Girl, Interrupted: Гранично растројство на личноста (5)

06.07.2026 12:43
Girl, Interrupted: Гранично растројство на личноста (5)

Дијагностички структури во психоанализата (11); Лекции по психоанализа (22).

 

Сузана Кејсен била дијагностицирана со гранично растројство на личноста ‒ да повториме: нарушување кое се карактеризира со нагли промени во расположението, нестабилна слика за себе, несигурни меѓучовечки односи и чувство на празнина. Нејзината состојба била толку сериозна што по обид за самоубиство била хоспитализирана. За време на речиси две години поминати во болница, таа искусила низа различни симптоми. По закрепнувањето, Кејсен со помош на својот лекар побарала пристап до медицинските досиеја за да може да ги вклучи во Girl, Interrupted, книга за нејзините искуства, според која подоцна е снимен филм со Винона Рајдер и Анџелина Џоли.

Како што споменавме во претходната лекција, според лаканијанците (обид за) самоубиство претставува passage à l’acte - акт низ кој субјектот радикално ја напушта сцената и прекинува да се обраќа на Другиот. Од друга страна, низ испадите (acting out) субјектот останува на сцената на светот и му упатува порака на Другиот. Таа порака е содржана во самиот чин кој претставува обид нешто да биде видено, слушнато или препознаено. Читајќи ги записите на Кејсен, обидете се да препознаете барем неколку примери на acting out.

 

Можеби уште не е јасно како завршив таму. Сигурно беше нешто повеќе од обично мозолче. Не спомнав дека никогаш претходно не го бев видела тој лекар, дека тој одлучи да ме смести во болница по петнаесет минути. Можеби дваесет. Што имаше кај мене толку растроено што за помалку од половина час еден доктор ќе ме испрати во лудница? Сепак, ме измами: „неколку недели“, рече. Попрво беа две години. Имав осумнаесет.

Сама се пријавив. Морав, бидејќи бев полнолетна. Беше или така или со судска наредба ‒ иако никогаш немаше да можат да добијат судска наредба против мене. Јас тоа не го знаев во тој момент, па затоа сама се пријавив.
Не бев опасност за општеството. Дали бев опасност за себе? Педесетте аспирини ‒ но јас ги објаснив. Тие беа метафорични. Сакав да се ослободам од одреден аспект од својот карактер. Со тие аспирини изведував вид само-абортус. Некое време функционираше. Потоа престана; а јас немав срце да се обидам повторно.



Имав проблем со шари. Ориентални теписи, подови со плочки, завеси со дезени ‒ такви работи. Супермаркетите беа особено лоши, поради долгите, хипнотички редови со шаховски плочки. Кога ги гледав тие нешта, во нив гледав и други нешта. Тоа звучи како да сум халуцинирала, а не беше така. Знаев дека гледам во под или во завеса. Но сите шари ми изгледаа како да содржат можни претстави кои, во вртоглав распоред, накратко оживуваа. Тоа можеше да биде… шума, јато птици, фотографијата од мојот второодделенски клас. Но не беше ‒ беше тепих, или што и да беше ‒ а тие мигновени погледи на нешта што можеа да бидат беа исцрпувачки. Реалноста стануваше премногу густа.

Нешто се случуваше и со моето доживување на луѓето. Кога гледав во нечие лице, често не успевав да ја задржам непрекинатата врска со поимот „лице“. Кога еднаш ќе почнеш да го расчленуваш лицето, тоа е чудна појава: меко, зашилено, со многу отвори за воздух и влажни точки. Ова беше спротивното од мојот проблем со шарите. Наместо да гледам премногу значење, не гледав никакво значење.

Но јас не полудував едноставно, не се тркалав слепо надолу во некаква дупка кон Земјата на чудата. Моја несреќа ‒ или можеби спас ‒ беше тоа што во секој момент бев совршено свесна за сопственото погрешно восприемање на реалноста. Никогаш не „верував“ во ништо од она што го гледав или мислев дека го гледам. Не само тоа ‒ секоја нова чудна појава ја разбиравав точно и трезвено.

Сега, си велев на себе, се чувствуваш отуѓено од луѓето и поинакво од нив; затоа ја проектирајш својата непријатност врз нив. Кога гледаш во нечие лице и гледаш гуместа безоблична маса, тоа е зашто се плашиш дека и твоето лице е таква безоблична маса.



