Владимир Арсенијевиќ: Последното чувство ми е – тага

13.07.2026 11:42
Последното чувство ми е – тага

 

Сè уште нема приведени откако група младичи го претепаа писателот Владимир Арсенијевиќ во пресрет на обидот за одбележување на годишнината од геноцидот во Сребреница. И покрај тоа што, како што вели Арсенијевиќ, тие младичи го оставиле потписот („Омладина 451“), која се смета за екстремно десничарска организација.

Нападот се случил во саботата (11 јули) наутро кога Арсенијевиќ дошол на платото под Бранковиот мост за да ги изврши последните подготовки за комеморацијата.

„Ме затекна поголема група млади машки лица во црни маици и со црни качкети, типично униформирани“, вели Арсенијевиќ. Следувале закани, внесување во лице, пцовки, „а богами потоа и удари“. Тоа траело десетина минути со „размена на политички ставови“.

Тој вели дека нема збор за некакви „ентузијасти“, туку дека сè било „организирано“. „Бидејќи тие го вандализираа целиот простор, испишаа пораки 'Ратко Младиќ – српски херој', го испишаа бројот на српските жртви во Братунац и некако се обидоа со сила да го наметнат својот поглед на политиката на сеќавање, на својствен, многу брутален начин.“

Полицијата пристигнала брзо, била „професионална и љубезна“. Тоа, вели Арсенијевиќ, го доживеал повеќе пати во текот на годините, но никогаш досега не доживеал истрагата на крајот да даде конкретни резултати.

Арсенијевиќ, кој е и претседател на здружението „Крокодил“, вели дека со години до полицијата и до обвинителствата испраќаат снимки од вандализирањето на нивните простории, на кои секогаш се гледаат „млади голобради лица, практично детски“. Еднакво залудно во Обвинителството за високотехнолошки криминал ги пријавуваат заканите што ги добиваат преку социјалните мрежи.

„Поголемиот дел од нашиот тим го соочинуваат жени, па можете да замислите какви се тие навреди, полни со повикување на сексуално насилство и групни силувања. Многумина ни испраќаат такви пораки од лични профили, а на профилните фотографии имаат слики од своите мали деца. Но, апсолутно никогаш досега никој не претрпел законски последици по нашите пријави.“

Според Арсенијевиќ, постои „инфраструктура“ која може да спроведува правда, но за тоа не постои одлучувачки политички сигнал.

Арсенијевиќ вели дека општеството можеби би можело да поднесе два погледи на деведесеттите години, иако оној што го имаат „поддржувачите на злосторствата“ е во спротивност со вистината. Но, проблемот, вели тој, е што едната страна е насилна кон оние кои мислат поинаку.

„Целиот јавен простор се исполнува со еден став и тоа е длабоко загрижувачки. Особено зашто постои вертикална линија која ги поврзува тие хулигани од дното, тие инструментализирани деца, со луѓето кои ги влечат општествено-политичките лостови во оваа земја“, додава Арсенијевиќ.

Како што вели, „последното чувство“ секогаш му е – тага. „Поразително е во какви идеолошки фантазии се заробени многу од нашите млади, без излез. Верувам дека човекот во сите околности има право и обврска да се служи со мозокот и да носи свои заклучоци, но за жал, не секој е опремен со еднакво квалитетна опрема за тоа.“

***

Бројни личности од светот на културата и уметноста го осудија нападот врз писателот Владимир Арсенијевиќ, кој се случи во саботата под Бранковиот мост во Белград, додека тој го подготвуваше просторот каде што коалицијата „Луѓе памтат луѓе“ требаше да ја одбележи 31-годишнината од сеќавањето на жртвите од геноцидот во Сребреница.

Новинарот, водител и комичар Зоран Кесиќ во објава на Фејсбук му даде целосна поддршка на Арсенијевиќ, пренесува белградскиот весник „Данас“. Тој напиша дека Арсенијевиќ вчера испраќал прекрасни фотографии од фестивалот „Крокодил“, а денес „го гледа неговото видео на Инстаграм во кое известува дека бил претепан од 20 до 30 млади луѓе“. Кесиќ истакна дека веста за претепувањето на писателот во центарот на Белград слабо одекнала во провладините медиуми и рече дека сепак е важно таа да стигне барем до оние кои сметаат дека ова е „нешто недозволиво и ужасно“. „Целосна поддршка за овој храбар човек кој со своето име, презиме, лик и дело стои зад своите убедувања, за разлика од ‘20–30 момци’, кои засега остануваат анонимни“, додаде тој.

Писателот Миленко Јерговиќ, по повод претепувањето на Арсенијевиќ, во својата колумна „Ајфелов мост“ го објави текстот со наслов „Влајса“, пишува „Данас“. Во него, меѓу другото, наведува дека Арсенијевиќ, исполнувајќи ја својата граѓанска должност и чувајќи го сеќавањето на геноцидот во Сребреница, ја бранел благородноста на заедницата на која ѝ припаѓа. „Колку е поголем отпорот на власта кон она што тој го прави и колку е посурова безимената хорда, толку појасно се истакнува таа благородност“, додаде Јерговиќ.

Писателот и историчар на уметност Небојша Миленковиќ реагираше на Фејсбук на нападот врз Арсенијевиќ, оценувајќи дека овој инцидент покажува дека „основниот проблем на (големиот) српски национализам е тоа што, покрај тоа што е насилен и варварски, истовремено е и многу глуп“. „Нападите врз оние што го паметат злосторството – последиците од геноцидот во Сребреница врз менталната состојба на нашата нација нема да исчезнат“, наведе тој.

Драмскиот писател и извршен директор на „Миксер фестивал“, Иван Лалиќ, на Фејсбук праша каде се „нашите деца“, односно студентите, да се огласат по повод нападот врз Арсенијевиќ. „Но, каде се нашите деца? Студентите? Никој вчера не се огласи. Алибито дека ‘catch all’ филозофијата исклучува какво било поврзување со граѓанските вредности и со бестрашните херои и личности како Дејан Атанацковиќ (неговата прометејска борба за мостот) или Влада Арсенијевиќ, не води никаде“, смета Лалиќ. Тој додаде дека, дури и ако станува збор за политички прагматизам, во овој случај тоа е несоодветна стратегија. „Ако е во прашање политички прагматизам – тогаш е глуп. Власта се распаѓа од криминал, корупција, смрдеа (...), така што студентите од ‘catch all’ побрзо ќе стигнат до филозофијата ‘lose all’“, истакна Лалиќ. Тој предупреди дека ова е „последниот момент за сериозен пристап и департизација на движењето“, пренесува „Данас“. „Не може врз игнорирањето на масовно организираното злосторство во Сребреница да се гради каква било одржлива политичка опција“, наведе тој.

Поддршка за Арсенијевиќ, со објава на Фејсбук, дадоа и членовите на Зелено-левиот фронт (ЗЛФ).

Карикатури: Душан Петричиќ

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Настан
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото