1016 hPa
42 %
28 °C
Скопје - Вто, 14.07.2026 20:59

Швајцарско-германскиот уметник Паул Кле (Paul Klee; Минхенбухси кај Берн, 18 декември 1879 — Муралто, 29 јуни 1940) е еден од најзначајните уметници на модерната уметност во 20-иот век. Неговото творештво, кое ги обединува експресионизмот, кубизмот, надреализмот и апстракцијата, извршило силно и трајно влијание врз развојот на европската и светската модерна уметност. Извршил значајно и видливо влијание и на низа македонски уметници, во минатото и денес. Покрај своето сликарско дело, тој оставил значајно наследство и како теоретичар и педагог преку својата работа во Баухаус, каде што придонел за обликувањето на новите генерации уметници и дизајнери. Бил член на славната уметничка група Синиот јавач (Der Blaue Reiter), чии зачетници се Василиј Кандински и Франц Марк. За време на нацизмот, како низа други исклучителни уметници, Кле бил прогласен за „дегенериран уметник“ и отстранет од галериите и јавниот живот. Кога Хитлер дошол на власт, модерната уметност била забранета. Нацистичкиот режим ја етикетирал уметноста на Кле како „дегенерирана“ (Entartete Kunst), тврдејќи дека неговиот детски и апстрактен стил е производ на ментална болест. Му биле конфискувани над 100 дела од германските музеи, по што тој морал да побегне назад во Швајцарија.
.jpg)
Stachel, кловнот, 1931
Паул Кле детството го поминал во Швајцарија, а бидејќи преку татко му добил германско државјанство, по матурирањето во 1898 година се преселил во Минхен. Двоумејќи се меѓу музиката (бил исклучително талентиран виолинист), литературата и ликовната уметност, конечно се определил за сликарството. Најнапред студирал графика во приватното училиште на Хајнрих Книр, каде што, покрај уметничките, стекнувал и животни искуства. Од една краткотрајна љубовна врска му се родил син, кој починал по неколку недели.
Во октомври 1900 година посетувал часови по сликарство кај Франц фон Штук на Минхенската академија, каде што студирал и Василиј Кандински, со кого се запознал многу подоцна. Во 1901 година ја напуштил академијата.
Студиите по уметност околу 1900 година биле строго регулирани. Студентите морале верно да ја прикажуваат природата, а објективноста во претставувањето била основно правило. Се цртало според живи модели и гипсени одливи на антички скулптури. Дури по повеќегодишно изучување на цртањето студентите добивале можност да посетуваат курсеви по сликарство. Во почетокот на 20 век уметноста претежно била машка професија, а на жените не им било дозволено да студираат на академиите.
За среќа, во Минхен постоеле бројни приватни училишта. Во 1899 година Кле посетувал курсеви по бакропис и офорт кај Валтер Циглер. Уживал во студентскиот живот и имал бројни љубовни врски со модели, стремејќи се кон богато и разновидно животно искуство.
.jpg)
Горди лавови (Внимавајте!) 1924
Истата година, по напуштањето на академијата, заедно со Херман Халер тргнал на шестмесечно студиско патување низ Италија. Ги посетиле Милано, Џенова, Ливорно, Пиза, Рим, Неапол, Помпеја, Соренто, Гаргано и Фиренца. За неговата понатамошна уметничка кариера пресудни биле три доживувања: ренесансната архитектура на Фиренца, која ја сметал за совршено уметничко дело; богатството на бои и фантастичните форми на морската флора и фауна што ги видел во аквариумот во Неапол; и разиграната чувствителност на готските слики на дрво што ги запознал во Сиена.
По враќањето од Италија, од 1902 до 1906 година Кле живеел кај своите родители во Берн и работел како виолинист во Бернското музичко друштво (Bernische Musikgesellschaft). Покрај тоа, продолжил да се усовршува во уметноста, посетувајќи курсеви и предавања по анатомија. Пишувал театарски критики.
.jpg)
Животински трикови (за Флорина) (1921)
Во 1903 година ги создал првите бакрописи од циклусот Inventionen (Изуми). Во Кабинетот за графика ги проучувал делата на Обри Бирдсли, Вилијам Блејк, Франциско Гоја и Џејмс Енсор, кои во тоа време силно влијаеле врз него.
Во 1905 година, заедно со своите пријатели, уметникот Луис Моаје и писателот Ернст Блош, отпатувал во Париз. Во Лувр и во галеријата Palais du Luxembourg ја проучувал античката уметност. Истата година за првпат ги видел делата на импресионистите и почнал да експериментира со сликање на стакло.
Во 1906 година ја посетил Стогодишната изложба на германската уметност во Берлин, а кон крајот на годината се преселил во Минхен, каде што наскоро се оженил со пијанистката Лили Штумпф. Следната година им се родил синот Феликс. Во наредниот период Кле главно се посветил на грижата и воспитувањето на својот син, додека Лили го издржувала семејството држејќи часови по пијано. Во тоа време неговиот сликарски развој напредувал бавно.
.jpg)
Каде што се јајцата и доброто печење (1921)
Кле бил фасциниран од чистотата и искреноста на детското изразување. Ги вклучил детските цртежи на својот син Феликс во сопствениот уметнички каталог. За својот син Кле рачно изработил и околу 50 уникатни кукли кои денес се сметаат за посебни мали ремек-дела. Куклите првично биле направени од гипс, но бидејќи брзо се кршеле при детската игра Кле почнал да користи поиздржливи материјали: говедски коски, чаури од куршуми, електрични приклучоци, четки за заби и парчиња дрво. За облеката на куклите била задолжена Лили, сопругата на Паул, но и самиот Кле шиел. Користеле партали, парчиња стара облека, свила, кадифе, дури и исечоци од уметничките платна кои Паул ги сметал за неуспешни.
Кога Кле се вратил од своето уметничко „усовршување” во Рим, барајќи рамки во оставата на родителскиот дом, тој налетал на некои свои детски цртежи. Случката го поттикнала да ги опише тие цртежи како „нешто највпечатливо што досега сум направил”, а истовремено актуализирала некои фундаментални прашања за него како уметник. Тој ги ценел нивниот високо развиен стил, свежиот квалитет на „наивното” посматрање, како и „независноста од влијанието на италијанските и холандските стари мајстори”, врз чии дела било базирано неговото образование претходните пет години. Сепак биле потребни десетина години за тој да ги сфати импликациите од своето откритие. Во 1911 година конечно открил што всушност сака од „тие примитивни почетоци на уметноста”, кои самиот ги нарекувал „цртање по несвесни импулси”. Истата година го надополнил својот дневник додадавајќи 36 вињети распоредени по возрасти, од 2 до 12 години, и објавил каталог на своите детски цртежи.
.jpg)
Сината птица и тиквата, 1939
Во 1908 година станал член на Здружението на швајцарските графичари Die Walze. Истата година изложил три графики на изложбата на Минхенската сецесија и шест дела на изложбата на Берлинската сецесија. Покрај тоа, пишувал музички критики за швајцарското списание Die Alpen.
Во 1911 година се запознал со Аугуст Маке и Василиј Кандински. Преку нив ги запознал и Франц Марк, Габриеле Минтер, Алексеј Јавленски и други уметници. Заеднички се интересирале за готската и примитивната уметност, како и за новите современи правци – фовизмот и кубизмот. Со нив Кле пронашол сродни сфаќања за уметноста.
.jpg)
Дестилација на крушки, 1921
Во 1911 Кандински го основал Der Blaue Reiter, заедно си другиот близок пријател на Кле во Минхен, сликарот Франц Марк (1880 -1916). „Кандински собира уметници во ново здружение. При личната средба почувствував посебна длабока доверба кон него. Тој е веќе познат и има еден исклучително убав, јасен лик. Прво се сретнавме во една градска кафеана (...). Потоа, додека се возевме со трамвајот на пат до дома, се договоривме поблиску да се запознаеме и на други средби. Во текот на зимата се придружив на неговиот „Син јавач”, пишува Паул Кле во своите „Дневници” за првата средба во Минхен со Василиј Кандински.
Во тоа време Кандински и Марк го подготвувале алманахот Der Blaue Reiter, кој станал едно од најзначајните дела на модерната уметност во XX век. Првата изложба на групата била отворена кон крајот на 1911 година во галеријата Танхаузер во Минхен. Кле не учествувал на неа, но напишал рецензија за едно списание. На втората изложба веќе ги изложил и своите дела, а по изложбите во Минхен групата настапувала и во други градови, како Келн и Берлин.
.jpg)
Боречка сцена од комично-фантастичната опера Морнарот, 1923
Патувањето во Тунис му го променило животот. Во 1914 година, заедно со Франц Марк и Луис Моаје, го посетил Тунис и бил воодушевен од светлината и боите. По тоа патување, бојата станала главен носител на изразот во неговото сликарство. Иако денес го знаеме како мајстор на бојата, Кле на почетокот на кариерата не обрнувал многу внимани на колоритот. Најголемиот дел од неговите рани трудови биле монохромни графики и цртежи. Во 1914 година, прочистен од светлината и колоритите на Северна Африка, тој во својот дневник ја запишал познатата реченица: „Бојата ме обзеде. Немам потреба да трагам по неа... Јас и бојата сме едно. Јас сум сликар.“
Истата година го превел текстот на Робер Делоне „За светлината“ (La Lumière) за уметничкото списание Der Sturm. Делонеовите слики на стакло и неговите текстови за уметноста целосно го промениле погледот на Кле кон светлината и бојата. Новите идеи веднаш ги применил во своите дела, при што боите станале многу поинтензивни и поконтрастни.