Оваа јасност ми овозможуваше да се однесувам нормално, што отвораше неколку интересни прашања. Дали сите го гледаа истото, а се однесуваа како да не го гледаат? Дали лудилото беше само прашање на тоа да се откажеш од глумата? Ако некои луѓе не ги гледаа овие нешта, што не беше во ред со нив? Дали беа слепи, или нешто слично? Овие прашања ми создаваа немир.

Нешто беше одлупено, како обвивка или школка што нè штити. Не можев да одлучам дали таа обвивка беше нешто на мене или нешто што беше прикачено на сè во светот. Всушност, и не беше важно; каде и да била, повеќе ја немаше.

И ова беше главниот предуслов: дека сè можеше да биде нешто друго. Откако го прифатив тоа, логично следеше дека можеби сум луда ‒ или дека некој би можел да ме смета за луда. Како можев со сигурност да кажам дека не сум, ако не можев да кажам дека завесата не е планински венец?

Сепак, морам да признаам дека знаев дека не сум луда. Рамнотежата ја наруши еден поинаков предуслов: состојбата на контрираање. Мојата амбиција беше да негирам. Светот ‒ без разлика дали беше густ или празен ‒ кај мене предизвикуваше само негации. Кога требаше да бидам будна, спиев. Кога требаше да зборувам, молчев; кога ми се нудеше задоволство, го одбегнував. Мојата глад, жед, осаменост, здодевност и страв ‒ сето тоа беа оружја насочени кон мојот непријател, светот. Се разбира, тие воопшто не му значеа ништо на светот, а мене ме измачуваа, но јас чувствував морничава сатисфакција од сопствените страдања. Тие го докажуваа моето постоење. Целиот мој интегритет како да се сведуваше на тоа да кажам „не“.

Затоа можноста да бидам затворена беше едноставно премногу примамлива за да ѝ одолеам. Тоа беше едно огромно „не“ ‒ најголемото „не“ од оваа страна на самоубиството…



Два часот во сабота во август, оддел со средно ниво на обезбедување во Белмонт. Стар чад од цигари, стари списанија, зелен тепих со точки, пет жолти винилни столчиња, портокалова софа со скршен потпирач: таа просторија не можеше да се помеша со ништо друго освен со дневна соба во лудница. Седев на своето жолто винилно столче.

Ја погледнав раката. Ми текна дека мојата дланка личи на мајмунска. Наборите на трите линии што се протегаа преку неа и начинот на кој ми беа свиени прстите ми изгледаа симијански. Кога ги раширив прстите, раката изгледаше почовечка, па така и направив. Но беше заморно да ги држам прстите раширени. Ги опуштив ‒ и тогаш идејата за мајмунот повторно се врати. Брзо ја свртев раката. Нејзината надворешна страна не беше многу подобра. Вените ми беа испакнати ‒ можеби зашто денот беше многу жежок ‒ а кожата околу зглобовите беше збрчкана и лабава. Ако ја помрднев раката, можев да ги видам трите долги коски што се протегаа од зглобот до првите зглобчиња на прстите. Или можеби тоа не беа коски, туку тетиви? Ја боцнав едната; беше еластична, веројатно беше тетива. Под неа сепак требаше да има коски. Барем така се надевав. Притиснав подлабоко, за да ги напипам коските. Тешко се наоѓаа. Коските на зглобовите беа лесни, но сакав да ги најдам коските на дланката ‒ долгите, што одат од зглобот кон прстите.

Почнав да се загрижувам. Каде беа моите коски? Ја ставив раката во уста и ја загризав, за да видам дали ќе стиснам нешто тврдо. Како сè да ми се лизгаше. Имаше нерви; имаше крвни садови; имаше тетиви: сите тие нешта беа лизгави и неуловливи.

„Ужасно“, реков.

Џорџина и Поли не обрнуваа внимание.

Почнав да ја чешам надворешната страна од раката. Планот ми беше да фатам едно парче кожа и да го одлупам, само за да ѕирнам. Сакав да видам дека раката ми е нормална човечка рака, со коски. Раката ми поцрвене и побледе ‒ некако како рацете на Поли ‒ но не успевав да ја отворам кожата и да „влезам“ внатре.

Ја ставив раката во уста и ја загризав силно. Успех! Меурче крв излезе близу последниот зглоб, таму каде што секачот ми ја прободе кожата.

„Што, по ѓаволите, правиш?“ праша Џорџина.

„Се обидувам да стигнам до дното на ова“, реков.

„До дното на што?“ Џорџина изгледаше луто.

„Мојата рака“, реков, мавтајќи со неа. Млаз крв се слеваше по зглобот.

