1018 hPa
72 %
13 °C
Скопје - Нед, 16.08.2026 06:21

„Тие се меѓу нас.“ Светлечките зелени букви зловесно се појавуваат на црна позадина. Над нив лебдат зборовите „туѓини“ (алиени) и „симната тајност“, кои сугерираат објавување тајни државни фајлови за вонземјани, долго очекувано во некои ќошиња на интернетот. Потоа текстот полека продолжува: „Шеесет години владата на Соединетите Држави строго ја чуваше тајната.“ А потоа следува големото откритие: не станува збор за најава за нов хорор филм, туку тоа е неодамна поставената интернет-страница на Белата куќа. Страшните суштества не се вонземјани, туку друг вид туѓини – имигрантски вид, оној што го прогонува Службата за имиграција и царина (ICE).
„Туѓините одат меѓу нас, живеат во нашето соседство и комуницираат со нас во нашиот секојдневен живот“, пишува на страницата. „Купуваат во истите продавници, одат во истите училишта како и нашите деца и живеат наизглед нормален човечки живот.“ Тоа е шега: човечките суштества се опишани како освојувачи од вселената. Личи на фашизам? Не е важно, ќе привлече внимание.
Таа интернет-страница ги повикува посетителите да го погледнат бројот на имигранти кои наводно се уапсени под обвиненија за криминални активности во американските градови и паланки, а му припаѓа на оној поджанр трамповски потези кои се истовремено застрашувачки и глупави. „Гротескно, застрашувачко и инфантилно“, ми рече Ернесто Вердеха, експерт за превенција на геноцид. Тешко е да се пишува за такви гестови: нивната грдотија не е маскирана, па што има тука да се каже? А сепак, колку и да се глупави, таквите искази постепено го менуваат светот во кој живееме.
.jpg)
Поради речениците како „Тие не припаѓаат тука“ и „Депортирајте ги сите“, помислив дека таа интернет-страница ги повикува Американците на насилство врз мигрантите. Но, Бен Валентино, професор по политички науки на Колеџот Дартмут, мисли дека нејзината цел не е да ги поттикне Американците да направат нешто, туку да ги наведе да не реагираат кога власта спроведува сурови кампањи против милиони луѓе кои само се обидуваат да живеат во мир. „Тие сакаат мнозинството од населението да не презема ништо“, вели Валентино. „Тоа им е доволно. Целта не е граѓаните да се претворат во убијци, туку во набљудувачи.“
Валентино е еден од основачите на Проектот за рано предупредување, кој го проценува ризикот од масовни злосторства ширум светот. Се разбира, насилството врз имигрантите во Соединетите Држави по своите размери не е ни близу до оние злосторства што Валентино обично ги проучува. Но, дехуманизирачкиот јазик со каков што многу често се служи администрацијата на Трамп, вели тој, „е прилично стандарден показател“ за ризик; тоа е неопходен, иако не и доволен услов за масовно насилство насочено кон одредена група.
За тоа што администрацијата на Трамп донекаде ја прикочи својата жестока антиимигрантска кампања заслужни се неимигрантите кои се ангажираа на судовите, а особено на улиците. Најдраматичните судири се случија минатата зима во Минеаполис, но откако федералната влада ја прекина окупацијата на тој град, отпорот продолжи. Во Њуарк, Њу Џерси, демонстрантите протестираа против условите во Делејни Хол, притворниот центар на ICE. Најмалку 63 лица беа уапсени само минатата недела. Во Градот Њујорк, од минатиот јануари, релативно новата коалиција „Подалеку рацете од Њујорк“ обучи повеќе од 7.000 волонтери да пружаат ненасилен отпор на ICE. Валентино смета дека целта на страницата за туѓините е да се обесхрабри тој вид активност.
.jpg)
„Идејата е да го видите својот град со голема црвена точка над него“, вели Валентино за мапата на таа страница. Се претпоставува дека ќе кликнете и ќе го прочитате бројот на имигранти обвинети за злосторства. (На пример, „Џејмстаун, држава Њујорк: 10; кражба, попречување на полицијата; Еквадор, Гватемала, Мексико, Нигерија.“) Тогаш ќе ги видите обвиненијата и ќе се запрашате дали сакате да го доведете во опасност својот живот поради такви лица?
Во моментот кога беше поставена таа страница, Американскиот одбор за имиграција – проимигрантска застапничка организација – беше домаќин на собир на експерти за податоци. Учесниците забележаа нешто интересно. „Страницата е лошо кодирана, лошо дизајнирана и необично директно го искажува ставот кој претходно не беше транспарентен“, ми рече Арон Рајхлин-Мелник. Се чини дека мапата е заснована на сурови податоци на ICE за апсењата, а тие информации власта главно ги држеше во тајност од почетокот на вториот мандат на Доналд Трамп. Таа можеби е засега најдобриот документ за размерите на делувањето на ICE, бидејќи покажува дека ICE не дивеел само во градовите туку и во малите места, каде што тоа понекогаш е помалку видливо.
Како што обично прави администрацијата на Трамп, бројките се извадени од контекст и погрешно претставени. Покрај мапата, страницата содржи наводен попис на „средби“. Тој збор има едно значење во научната фантастика од 70-тите години на 20 век, а друго во жаргонот на царината и заштитата на границите, каде што обично означува апсење мигранти. Бидејќи поминав премногу време зјапајќи во таа страница, ми падна на памет дека тие сакаат да се плашиме од сите странци: не само од вселенските и илегалните, туку и од „легалните“, кои се родени во странство, но веќе со децении живеат во оваа земја. Што се однесува до бројачот, тој ништо не следи. Бројките само се зголемуваат во правилни интервали малку подолги од секунда.
.jpg)
Глупавиот аспект на тој крајно чуден документ е засилен со тоа што е преплавен со референци за серијата „Досиејата Х“ (The X-Files). Јас најдов само една, во последниот ред: „Вистината веќе не е таму. Таа е токму тука. Токму сега“ – што е алузија на зборовите кои се речиси лого на „Досиејата Х“. Професорот Ернесто Вердеха, кој пораснал со таа серија, укажа на уште некои одгласи, на пример на комбинацијата од интерпланетарна војна и завера на длабоката држава. Но, над сите тие елементи на поп-културата се надвиснуваат општите места на белиот супрематизам. Фразите за туѓините кои „одат меѓу нас, живеат во нашето соседство“, вели Вердеха, звучат како повикување на теоријата за Големата замена, која стана толку позната што речиси изгледа како мејнстрим. „На сличен начин се зборуваше за Евреите во Европа во 20-тите и 30-тите години на 20 век“, додава Вердеха.
Тој внимателно ја направи таа споредба бидејќи не сакаше да упадне во алармистичко клише. Но, идеолозите на имиграциската политика на Трамп не се толку внимателни. Неколку дена откако беше објавена страницата со „Туѓинците“, Грегори Бовино, поранешен шеф на Американската гранична патрола кој ги надгледуваше федералните имиграциски операции во Минеаполис, отпатува во Португалија, на состанок на политичари од екстремната десница, каде што се расправало за „ремиграцијата“ по Првата светска војна, односно за насилното раселување на милиони луѓе врз основа на нивната етничка припадност – то ест за она што денес го нарекуваме „етничко чистење“.
Водени од истите нативистички и ксенофобични идеи, Соединетите Држави ги усвоија Законите за имиграција од 1921 и 1924 година. Со тие закони се стави крај на масовната имиграција со воведување квоти за национално потекло кои им даваа предност на северните и западните Европјани и речиси целосно ја исклучуваа небелата имиграција. Тие останаа на сила со децении; укинати се пред нешто повеќе од 60 години, токму тогаш кога, според тврдењата на страницата на Белата куќа, започна приказната за туѓинците.
Поентата на историското поврзување не е тврдењето дека кои било две постапки или две ери се идентични. Контекстот постојано се менува. Но, важно е да се увиди дека оваа интернет-страница не е само провокација. Таа не дојде од никаде, туку е дел од една стара и страшна приказна која непрекинато продолжува.
.jpg)
Карикатури: Vasco Gargalo
Превод: Н. Г.
The New York Times, 05.06.2026.