбата со сопствената желба и со вистината што произлегува од таа средба. Но токму таквата можност овде останува затворена. Просторот во кој би можело да се појави прашањето за желбата е однапред исполнет со барања, услови и обиди за управување со ризикот, така што аналитичката работа останува блокирана уште пред навистина да почне.
.jpg)
***
Интересно е што дури и Жак Лакан, во еден момент од својата работа, препознава поврзаност меѓу acting out и една специфична група пациенти, иако никогаш експлицитно не ја именува. Како што спомнавме во една од претходните лекции, во лаканијанската клиничка номенклатура не постои дијагностичка категорија наречена „гранична структура“. Сепак, во десеттото поглавје од Семинар X: Анксиозност (1962–1963), Лакан сугерира дека постојат пациенти чија клиничка слика можеби најпрецизно се опишува токму преку механизмот на acting out. Станува збор за пациентите кои денес најчесто ги опишуваме како гранични.
Но, освен овој фрагмент од Семинар X, Лакан не ги врзува acting out испадите со некоја конкретна дијагностичка група. Напротив, тој смета дека овој феномен може да се појави кај субјекти од сите клинички структури, особено во моменти кога аналитичарот упорно не успева да го слушне она што се обидува да биде кажано.
Со други зборови, acting out кај Лакан означува чин преку кој нешто од несвесното се поставува на сцена наместо да биде изразено преку говорот. Наместо субјектот да асоцира, да размислува или да разработува одреден конфликт, тој одигрува. Она што би можело да се појави како збор, фантазија или симптом, се преместува во однесувањето и се претвора во настан.
За Лакан, acting out испадот секогаш содржи димензија на порака упатена кон Другиот, но порака изразена преку чин, а не преку говор. Како што пишува Лакан во Семинар X: „Acting out испадот се упатува кон Другиот за да биде чуен, кога Другиот станал глув“. Другиот може да биде аналитичарот, родителот, партнерот или која било значајна фигура кон која е адресиран чинот. Во аналитичкиот контекст, аналитичарот секогаш го отелотворува Другиот, односно зазема позиција на Другиот.
За да го објасни овој феномен, Лакан се служи со метафората на театарската сцена. Во acting out доаѓа до инверзија на улогите: оној што вообичаено е гледач ненадејно се појавува на сцената, додека самата сцена почнува да го претставува она што претходно останувало надвор од видното поле. Нешто што не било слушнато, препознаено или симболизирано сега се појавува како драматичен чин којшто инсистира да биде забележан.
Преку acting out субјектот несвесно се обидува да обезбеди место внатре Другиот на нешто што останало неискажано и непрепознаено. Без разлика кој го инкарнира Другиот, секогаш е присутна истата логика: надежта дека ненадејниот и вознемирувачки чин ќе биде прочитан како порака и дека конечно ќе го добие значењето што претходно му било ускратено.
Лакан прави јасна разлика меѓу acting out и таканаречениот passage à l’acte („премин кон актот“), чиј најдраматичен пример е самоубиството. Кај acting out субјектот останува на сцената на светот бидејќи, иако не зборува директно, сепак му упатува порака на Другиот. Таа порака е содржана во самиот чин кој претставува обид нешто да биде видено, слушнато или препознаено. Наспроти тоа, кај passage à l’acte субјектот радикално ја напушта сцената. Наместо порака, тука наоѓаме прекин на адресирањето на Другиот. Ако acting out е обид нешто да се каже преку дејство, тогаш passage à l’acte претставува напуштање на самиот простор во кој нешто би можело да биде кажано или слушнато.
.jpg)
Уште еднаш: според Лакан, испадот (acting out) може да се разбере како влегување на сцената на имагинарното со цел нешто да се означи и соопшти. Токму затоа испадот секогаш повикува на интерпретација. Но кога Другиот (аналитичарот) не успева да слушне или да разбере ништо од тој повик — кога означувачот упорно инсистира, а значењето сепак не наоѓа одѕив — тогаш се појавува негативниот трансфер. И кога конечно анализантот ќе одговори на таа глувост со напуштање на анализата, веќе не станува збор за acting out, туку за премин кон актот (passage à l’acte).
Аcting out може да се разбере како немо прашање упатено кон Другиот. Низ самиот чин, без употреба на зборови, субјектот како да прашува: „Кое место го заземам во желбата на Другиот?“, „Дали воопшто имам место таму?“, „Што се случува со мене кога чувствувам дека сум исчезнат од погледот на Другиот?“
Што треба да направи аналитичарот кога во текот на третманот ќе се појави acting out? Од лаканијанска перспектива, најважно е испадот да не се третира како обична непослушност, нарушување на правилата или проблематично однесување што треба да биде контролирано или санкционирано. Acting out треба да се сфати како порака што се појавила токму во полето на трансферот и која бара да биде прочитана. Со други зборови, acting out испадот претставува порака во трансферот што аналитичарот настојува да ја врати во полето на говорот.
Задачата на аналитичарот е повторно да ги воспостави симболичките координати на аналитичкиот процес, враќајќи ги говорот, асоцијацијата и дискурсот таму каде што тие биле заменети со дејство. Истовремено, важно е на анализантот јасно да му се покаже дека испадот е забележан, дека предизвикал загриженост и дека постои подготвеност да се истражи неговото значење. Наместо да се инсистира на забрани и услови, аналитичарот се обидува да создаде простор во кој дејството постепено ќе може да се преведе во зборови. Во таа смисла, аналитичарот би можел да каже нешто како: „Ми се чини дека до овој момент не сум успеал да слушнам нешто важно што се обидуваш да ми го кажеш. Ајде да се задржиме на тоа. Те слушам.“
Во следните неколку лекции ќе дадеме примери со случаи на гранични личности низ кои сите доесегашни теориски концепти ќе добијат форма, месо, боја и движење.
.jpg)
Слики: Lisa Bale