„Па престани“, рече таа.

„Тоа е моја рака“, реков. Ѝ бев лута. А почнував и навистина да се вознемирувам.
О, Боже, си помислив, таму внатре нема коски, таму нема ништо.

„Дали имам коски?“ ги прашав. „Дали имам коски? Мислите ли дека имам коски?“ Не можев да престанам да прашувам.

„Сите имаат коски“, рече Поли.

„Но имам ли коски јас?“

„Имаш“, рече Џорџина.



Потоа истрча од собата. Се врати по половина минута заедно со Валери (медицинската сестра). „Погледни ја“, рече Џорџина, покажувајќи кон мене.

Валери ме погледна и си замина.

„Само сакам да ги видам“, реков. „Само сакам да бидам сигурна.“

„Таму се, ти ветувам“, рече Џорџина.

„Не сум безбедна“, реков одеднаш.

Валери се врати, носејќи мала чашка полна со лекови.

„Валери, не сум безбедна“, реков.

„Земи го ова“, ми рече, подавајќи ми ја чашката.

По бојата веднаш препознав дека е Торазин. Никогаш претходно не сум го земала. Ја наведнав главата назад и го испив.

Беше лепливо и киселкасто, и полека ми се слеваше во желудникот. Вкусот остана да ми се лепи во грлото. Голтнав неколкупати.

„Ох, Валери“, реков, „ми вети…“ Тогаш ме удри Торазинот. Беше како ѕид од вода ‒ моќен, но мек.

„Леле“, реков. Едвај го слушав сопствениот глас. Решив да станам, но кога се обидов, сфатив дека веќе лежам на подот.

Валери и Џорџина ме фатија под мишките и ме поведоа низ ходникот кон нашата соба. Нозете и стапалата ги чувствував како душеци ‒ толку беа огромни и тешки. И Валери и Џорџина ми изгледаа како душеци: големи, меки душеци што се движеа крај мене. Ме смируваше.

„Ќе биде добро, нели?“ прашав. Гласот ми звучеше далечно, како да не беше мој, и не го кажав она што навистина сакав да го кажам. А она што сакав да го кажам беше: сега сум безбедна; сега навистина сум луда и никој веќе не може да ме извлече од тука…

 

 

Значи ова беа обвиненијата против мене. Ги прочитав дури дваесет и пет години подоцна „Нарушување на карактерот“ ‒ така ми рекоа тогаш.

Морав да најдам адвокат за да ми помогне да ги добијам болничките досиеја. Морав да го прочитам редот 32а од образецот А1 во медицинскиот картон, записот Г во отпусното резиме и записот Б во четвртиот дел од извештајот за случајот. Потоа морав да најдам примерок од Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални нарушувања (ДСМ) и да го побарам поимот „гранично растројство на личноста“ за да видам што навистина мислеле за мене.

Досието е прилично точен опис на мене на осумнаесет години, ако се изземат неколку детали како безобѕирното возење и нападите на прејадување. Точен е, но не е длабок. Се разбира, не му е целта ни биде длабок. Не е ни студија на случај. Тоа е збир од насоки, генерализација.

Во искушение сум да се обидам да го побијам, но тогаш би се изложила на дополнителни обвинувања за „дефанзивност“ и „отпор“.

Сè што можам да направам е да ги изложам поединостите: една анотирана дијагноза.

„Несигурност во врска со повеќе животни прашања, како што се сликата за себе, сексуалната ориентација, долгорочните цели или изборот на кариера, какви пријатели или љубовни партнери да се имаат…“ Особено ми се допаѓа последниот дел од реченицата. Нејзината несмасност (она „да се имаат“ навистина изгледа излишно) дава некаква тежина и опипливост. И денес ја имам истата несигурност. Дали ова е типот пријател или партнер што сакам да го имам? Си го поставувам истото прашање секогаш кога ќе запознаам некого. Шармантен, но површен; добродушен, но малку конвенционален; премногу убав за свое добро; фасцинантен, но веројатно ненадежен; и така натаму. Претпоставувам дека сум имала доволно ненадежни луѓе во животот. Повеќе од доволно? А колку би било „повеќе од доволно“?

Помалку отколку кај некој друг ‒ некој што никогаш не бил наречен „гранична личност“?

Токму тука е јадрото на мојот проблем.

(продолжува)



Извор: Kaysen, S. (1993). Girl, Interrupted. Vintage Books

Слики: Dino Valls

Слични содржини

Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Култура / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото