Врсничко насилство: Едно од лицата на злото – „јас, само јас“

06.07.2026 12:27
Врсничко насилство: Едно од лицата на злото – „јас, само јас“

Периодов се загледав во документарни емисии и налетав на неколку за вистински криминални случаи во САД.

Полиција запира девојка на автопат, која тврди дека штотуку се породила во својот автомобил и бебето тешко дише, па бара да ја однесат во болница. На патот за болница, новороденчето умира. Како што подоцна се утврдува, жената сакала да го задржи човекот со кого била во врска па се преправала дека е бремена. Кога дошло време да се породи, за да не ја фатат во лага, смислила план: убила една жена во деветтиот месец од бременоста, ѝ го расекла стомакот, го извадила бебето и плацентата и потоа се преправала дека таа се породила.

Во друг случај, една успешна бициклистка, првенка во повеќе натпревари, Мораја Вилсон, е најдена убиена. Подоцна се утврдува дека кратко време пред тоа се запознала со некој велосипедист со кого се сретнала неколку пати. Девојката која живеела со него, а со која уште претходно, според нивните зборови, не биле во врска, сепак не сакала тој да се гледа со Мораја Вилсон, па смислила скришно да ја убие и потоа да си продолжи да живее со оваа отстранета пречка.

Можеби во однос на самиот акт и последиците, случајот во Аеродром, во кој едно девојче е понижувано и мачено од врсници, е различен. Но принципот е целосно ист. Без оглед дали ќе се повикаме на теорија, на пример исказите на Хана Арент, или нема, случаите од животот јасно кажуваат – сите тие се последица на тотално и целосно немање осет за никого друг освен за себе, немање свест за важноста, чувствата, желбите, очекувањата, животот на другите луѓе. Луѓето, во очите на овие насилници, се ништо, тие се неважни, сосема дехуманизирани, толку што повеќе не се личности, туку стануваат само средство за да насилниците се спасат себеси, стануваат пречка што треба да се отстрани, стануваат безвредни суштества, средства што служат само да се исполни сопствената желба, да се стане популарен, интересен, кул за друштвото. „Јас, само јас сум важен; јас, само јас сум важна,“ е принципот на овие човечки суштества лишени од какво било чувство на емпатија или разбирање, од каква било грижа дека нивните дејства ќе остават трауми и психички последици што можат да завршат и трагично.

И тоа е израз на злото.

Не е ни чудо што било утврдено дека дел од нацистите кои извршувале сурови дела биле нежни со своето семејство – зашто и за нив „важни сме јас и оние што мене ми се важни“, другите се инсекти што може да се згазат – и самата метафора за инсектите како неважни суштества, додека всушност се многу важни, укажува на злото на егоцентризмот.

Во случаите во САД, полицијата не ги понижуваше, не ги навредуваше, ниту морално ги осудуваше виновниците. Кога ги откри фактите и кога тие се обидуваа да лажат во своја одбрана, само им рече: ги имаме доказите, не дискутираме повеќе дали сте виновни, сега кажете како и зошто го направивте тоа. Не генерализирам за САД, не знам што се случува таму на терен генерално, затоа и ги спомнувам овие два конкретни случаи. И уште еден трет, релевантен: млад дечко кој се суди за убиство на неколку жени добива писма од илјадници обожаватели восхитени од неговата храброст. Секаде има луѓе кои слават насилници, но судот и поротата не обратија внимание на обожавателите – системот го осуди убиецот.

Во сите овие македонски и американски случаи – за Македонија знаеме дека во јавноста се појавија и неколку други случаи на врсничко насилство, а ги има уште стотици илјади за кои не дознаваме во јавноста – потезите што може да се преземат се реакција на она што веќе се случило.

Но што може да се преземе за да не доаѓа до врсничко насилство, кое секогаш е страшно? Тврдам дека поинаку поставени приоритеи во образованието можат да ја подобрат ситуацијата. На крајот на секоја учебна година, најчестите дискусии се во врска со тоа дали сите добиле петки на крај и дали тие биле или не биле заслужени, како и дали на матурата се препишувало. Да, тука се релевантни аспектите на тоа дали оценувањето е фер или нефер и моралната неоправданост на препишувањето. Но зошто воопшто оценките да бидат во центарот на вниманието, кога тие се најневажниот сегмент на обраозванието? Тие често не се одраз на знаењето. Исто така, за сметка на проверка на научени информации за да се стави оценка, не се обраќа доволно внимание на изнаоѓање аргументи, критичко размислување, креативност. И што е најважно, приоритет во образованието е да се научат вредностите на емпатија, сочувствителност, соработка, етика, различни перспективи, а не се приоритет оценките.

Децата доаѓаат од различни средини, од секакви домови и родители, изложени се на интернет и социјални мрежи што може да поттикнуваат исмевање и шиканирање.

Но местото каде што сите одат е училиштето.

Има многу начини како тоа системски да се подобри – меѓу кои и наставничката професија да биде престижна професија во која ќе влезат само најдобрите педагози.

Маргарет Атвуд раскажува како, при снимањето на „Приказната на робинката“, и таа присуствувала на сцената кога сите од Црвениот центар седнати во круг ѝ викаат во еден глас на Џанин, седната во центарот: „Курва, курва, ти си крива, ти си крива, ти го поттикна, ти го поттикна!“ Иако сите знаевме дека е ова е само снимање, сцената ни беше ужасно непријатна, сведочи Атвуд.

Тоа некогаш го правиме и на часови, кога еден студент – само доколку доброволно се јави – глуми лик кого другите го омаловажуваат и психички го измачуваат. И ова е секогаш ужасно непријатно и вознемирувачко искуство за мене, а верувам и за студентите. Препорачувам ваква вежба во безбедна околина, а училницата би требало да е тоа, во која секој на неколку секунди ќе види како се чувствува оној кој е изложен на насилство. Сменета перспектива не е мала работа.

Има навистина милион други начини и вежби со кои може на секој предмет да се развива свеста и емпатијата. Тоа би било многу подобро искористено време отколку расправии за оценки. Училиштето може да стане место каде што младите ќе ја развијат свеста за злото на врсничкото насилство, за злото на себичноста, злото на грижата само за своите интереси, додека притоа се трауматизираат другите. Зашто, парадоксално, кога секој се грижи за сите други, многу повеќе луѓе се грижат за секој човек, отколку кога секој се грижи само за себе. Училиштето може да стане место каде што младите ќе научат да се спротивстават на врсничко насилство кога тоа ќе се појави, наместо онака болно да навиваат. Место што ќе создаде контекст каде што поддржувањето на насилникот не е кул, ниту во нивната околина ниту во поширокото општествено-политичко опкружување. И место што ќе ја негува љубезноста и емпатичноста како вредност и успех, а не дрскоста и агресивноста. Засега, не постои такво место, освен некои изолирани домови. А тоа не е доволно.

Фотографиите се од филмот
Funny Games (Michael Haneke, 1997)