1013 hPa
23 %
35 °C
Скопје - Сре, 19.08.2026 19:12

Инспирацијата за дресот, создаден во соработка со Адидас, Белгијците најдоа во делата на прочуениот надреалистички сликар Рене Магрит.
На Светското првенство 2026, белгиската репрезентација не привлече внимание само со својата игра, туку и со дресот што натера многумина да застанат и да го погледнат повнимателно.
Инспирацијата за дресот, создаден во соработка со Адидас, Белгијците најдоа во делата на прочуениот надреалистички сликар Рене Магрит. Дресот се издвојува по светлосината боја и дезенот составен од розови и сини фудбалски топки, кои потсетуваат на мотивите на сфери, јаболка, Месечина и Сонце – симболи што често се појавуваат во творештвото на Магрит.
Посебен детаљ се крие на јаката, каде што стои натписот „Ceci n’est pas un maillot“ („Ова не е дрес“). Тоа е јасна алузија на најпознатото дело на Магрит „Предавството на сликите“, под кое се наоѓа прочуената реченица „Ова не е луле“ („Ceci n’est pas une pipe“), со која уметникот го доведува во прашање односот меѓу сликата, јазикот и реалноста.
Ниту доминантната светлосина нијанса не е случајно избрана. Таа потсетува на ведрото небо, еден од препознатливите мотиви во творештвото на Магрит, кој се појавува во многу негови дела.
Ова не е првпат Белгија преку спортската опрема да ја слави својата национална култура. Претходните дресови биле инспирирани од велосипедската традиција на земјата, прочуениот фестивал Tomorrowland, како и легендарниот стрип-јунак Тинтин.
Се покажува дека фудбалскиот дрес може да биде многу повеќе од обична спортска опрема – понекогаш станува вистинско платно што раскажува приказна за уметноста и идентитетот на една земја.