1010 hPa
26 %
38 °C
Скопје - Нед, 19.07.2026 17:59

Игра на светлината: Кон изложбата „Играта која останува“ на Боре Митовски
Симболизмот од крајот на деветнаесеттиот век е уметнички правец кој креативно си поигрува со постулатите на реализмот во сликарството. Креативниот миг на соочувањето со стварноста е отстапувањето од прецизното пренесување на платното. Ова уметничко движење се обидува да проникне зад феноменот и да погледне во нуменот, поточно во „невидливите“ твари кои се претставени со симболи. Врз оваа уметничка платформа во првата половина на дваесеттиот век се надоградува надреализмот.
Сликарот Боре Митовски ја негува уметничката парола на симболизмот и на геометрискиот надреализам. Соодветно со ваквата посветеност тој и ја насловува збирката слики за тековната изложба „Играта која останува“. Во објаснувањето на концептот на сликите и на насловот Митовски својата визија ја објаснува низ призмата на играта, поточно низ призмата на важноста на самото „патување“ наместо на тоа да се гледа како на стриктно движење во насоката на посакуваната цел. Се разбира, патувањата имаат најголема додадена вредност кога ригорозноста во име на беспрекорната ефективност не го диктира доживувањето. Напротив, патниците добиваат најмногу кога се целосно свесни за искуството кое секој сегмент од патувањето го нуди. На тој начин патувањата се искуства кои суштински ја збогатуваат човечката личност.
Ако Митовски својот процес на творештво го споредува со игра во која „не е минлив чин, туку трајна структура на односи и ... присуство“, дејство кое бара внимание, јас го прифаќам предизвикот и почнувам моја „игра“ низ која ме води моето внимание и оттаму согледаното присуство на самата слика со сите нејзини бои и форми.
За мене во оваа „игра“ важни се насловите колку што и сликите. Именувањето, свесно или несвесно е дополнителна димензија со која сликарот ја заокружува својата уметничка замисла. Уметниците пак создаваат и кога спијат. Поетот симболист Сен Пол Ру закачувал лист на вратата од спалната додека спиел на кој пишувало „Поетот работи“.
Како поклоник на симболизмот во сликарството Боре Митовски насликал слика која ја именувал „Сон“. Во негов препознатлив стил, композицијата го привлекува погледот кон средината со две фигури кои би можеле да претставуваат разни нешта. Опкружени се со блесок што се разлева од бела кон жолта, темно жолта/зелена и монохроматски сина. Кога е создадена оваа слика? Кога авторот ја сонувал или кога ја сликал? Дали е ова можеби сон во сон? Дали секој од нас набљудувачите на сликата покрај тоа што ќе ја гледа треба и да ја отсонува? А сепак која е смислата што било од потсвесното и од ониричното да се сподели со другите? Зар тоа не го претпоставува нивната свесна когнитивна перцепција?
Сликата „Сон“ на Митовски бара задлабочување кое дури и ако не води до конечно толкување сеедно повикува на „внимание“. А најголемото внимание се постигнува кога „забораваме“ на себеси и сме целосно предани на задачата која во тој миг ја вршиме.
Токму во такви мигови на целосен самозаборав се случуваат „Еурека“ миговите, се доживува откровение или пак се „слуша“ глас на вдахновение. Истоимената слика на Митовски е синестетска. Платното обилува со бои, секоја од нив „видена“ низ специфичен звук. Амбиентот на сликата е вселенски. Како некаква космичка рака да го зграпчила Млечниот пат и како платно го протресла. Резултатот е слевање на соѕвездијата и на ѕвездите во црвен/жолт/зелен спектар. Раздвижувањето на ова небесно платно, како и во претходната слика, води кон центарот на сликата, додека формата околу центарот потсетува а нота од петолиние. На оваа слика играта е интергалактичка. По трагот на ѕвезденото платно на Митовски би можела да се одвива приказната за славниот Прирачник за автостопери низ Галаксијата. Играта продолжува и таа е исто толку неисцрпна колку и универзумот.
А зошто човештвото ита со сета своја мечта и имагинација кон пространствата за кои не ни е јасно дали се само физички или пак се само вовед во метафизиката. Како и да се одговори на ова прашање сите луѓе, од најзакоравените материјалисти до непоколебливите идеалисти, се во потрага по среќа. Како што славната песна „Чукни во дрво“ на Стефановски вели, „за малку среќа живееме“. И на оваа композиција насловена „Ловец на среќа“ потезите на четката упатуваат и на музика. Две зелени морски коњчиња потсеќаат и на виолински клуч. Меѓу нив како да стои некој старовремски грамофон врз кој се врти винилна лонгплејка. Околината е надреалистична, така што глетката е непозната, а сепак некако позната. Пак да се послужам со стих од „Чукни во дрво“, „Тоа е ова, ова е тоа
Тоа е тоа, тоа е сѐ.“ Кој стигнал до лична среќа може во целост да се поистовети со оваа слика и со овој текст.
