1010 hPa
26 %
38 °C
Скопје - Нед, 19.07.2026 17:59

Во ателјето на необичниот македонски писател и сликар Димитрие Дурацовски, некаде во втората половина на осумдесеттите, дошле маркантната загрепска сликарка Нивес Кавуриќ-Куртовиќ, особениот новосадски поет Вуица Решин Туциќ и предизвикувачкиот белградски (хрватско-црногорски) сликар Миро Главуртиќ. Главуртиќ, со мали очила и мали мустаќи, со ќела како од месинг и актен чанта во раката, на влегување рекол:
— Чудна мачка ни претрча пред нозе, на стазата, ако беше мачка, Димитрие?
— Цибетка е, ама делумно припитомена. Името ѝ е Чудина, по нашата чудесна Марија, која почина минатата година. Навечер ја пуштам низ двор — рекол домаќинот.
— Марија Чудина навистина беше ретка ѕверка — рекол Главуртиќ.
— Личеше на цибетка, барем за мене: брза, енергична, со мало издолжено тело, долг опаш, остро муцкиче... — рекол Дурацовски. — А ти пак имаш жива пеперуга забодена во реверот, Миро? Претерано си екстравагантен.
— Ја ставив специјално за изложбата на Нивес — одговорил Главуртиќ.
— Како и да е, добредојдовте, драги пријатели. Не можев да дојдам на отворањето на изложбата оти го повредив коленото — рекол Дурацовски.
— Ако не можеш ти на изложба, изложбата ти дошла — рекол Вуица, соблекувајќи го лесното сако и откривајќи ја маицата на која пишувало: Маркс Енглез Лењир.
— Супер ти е маицата, Вуица, ама како крава да ја џвакала — прокоментирала стројната Нивес која вечерта врз долгиот темносив кардиган носела брош со окото на Хорус.
На темпераментниот Вуица му светнале продорните очи, испраќајќи невидливи молњички кон Нивес:
— Намерно е тоа, драга госпоѓо. Јас сум народен поет, а не наконтен фичфирич. Но, ти си и прекрасна и перцептивна, можеби и поради Хорусовото око — елегантно одговорил Решин Туциќ.
— Слушнете ме сега! — подвикнал инаку обично смирениот домаќин, веројатно за да покаже колку многу му значи посетава. — Сред ткаежот од времиња и простори што се приближуваат разидуваат пресечуваат, драго ми е што се најдовме овде, кај мене, во Струга! Ви благодарам што дојдовте и чувствувајте се во домот на мајка ми и мој како во свој.
Главуртиќ го возвратил поздравот: — Во поголемиот дел од тие испресечени времиња ние не постоиме, колега Димитрие; во некое време ти постоиш, но не и јас; во некое друго, постојам јас, но не и ти. А овде, види нè само! Шарени шарени цели ѓаволи!
— Така е, Миро — рекол Дурацовски. — Чудната божја промисла го создаде порталот низ кој дојдовте во моево време; во некое друго, минувајќи низ градината, покрај цибетката, ќе ме најдевте мртов; во трето, ги изговарам истиве зборови, но јас сум само едно недоразбирање, призрак.
— Аман, Димче, доста со тој Борхес! И доста, Миро, со ѓаволите, ебате беља! — викнал Вуица. — Има ли овде некој дезинфинциенс, устава ми се исуши... Сликарска куќа е, би требало...
— Има терпентин, за пребучните — рекол Дурацовски, ама сепак донел шише вино и пет чаши. Вуица во куќата еднаш веќе бил и добро се познавале со Димитрие.
— А дали имаш некоја тегла, да ја одморам пеперугава и да се раскомотам? — прашал Главуртиќ.
.jpg)
За тоа време сликарката Нивес Кавуриќ-Куртовиќ љубопитно ги разгледувала сликите на Дурацовски, па му се обратила:
— Имаш нешто фаустовско, малку страшно... Мрачен си, а твојот однос со луѓето нема човечка димензија...
— Larvatus prodeo, „напред чекорам маскиран“, Нивес. Да се сетиме на Гете, оној Гете што ѕирка од сенката, зад Фауст... — учено и одбранбено одговорил Дурацовски.
— Интересна кожа имаш, Димитрие. Мека и нежна како на тинејџер, а истовремено збрчкана како на старец — рекла Нивес.
— Таква ми е и душата, Нивес — одговорил Дурацовски.
— Твојата душа, гледам, лебди и скита. Немаш роден крај. Само зееш и штрпкаш по нешто. Сликите ти се затворени, Димитрие, како што самиот си затворен. Тие нешто еманираат, ама не може да им се пријде...
— Аман бе, Нивес! Доктор Борис Мојсов вели дека тоа ми е од инсомнијата! Не претерувајте, ви се молам. Јас сум само обичен исплашен провинцијалец и веројатно неуспешен сликар...
— Збунета сум, всушност. Цртеживе се фантастични, гледај ги линииве, сè се влева и истекува... Но и тука пак нешто ме плаши... Затворен си во кулата на уметноста, сигурен само во анонимноста, меѓу нискиве ѕидови, подготвен секој миг да изречеш најочевидна лага за да ја одбегнеш смртоносната светлина на денот, како вампир, двојник, на чие дно се бранува густ црн талог...
— Можеби сум ’недо битие’? Недовршен, недоверлив, недоветен?! Еднаш сонував, жена ме прегрнува, ме тера да водиме љубов, јас бегам во тоалетот и повраќам огромни црни парчиња, не знам од што, црн талог, баш — признал Дурацовски.
— Од друга страна, исплашен човеку, гледам како од талогот расте слонова коска. А знаеш и самиот што вели Вергилиј: граѓата од која се направени вратите на лажните сништа е од слонова коска...
— Знам и дека граѓата од која е изградена кулата на читателот исто така е од слонова коска. Тоа ми е поприфатливо, повеќе сум читач отколку Фауст, да го намалиме малку интензитетот, Нивес, се согласуваш?
Се согласувам — рекла Нивес и му се свртела на Миро Главуртиќ кој во реверот уште ја носел набодената пеперуга.
— Ти цркнала пеперугата, манијаку!
— Само е замелушана — одговорил Главуртиќ.
.jpg)
— Миро е простак во ноќта, а не манијак, драга Нивес — рекол Вуица. — Но, друго сакав да кажам, во врска со различните мебиусови ленти низ кои се движими небаре муви на леплива трака. Ако веруваме дека сме она што сме благодарение на нашите односи спрема другите, тогаш мораме да признаеме дека, едновремено, токму заради нашите односи со другите ние никогаш не сме едноставно ние самите. Тоа значи дека односите едновремено и ја овозможуваат и оневозможуваат потврдата на нашиот идентитет.
— Фала ти, брате Вуица, ме спаси од демонизирање! — се насмеал Димитрие. — Токму така, јас сум можеби хомо дуплекс, ама кој не е?!
— Двоен си во смисла дека си уметник, Димитрие — рекла Нивес. — А уметникот, создавајќи ја формата, се создава и самиот себе, зарем не?
— Не сум веќе уметник, се откажав од тоа — рекол Дурацовски. — Но, мошне ми е интересно, творечко, прашањето на формата и двојноста. Гомбрович вели дека човечката форма се деформира во контакт со формата на другите луѓе и тогаш човекот станува објект, во значајна мера го создаваат други. И тоа воопшто не се површни преобразби, оти со формата сме длабоко проникнати; доволно е да го смениме тонот на гласот и веќе некои содржини во нас нема да можат да се искажат, ни да се помислат, а можеби дури ни да се осетат.
— Би можеле да речеме дека сите ние сме повеќе-помалку лажни, извештачени; па сепак, немаме друго, мораме да бидеме она што сме, тоа прашање на живот и смрт, особено за уметниците — рекла Нивес.
— Така е — рекол Дурацовски. — Не знам кој сум, ама ме боли кога ме деформираат. Знам, значи, барем, што не сум. Моето ’јас’, тоа е само мојата волја да бидам тоа што сум.
.jpg)
— А знаеш ли, Дурацовски, за Ахенското огледало кое ја има чудесната способност да го сочува еднаш фатениот лик? Тоа светечко огледало го изработил Гутенберг, ако не сте знаеле, за Ахенската катедрала — рекол Главуртиќ.
— Да, да, и звуците на ѕвоното на Соломон се заробени во Ахенското огледало, ги имам видено баш таму — потсмешливо прокоментирал Вуица.
— Како и да е. Прашањето ми беше дека можеби некој овде сепак има договор со ѓаволот, м? — рекол Главуртиќ.
— Во Белград се зборува, Миро, дека токму ти си „човекот што го видел ѓаволот“; те викаат „гнасен демон“, не? — рекол Вуица.
— Васко Попа ме нарече „првиот шешир на Белград“. Но, имаш право, Решине, таму ме викаат и „гнасен демон“ оти сум католик и мистик; башка, ми се чини дека токму во православните кругови во Белград полека бабри огромна гнојна бубуљица, нова застрашувачка сатанска енергија која ќе нè вшмука сите, предупредени сте — рекол Главуртиќ.
— А на кого ти алудираше, Миро, меѓу нас, дека има „договор со ѓаволот“? — наивно прашал Дурацовски.
— Мислам дека делумно одговорив на тоа прашање. А знаеш ли, стружанецу, дека некои, во нашите магиски кругови, тебе те сметаат за некаков бизарен наследник на мртвиот Шејка?!
— Ох, не збори така провокаторски, човеку! Љубов, да, многу љубов имам кон Леонид Шејка, ама каков бе наследник ти се молам! Јас сум заточен овде, на крајот на светот, крај ова старо езеро, и сосема сум безначаен и за живите и за мртвите и за земските и за небеските...
— Како ветeр-параклет што се провлекува низ стара куќа, ја придвижува завесата и за миг нè залажува дека некој уште живее таму, таков си, Димитрие?! — упорно провоцирал Главуртиќ.
— Таков можеби ќе бидам. Засега сум уште полужив, овде, во седумте соби на куќава, со мајка ми, која ме чува, која ја чувам — рекол Дурацовски.
.jpg)
Главуртиќ тогаш рекол:
— Шејка еднаш ми раскажа нешто што личеше на сон, или тој сакаше да помислам дека личи на сон. Расправавме дали е можно да се добие слобода од Сатаната. Тој ми рече: „Еднаш имав можност да бирам меѓу белиот и црниот сад. Го избрав црниот, садот на искушението, еликсирот на вечното уживање. А потоа ми рекоа: ’Доаѓа време што ќе те засрами. Твојот избор е срамот на испосникот, ти стана слуга на Ѓаволот!’ После овие зборови се појави демонската кавалкада. Огнови распламтени на сите страни, блуење и сиктење. И сето тоа ме увери дека сум на вистинскиот пат, зашто молитвите и постовите помагаат само делумно; бегството ја зголемува вината, а искушението мора целосно да се прифати; победата е послатка кога противникот е поопасен, а триумфот е поголем ако самиот му отстапам дел од својата сила.“
— Ова ме потсети на еден сон што првин ме исплаши, а потоа ме насмеа — рекол Дурацовски. — Можно е и да сум го прочитал кај Шејка, ама го сонував. Седам на столица а на мазна и издигната површина пред мене од темнината позади полека се материјализираат дванаесетте пророци, како на некоја слика. И ми стана јасно: ова е последното судење. Слушнав труби, го видов распоредот на ангелите, апостолите и џелатите. Лесно можеше да се заклучи дека ова е веројатно претстава, измама, смислена да ме убеди во неопходноста од избор на светечки живот. Но, случајно допирајќи го со рака своето лице, ги опипав очилата кои ми биле, веројатно за време на спиењето, натакнати врз очите. Јас нив ги фрлив од очите, и тогаш се виде дека она што мислев дека се пророци биле женски нозе; и дека тоа не е судење, туку избор на најубавата жена на светот.
— Димуле, пријателе, еве ти совет од поискусен колега, да олабавиш малку со ерос-танатос фиксациите, со заљубените и мртвите — рекол Вуица. — Ако на денот на заљубените не си заљубен, не е крај на светот, зарем не? Па не си ни мртов на денот на мртвите.
.jpg)
Додека мажите доверливо ги отворале своите теми, љубопитната Нивес на врвот на една од полиците здогледала чудна стара метална медицинска кутија со капак.
— Што имаш во онаа избледена зелена пониклувана кутија, Димитрие? — прашала гостинката од Загреб.
— Стварно знаеш да ловиш, Нивес. Погодувајте, што има во кутијата — предложил Димитрие.
— Некоја смалена препарирана човечка глава, цанца, од Амазонија — се пошегувал Главуртиќ.
— Некоја прастара книга во распаѓање — рекол Вуица.
— Сите зла на светот - се насмеала Нивес.
Тогаш Димитрие објаснил:
— Во медицинската кутија се наоѓаат четири работи: парче ронлив зелен минерал; делче од хербариум со само еден пресуван цвет, руско кокиче; црн препариран и лакиран саламандер со жолти дамки; и полуизгниена газа во кое е завиено делче од папочната врвца што ме врзуваше за мама и за куќава.
— Леле! Од изложба на изложба! Само што оваа сега е Кабинет на бизарности! Лудо ти е атељево, стружанецу, сосем! Но, добиваме комплетно искуство, и тоа е вистина — рекол Главуртиќ.
— Мошне интересно, сфингадочен човеку — рекла Нивес. — Смислена ти е инсталацијата во медицинската кутија или просто си ги набутал работите на едно место?!
— Повеќе е второво, Нивес. Веројатно сум ги ставил заедно да не ги изгубам или заборавам. Сите четири работи ми се битни.
.jpg)
— Не припаѓам овде. Се чувствувам како реформ гротеск, народен писател меѓу претенциозни и иронични сликари мистици... Сево ова е вештачко, претстава, почнувате да ми идете на бубрег — неочекувано се изјаснил Вуица Решин Туциќ, можеби малку и од виното.
— Не, не, не, Вуица! Токму е обратно! Ти си играч у свим правцима! Човек не припада припадању, као што ни прозор не види гледање! — рекол Дурацовски, со повишен тон. — Штавише, твојот исказ миговно ми предизвика епифанија! Вечерва ние сме устројство, машина по име АЗОТХ!
— Подобро е и простак во ноќта и гласен гнасен демон од азот машина, ебате, ни више ни мање — негодувал Решин Туциќ.
— Тој збор, Вуица, во алхемијата значи почеток и крај, и единство. Составен е од А, првата буква на трите азбуки кои важат во алхемијата, латинска, грчка и хебрејска; од Z, О (омега)и TH (тав или тхау), последните букви на латинската, грчката и хебрејската азбука. Сфаќате, со комбинација на првата буква и на последните букви на азбуките се добива АЗОТХ.
— Е па, Димитрие, поради оваа илуминација, те прогласувам за А! — рекла Нивес. — Јас можам да бидам Z, како единствениот женски принцип овде.
— Парацелзус го сметал азотот за универзален растворувач — рекол Главуртиќ.
— Парацелзус го сметал азотот за универзална трансформативна сила што ги поврзува материјата и духот — рекла Нивес.
— Парацелзус својот бастун го викал азотх и во него го држел затворен својот демон, во дршката на бастунот — рекол Главуртиќ.
Вуица, како да е малку шокиран, се чини дека го прифатил чудниов расплет:
— Еднаш седев во работната соба на поетот Васко Попа и јадев некаков горчлив колач. Со изгубени очи Васко пријателски ме гледаше, а јас помислив дека сака да ме отруе.
Нивес Кавуриќ-Куртовиќ тогаш забележала дека во просторијата го нема Димитрие Дурацовски.
— Каде ни исчезна домаќинот? — прашала Нивес.
.jpg)
Дурацовски се појавил после неколку минути, носејќи некаква мала кутија обложена со чоја.
— Ќе ни го покажеш твојот Договор со ѓаволот, Димче? — се пошегувал Главуртиќ.
Дурацовски ја ставил малата кутија на масата и веднаш ја отворил: оттаму бликнала необично жива светлина низ која излетала истата пеперуга од реверот на Главуртиќ!
— Леле! — рекла Нивес. — Таа пеперуга предмалку беше мртва!
— Да, беше мртва и ѝ ја дадов, како колаче, на мојата цибетка Чудина која живее во гаражата на татко ми, поврзана со куќава. Чудина малку се накашла и ми ја поврати пеперугата, оживеана — рекол насмеаниот Димитрие.
— Огнот уште само во пепелта се крие — рекол Решин Туциќ.
— Ајде носи нè кај твојата цибетка, да нè изеде! — викнал Главуртиќ.
— Доста беше комедии и егзибиции за денес, драги пријатели, ненадејно ми дојде голем умор. Затоа ќе морам да се повлечам. Да сте ми здрави и живи — рекол Димитрие и одеднаш си заминал низ една од вратите на пространата куќа, дали кај мајка му, дали во гаражата на мртвиот татко, кај цибетката Чудина, во подземниот дел, кој би знаел.
— Успокојте се, јас го знам излезот одовде — им рекол Вуица на Нивес и Миро.
.jpg)
Цртежи: Димитрие Дурацовски, 1972-1985