Неговите први акварели биле апстрактни, додека Маке користел силни и живи бои, а Моаје претпочитал рамнинска композиција. Кон крајот на патувањето било очигледно дека тројцата уметници меѓусебно влијаеле еден врз друг.
.jpg)
Пијанство (1939)
За време на Првата светска војна, Кле бил повикан во германската армија. Како уметник имал среќа да не биде испратен на фронтот, туку работел на изработка на камуфлажни шеми за воени авиони. Во текот на војната ги загубил своите блиски пријатели Аугуст Маке и Франц Марк.
И додека бил во воена служба, Кле имал можност да изложува. Во галеријата „Der Sturm“ во Берлин претставил повеќе апстрактни акварели. Од воената служба бил отпуштен во 1918 година.
Во 1920 година во Минхен била организирана неговата прва голема ретроспективна изложба, со која се стекнал со широко признание како сликар. Истата година добил покана да предава сликарство во Баухаус во Вајмар, школата основана од Валтер Гропиус.
Баухаус била прогресивна уметничка школа, која постојано се соочувала со отпор од конзервативните кругови и од националсоцијалистите. Подоцна училиштето било преселено во Десау, во новата зграда проектирана од Валтер Гропиус, каде што, покрај училниците, имало и станови за професорите. Таму живеел и Паул Кле.
.jpg)
Вила R, 1919
Почетокот на Првата светска војна ги разделил неколку години Кандински и Кле. Кандински морал да се врати во Русија, а Кле бил мобилизиран. Двајцата повторно се среќаваат 1921-та, кога архитектот Валтер Гропиус ги повикува да предаваат на новоосновата ликовна академија Bauhaus во Вајмар. Пријателството меѓу Кле и Кандински се продлабочува во Баухаус. Тие двајца харизматични сликари имаат големо влијание врз студентите. Предавањата на Паул Кле биле толку детални, прецизни и речиси математички структурирани, што неговите белешки (објавени подоцна како „Тетратките на Пол Кле“) се сметаат за еден од најважните теоретски трудови за модерната уметност, рамни на „Трактатот за сликарството“ на Леонардо да Винчи. Неговите студенти го нарекувале „Волшебникот од Баухаус“ поради неговиот тивок, речиси мистичен пристап.
Кле повеќе од десет години предавал во престижната школа за дизајн и архитектура. Колега и сосед му бил „творецот“ на апстрактното сликарство, Василиј Кандински. Двајцата живееле во куќи-близнаци дизајнирани од Валтер Гропиус. Иако биле карактерно сосема различни (Кле бил тивок и повлечен, а Кандински строг и структуриран), тие биле неразделни и често меѓусебно си ги анализирале делата.
.jpg)
Фестивал на фенери Баухаус (1922)
По заминувањето од Баухаус, Кле прифатил професорско место на Академијата за уметности во Дизелдорф. Но, по доаѓањето на националсоцијалистите на власт бил прогласен за „дегенериран уметник“ и бил отпуштен од службата.
Во 1933 година се вратил во Швајцарија, каде што продолжил да работи и покрај тешката болест која постепено му го нарушувала здравјето. Склеродермијата, ретка и болна автоимуна болест, му ја стврднувала кожата и му го отежнувала движењето. И покрај огромните болки, неговата желба за творење се засилила. Во неговата последна целосна година од животот (1939), тој создал над 1200 дела. Неговиот стил во оваа фаза станал поедноставен, со дебели црни линии и потажни тонови, рефлектирајќи ја близината на смртта.
Паул Кле починал на 29 јуни 1940 година во Муралто, кај Локарно, во Швајцарија.
Зад себе оставил огромен опус од околу 9.000 уметнички дела и илјадници страници теоретски белешки за бојата и формата кои и денес се сметаат за „Библија“ на модерната уметност.
Подготвил: Тим Дисензус
.jpg)
Композиција со фигури, 1915
.jpg)
Мртва природа, 1927
.jpg)
Бог на војната, 1937
.jpg)
Кловн во пламен, 1921
.jpg)
Вентрикулист и викач во дивина (1923)
.jpg)
Љубовникот, 1923
.jpg)
Доктор, 1930
.jpg)
Твојот предок, 1933
.jpg)
Патосот на бременоста, 1921
.jpg)
Пеачка во комична опера, 1923
.jpg)
Адам и малата Ева, 1921
.jpg)
Танчерски пар, 1923
.jpg)
Столица-животно, 1922
.jpg)
Стариот параброд, 1922
.jpg)
Гробиштата Дине, 1924
(3).jpg)
Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.