Но ловот на среќата може да биде исто што и барањето на изворот на Sуницата. Колку и да трчаме кон местото од каде што изгледа дека таа извира раздалечината останува иста. Веројатно има нешто друго, за разлика од среќата што е темелно трајно и што не зависи од околностите. Христијанската мисла тоа го наоѓа во надежта. Таа надеж пак се крие во крајно неочекувано место, во крстот. На него според христијанското предание е осигурана надежта на човештвото. На крстот умирајќи Христос ја порази смртта.
Сликата на Митовски „Надеж“ го користи токму симболот на крстот. Тој е во средината на композицијата од чија средина, како по обичај избива златно/бела светлина. Во подножјето пламти оган, а искрите се распрскани наоколу. Пламената и кафеавата на облаците чад се закануваат да го проголтаат крстот. Зад него има правоаголна геометриска форма која многу потсеќа на штотуку изделкан сандак или пак саркофаг. Крстот и гробот се во коресподенција за уништување. Сепак, сѐ што успеваат овие два симболи на смртта е да бидат предвесници на животот. На утрото на третиот ден кога светлината без никаква мака ја проголтала темнината.
.jpg)
Навистина, сѐ што треба да направи светлината не е да влезе во крвав бој со темнината. Сѐ што е потребно е едноставно да светне. Темнината е инстантен губитник. На истоимената слика светлината се пробива од крајниот хоризонт и попатно не само што ја поништува темнината, туку ги открива боите на сето она што дотогаш било обвиткано во темна ништожност. Непостоењето станува она што е, а тоа е дека не е!, и му остава простор постоењето да се покаже во сета своја раскош.
Играта на светлината не завршува тука. Таа е дел од секој феномен на постоењето. Преку специфичните впивања и пропуштања на зраците од спектарот конкретниот објект ја добива својата специфична боја. Дефиниран е не со она што го впива, туку со она што го пропушта. Кристалот е многу посебен зашто низ разни призми во него тој пропушта друг зрак разбивајќи го снопот светлина и така разоткривајќи ја неговата многукратна убавина. Кристалот во композицијата со име „Кристал“ како да лебди насреде монохромен простор. Се разбира неизбежниот блесок како своевиден уметнички потпис на Митовски е во композицијата. Тоа е светлината која ќе „проговори“ со јазикот на боите бидејќи ќе биде декодирана од кристалот.
Сето ова досега нѐ наведува да размислуваме за една друга вечно посакувана категорија – слободата. Човештвото трага по среќа и живее со надеж која не умира. Ни едното ни другото не е можно без слобода, од оној најконкретен стремеж да се скрши каков било јарем на потчинетост, до копнежот кој не се опишува со зборови но е постварен од која било физичка манифестација. Јазикот и културата која се изразува преку него е основна претпоставка на слободата на поединците, на заедниците, а секако над сѐ на народите. За Македонците јазикот на слободата е тесно поврзан со Илинденското востание. Боре Митовски оваа вековна мечта за слобода ја претставил со две слики, „Мечкин камен“ и со „Македониум. Паметникот „Мечкин камен“ на сликата на Митовски е стилизиран и сведен на симбол. Камен кој личи на олтар, а врз него едро на брод под налет на ветер; или пак тоа е птица фатена во мрежа? Меѓу паметникот и хоризонтот има отворена провалија. Сведочи за тоа дека нема слобода без преземање ризик, без самопрегор и без визија за доброто на другите. Пространствата кои го повикуваат човечкиот дух се достојни за секоја жртва само ако премостувањето на провалијата е за сите оние кои се заробени и обесправени. Нема слобода за никого сѐ додека и од последниот заробеник не паднат прангите.
Тој сон и таа слобода за Македонците, колку и да се, каде е моќно раскажуван од монументалниот паметник со име „Македониум“. Во овој случај надреализмот на Митовски доаѓа до полн израз. Архитектонската градба тој ја претставува како вселенски брод кој лебди над метафоричното Крушево. На оваа композиција светлината не доаѓа однадвор. Таа избива од центарот.
.jpg)
Ова е дело го заокружува севкупниот опус за оваа изложба на Митовски. Во него е сосредоточена сета македонска меморија, сиот македонски идентитет и незапирливата историска енергија претставена низ Македониумот како космички симбол.
Со ова како Митовски да сака да каже „играта продолжува“ зашто човекот е многу нешта, homo sapiens sapiens, homo faber, homo politicus и homo religiosus меѓу другото. Но од раѓање тој е останува homo ludens, човек на играта. Таа пак е неисцрпен вруток на креативност која постојано го пресоздава светот, зашто светот на човештвото му е даден за да го облагороди. Но тоа ќе зависи од содржината и целта на играта. Според Митовски тоа треба да биде вниманието и присуството. Целосно се согласувам. Ете го плодот на моето внимание и на моето присуство низ игра во неговата игра, зашто играта е онаа која останува.
д-р Коста Милков
Балкански институт за вера и култура