1011 hPa
31 %
37 °C
Скопје - Нед, 19.07.2026 16:59

Поранешниот шампион во тешка категорија, Мајк Тајсон, еднаш легендарно рече: „Секој има план сè додека не добие бокс во глава“. Токму тоа може да се каже за идниот британски премиер, како и за неговите претходници, особено по спектакуларната дефенестрација на Лиз Трас по само 49 дена на премиерската позиција во 2022 година. Сите имаат сјаен план сè додека пазарот на британски државни обврзници не ги тресне среде лице.
Енди Бурнам, Најџел Фараж и мојот пријател Зек Полански ќе мора да се носат со тоа, доколку стигнат до резиденцијата на адреса Даунинг стрит 10. Верувам дека тие веќе го знаат тоа. Но, не мислам дека се свесни за вистинските размери и природата на овој проблем.
Општоприфатената мудрост вели дека пазарот на обврзници го чинат луѓе кои своите заштеди ги вложуваат во државни обврзници, барајќи го најповолниот сооднос меѓу висината на каматните стапки и ризикот што тие стапки го носат. На пример, можно е зголемените приноси на обврзниците да сигнализираат дека пазарот очекува идната инфлација да ја намали добивката од фиксните камати. Уште полошо, можно е зголемените приноси да укажуваат на ризик од банкрот на државата, како што се случи во Аргентина и Грција.
Тоа е, горе-долу, она што го учат студентите во прва година по економија и финансии. И сето тоа е точно. Но, во таа приказна недостига најфасцинантниот и најпроблематичниот аспект на пазарот на државни обврзници во Велика Британија: работата е во тоа што способноста на британската влада успешно да го рефинансира својот јавен долг од речиси 3 билиони фунти (или 4000 милијарди долари) не зависи примарно од малите штедачи кои одлучуваат да инвестираат во британски обврзници.
.jpg)
Шансите на британската влада успешно да го продаде својот долг многу повеќе зависат од добрата волја на бројните финансиски институции со седиште во Соединетите Американски Држави и нивната подготвеност да позајмуваат значителни суми долари за да купуваат британски обврзници. Купените обврзници потоа ги користат како залог за подигнување заеми за сопствени потреби во Соединетите Држави.
И тука е проблемот. Огромна е разликата меѓу позајмувањето од мали штедачи и од големи шпекуланти кои мора да се задолжат за да купат државен долг. Штедачите се фокусираат на долгорочната кредитна способност. Тие се подготвени да толерираат вложувања во инфраструктура кои на пократок рок го зголемуваат долгот, доколку постојат добри изгледи дека очекуваниот профит ќе го покрие задолжувањето навреме и во целост.
Шпекулантите кои се задолжуваат за да инвестираат играат по поинакви правила. Тие се многу понавредени и посклони кон маргинални повици (margin calls). Ако обврзниците што ги купиле почнат да губат вредност, ќе се ослободат од нив без многу размислување, во страв дека нема да можат да ги исплатат доверителите, поради што падот на вредноста се претвора во целосен слом.
Зошто британските обврзници во толку голема мера зависат од американските шпекуланти кои се задолжуваат за да ги купат, за разлика од германските, јапонските, италијанските или грчките обврзници? Зошто секоја британска влада е принудена да се потпира на приливите од задолжениот американски капитал?
.jpg)
Сè започна во 50-тите години на 20-иот век кога лондонскиот Сити бараше начин да ја зачува својата релевантност по пропаста на Британската Империја. Решението беше пронајдено во издвојувањето на посебна ниша во наталожената доларска империја, што беше институционализирано со договорот од Бретон Вудс. Со тој договор беа предвидени ригидни контроли за американските финансиери, а лондонскиот Сити беше во позиција да им понуди три важни механизми со кои тие ограничувања ќе се ублажат.
Прво, трговската експертиза и правниот систем во Лондон им овозможија висока ефикасност во работењето и заштита од какви било надворешни интервенции, вклучувајќи ја и демократската одговорност. Второ, британската мрежа на прекуморски јурисдикции им пружи неверојатни можности за избегнување плаќање даноци. Трето, Лондон набрзо стана место каде што се слеваа реки од петродолари и евродолари, да не зборуваме за долари со сомнително потекло што странските банкари ги произведоа надвор од Соединетите Држави.
Големиот британски парадокс може да се сумира на следниот начин: додека реалната економија на Велика Британија пропаѓаше, лондонскиот Сити цветаше. Кога системот од Бретон Вудс беше укинат во 70-тите години, американските финансиери открија уште една корисна функција на Сити: краткорочно задолжување во Соединетите Држави со цел купување долгорочни британски државни обврзници, кои потоа можат брзо да се продадат за да се отплатат кредитите. Тој процес го повторуваа постојано од почеток, со добар профит.
.jpg)
Ете зошто британската влада е принудена да се потпира на американските институции. За да продолжи сè по старо, на Лондон му се потребни американски биланси подготвени да се шират со понатамошно задолжување и купување британски обврзници како колатерал за одржување на ликвидноста во Соединетите Држави.
Со други зборови, опачината на успешноста на лондонскиот Сити е тоа што Велика Британија, и покрај тоа што се задолжува во валута која самата ја печати, практично го изгуби својот финансиски суверенитет. Да, Сити има стратешки важна позиција во глобалниот доларски систем и владата на Велика Британија мора да ја одржува централната позиција на Сити во американскиот финансиски систем. Додека е така, ингеренциите на премиерот на Велика Британија ќе се сведуваат на преместување на лежалките на палубата на Титаник.
Постои алтернатива за тој необичен облик на финансиска потчинетост на интересите на финансиерите од Соединетите Држави, но тоа би подразбирало подготвеност да се прифати пад на фунтата и пад на вредноста на недвижностите. Тоа исто така би барало јавни инвестиции преку нова инвестициска банка која би емитувала обврзници за кои гарантира Англиската банка.
Премиер на Велика Британија кој би се обидел да вложува во јавни добра, додека истовремено толерира финансиска потчинетост на Велика Британија на американскиот капитал, би можел да ја турне Британија кон интервенција на Меѓународниот монетарен фонд. Така таа би скокнала од тавчето – само за да заврши во огнот. Да не заборавиме, единствената цел на ММФ е да служи како политички лост со кој на земјите им се одзема суверенитетот над сопствената даночна политика и политиката на трошење – како што покажа примерот со Грција. Дали актуелните кандидати за највисоката позиција во Велика Британија го сфаќаат тоа?
.jpg)
Слики: Pawel KUCZYNSKI
Извор за текстот: Project Syndicate, 16.06.2026.