1011 hPa
31 %
37 °C
Скопје - Нед, 19.07.2026 16:59

Вчера бев на пократко патување. Прво со локалниот хајперлуп се провозев низ тунелот што го изгради компанијата „Боринг“ (Boring). Потоа, преку вградениот невролошки имплант, повикав целосно автономен роботакси на „Тесла“. Патем ги читав најновите вести од колонијата на Марс.
Секако, ништо од тоа не се случи, бидејќи ништо од наведеното не постои. Не постојат функционални хајперлуп возила. Компанијата „Боринг“ уште нема направено комерцијално употреблив тунел. „Тесла“ има неколку – не сосема автономни – такси возила во Остин. И тоа е тоа. (Додека „Гугл“ наголемо нуди такси возила „Вајмо“ (Waymo) без возач во неколку поголеми градови.) Компанијата „Невралинк“ (Neuralink), наводно пионер во индустријата за мозочни импланти, изврши тестирања на само неколку пациенти, и тоа е сè. И секако, колонијата на Марс не постои: лет на Марс со човечки екипаж уште не е изведен и мали се шансите тоа да се случи во догледна иднина.
Во повеќе наврати изминатава деценија Илон Маск тврдеше дека сите овие услуги ќе бидат комерцијално достапни до 2025 година, можеби и порано.
Навистина, Маск имаше и деловни успеси. „Тесла“ навреме влезе во бизнисот со електрични возила, а „Старлинк“ (Starlink) нуди критично важни услуги кои го прават профитабилен.
Но, тие достигнувања не се доволни за да го направат Маск најбогатиот човек на планетата. Историски гледано, неговото богатство главно почива на самоисполнувачката верба на инвеститорите убедени во генијалноста на Маск, кои ги купуваат акциите на секоја компанија под негова контрола. Растот на вредноста што произлегува оттаму дополнително ја зацврстува репутацијата на Маск како деловен генијалец.
.jpg)
Постои термин за претпријатија кои изгледаат успешно оти привлекуваат нови инвеститори, а новите инвеститори ги привлекуваат оти изгледаат успешно. Тоа е класична Понзи измама. Илон Маск е, всушност, Понзи шема во човечки облик.
Штотуку завршената иницијална јавна понуда за „СпејсЕкс“ (SpaceX) јасно покажува кое е најважното деловно својство на Маск – не развојот на футуристички производи, туку мајсторството во финансиски манипулации (шибицарење) и вештото користење на инсајдерското влијание, особено влијанието врз администрацијата на Трамп.
За да сфатите на што мислам, сетете се како Маск во 2022 година го купи Твитер и го преименува во „X“. За да ја финансира таа инвестиција, мораше да се задолжи кај инвестициските банки за 13 милијарди долари. Банките сметаа дека брзо ќе се ослободат од овој долг продавајќи го на лакоми инвеститори. Но, Маск го уништи деловниот модел на „X“, претворајќи го во екстремно десничарска септичка јама наклонета кон нацистите, поради што огласувачите брзо се разбегаа. Летото 2024 година вредноста на поранешниот Твитер беше проценета на половина од цената по која беше продаден. Соочени со можност за загуба од 40 отсто ако веднаш се ослободат од долгот, банкарите се помирија со сознанието дека ќе мора да го трпат во своите биланси многу подолго отколку што замислуваа, поради што „Волстрит журнал“ (Wall Street Journal) во август 2024 година заклучи: „Купувањето на Твитер од страна на Маск – најлошата банкарска зделка од финансиската криза во 2008 година“.
А тогаш се случија две нешта кои ги спасија банкарите и кредитната способност на Маск: победата на Доналд Трамп во 2024 година и доаѓањето на вештачката интелигенција. Во желба да им се умилкуваат на Маск и Трамп, огласувачите почнаа да се враќаат на „X“. Во март 2025 година Маск објави спојување на „X“ и новооснованата AI компанија „xAI“, и така ја искористи помамата по вештачка интелигенција за да ја зголеми проценетата вредност на „X“ и своето лично богатство.
.jpg)
За несреќа на Маск, „Грок“ (Grok) на компанијата „xAI“ е, по сè изгледа, многу поинфериорен производ од AI моделите што ги нудат „Антропик“ (Anthropic) и „ОпенАИ“ (OpenAI). Многумина го сметаат за небезбеден и непотиплив. Во еден момент почна да исфрла расистички и антисемитски коментари, па дури и си го даде прекарот МехаХитлер (MechaHitler). Официјални лица од администрацијата на Трамп вршеа притисок врз владините агенции – вклучувајќи го и Пентагон – да почнат да го користат „Грок“, но без голем успех.
Значи, откако прво го спаси „X“ спојувајќи го со „xAI“, во следниот чекор го спаси „xAI“ спојувајќи го со компанијата „СпејсЕкс“, која има вистински успешен деловни модел во „Старлинк“.
Потоа со јавна понуда „СпејсЕкс“ излезе на пазарот на капитал. Иницијалната понуда дебитираше на Насдак (Nasdaq) по цена која дава евалуација од 1,77 трилиони (билиони) долари за компанија која во претходната година забележа приход од едвај 18,7 милијарди долари и која генерира загуби.
Како може да се оправда таквото вреднување – да го наречеме астрономско? Иницијалната јавна понуда делумно се засноваше на претпоставката дека малите инвеститори ќе купуваат акции, не врз основа на каква било рационална процена на вредноста на „СпејсЕкс“ како компанија, туку зашто веруваат дека така стекнуваат удел во генијалноста на Илон Маск.
Но, бидејќи не беше сигурно дека ордите верници ќе бидат доволни за оваа измамничка игра да се доведе до среќен крај, мораа да се ангажираат и сојузниците на Маск од Волстрит. Некои од водечките берзански индекси, како што се Насдак 100 (Nasdaq 100) и ФТСЕ Расел (FTSE Russell), неодамна ги променија сопствените интерни правила за практично веднаш да го вклучат „СпејсЕкс“ во изборот на вредносни хартии кои ги следат.
.jpg)
Важно е да се разбере дека вклучувањето акции на некоја компанија во водечките берзански индекси носи огромна финансиска корист. Голем дел од акциите ги поседуваат „индексните фондови“ – инвестициски фондови кои своите портфолија ги дизајнираат така што го имитираат движењето на главните индекси. Значи, штом акциите на некоја компанија ќе се вклучат во важен индекс, побарувачката за нив расте оти индексните фондови мора да ги вклучат во своите портфолија.
Историски гледано, водечките индекси секогаш чекаат да помине барем една година од иницијалната јавна понуда за воопшто да ја разгледаат можноста за вклучување нови акции, давајќи им така доволно време за „созревање“. Заобиколувањето на правилата кога е во прашање „СпејсЕкс“ покажува дека Маск не ја изгубил способноста за кооптирање и корумпирање на клучните институции. (Треба да се нагласи дека S&P 500 не подлегна на притисоците и ќе почека една година пред да го воведе „СпејсЕкс“ во својот индекс.)
Што ме носи до поентата. Џиновската човеколика Понзи шема позната како Илон Маск на крајот мора да пропадне. Но, традиционалните Понзи шеми ги експлоатираа само оние инвеститори кои со слободна волја одлучија да се вклучат во нив. Овојпат голем дел од парите зад измамата на Маск доаѓаат од џебовите на обичните Американци кои се практично принудени да му се придружат. Приближно 52% од капиталот под контрола на инвестициските фондови денес е инвестиран во фондови кои ги следат индексите, а преку 50% од американските домаќинства имаат барем минимален влог во нив. Благодарение на дослухот меѓу Маск и Волстрит, кој е овозможен од сеприсутното уверување дека зад Маск стои администрацијата на Трамп, многу мали инвеститори – можеби и мнозинството – учествуваат во гоењето на берзанското чудовиште на Маск, сакале тие или не. Треба ли воопшто некој во Трамповата Америка да биде изненаден од тоа?
.jpg)
Карикатури (одозгора долу): Berend Vonk, Petar Pismetrovic, Luc Descheemaeker, Rahma Cartoons, Asier Sanz.