Албино Браз ‒ уметност меѓу разумот и природата, човекот и животното

16.07.2026 13:40
Албино Браз ‒ уметност меѓу разумот и природата, човекот и животното

 

Во делата на Браз границите меѓу реалноста и фантазијата се распаѓаат. Човечките фигури се претвораат во хибридни суштества, животните добиваат симболична моќ, а просторот станува сцена на тивка психолошка драма меѓу луѓе, животни и хибриди. Неговите цртежи не само што го предизвикуваат класичното разбирање на естетиката, туку отвораат и прашања за односот меѓу уметноста и психата, меѓу естетиката и сексуалноста, на пример.

Албино Браз (Albino Braz, 1893–1956) бил посветен и вреден уметник во психијатриската болница Жукери (Juquéri), во Сао Паоло. Малку се знае за првите децении од неговиот живот. Роден е во земјоделско семејство во италијанската Ломбардија, а се преселил во Бразил во 1913 година, каде што живеел до својата смрт. Некое време престојувал во Жаботикабал, град во внатрешноста на државата Сао Паоло, каде што наводно бил оженет пред да почне да страда од шизофренија.

На 27 јуни 1934 година бил примен во болницата Жукери, каде што доктор Осорио Сезар му ја поставил следната дијагноза: „шизофренија, благо вознемирување, брза појава на идеи, поврзување на идеи преку асонанција, совпаѓање и сличност. Идеи за величественост; апсурдно и нелогично размислување; зачувани интелектуални способности и афективност; добра просторно-временска ориентација“. Браз верувал дека потекнува од угледни луѓе (тврдел дека е син на „грофот од Бондин и внук на Катерина“) и покажувал убеденост во своите големи интелектуални способности, и покрај тоа што завршил само основно образование. Набргу по хоспитализацијата Браз почнал да црта во болничката работилница за сликање. Медицинските извештаи сведочат дека деновите ги поминувал исклучиво во таа активност.



Помеѓу 1950-тите и 1970-тите години, во рамките на болницата Жукери во Франко да Роша (Сао Паоло), работела уметничка школа раководена од доктор Осорио Сезар. Тој бил еден од пионерите во користењето на уметноста како форма на терапија за психијатриски пациенти. Оваа школа, позната како „Слободна школа за ликовни уметности“ (Escola Livre de Artes Plásticas do Juquery), им овозможувала на пациентите да цртаат, сликаат и создаваат уметност како начин на изразување и психолошко олеснување. Школата функционирала како креативна работилница во која понекогаш учествувале и стотина пациенти дневно. Изработувале слики, скулптури и керамика. Ликовната работилница им овозможила на пациентите слободно да се изразуваат преку уметност, без строги академски правила и ограничувања. Таа била место каде што личното искуство, психата и креативноста се спојуваат во автентичен и артикулиран уметнички израз.

Ваквите места во тоа време станале ретки простори каде што преку уметноста допирал гласот на луѓето кои инаку не би биле слушнати. Во Школата за ликовни уметности во болницата Жакери учествувале и етаблирани уметници, како учители, а делата на пациентите подоцна биле изложувани во музеи и на меѓународни изложби. Ова не била само „активност за занимација“, туку сериозен обид да се признае дека и луѓето со психички нарушувања можат да создаваат вредна и автентична уметност. Овој пристап бил прилично напреден за тоа време, кога доминирале многу поагресивни третмани во психијатријата.



Творештвото на Албино Браз главно се состои од цртежи направени со дрвени моливи во тетратка. На цртежите се прикажани сцени каде што машки и женски фигури, често андрогини, голи и полуголи, коегзистираат со големиот животински имагинариум: кучиња, хиени, змии, коњи, стаорци, бикови, пантери, тигри, крокодили, ибиси, змејови и други хибридни животни. Композициите на Браз често имаат една необична карактеристика: главниот лик, кој обично се истакнува поради својата поставеност или поради просторот што го зафаќа на хартијата, покажува надмоќ во однос на другите ликови. Сцените имаат епски карактер, а главните протагонисти често во рацете држат некој предмет, цвет, човек или животно. Необичните животни, змии и човечки фигури импресионираат со фантастичноста, наивноста, хуморот, шаренилото... Човечките фигури и животните си разменуваат искосени погледи, создавајќи чувство на постојана будност. Телата ја пренесуваат идејата за напнатост и вкочанетост, во став сличен на оној што се забележува кај некои диви животни кога се заглавени во теснец. Од друга страна, постојат и низа цртежи каде што животните се динамични, во трк, во акција, полни со енергија... Фигурите на жените и мажите имаат робусна мускулатура, често со откриени гради и гениталии. Се појавуваат придружени со животни, делови од мебел, и често се поставени на пиедестал. Делата на Браз се карактеризираат со стилизација на формите и волумените, со фронталност на претставата, отсуство на перспектива и со изборот да не се контекстуализираат прикажаните ситуации; чудни единки се поставени во позадината создадена со повторени потези со дрвен молив. И покрај ова, од цртежите произлегува динамика, а ликовите имаат пози што сугерираат движење, понекогаш и танц.

Во Југославија во осумдесеттите години беше многу популарна книгата „Моливот пишува со срце“ во која беа издвоени духовити и паметни реченици и цртежи на деца. Изразот „моливот пишува со срце“ баш може да се примени и на Албино Браз зашто тој работел главно со дрвени моливи во боја, но и зашто неговата уметност е мошне срчена, т.е. на некој начин висцерална и психолошка.



Сексуалноста е една од опсесивните теми на Браз. На многу негови слики прикажани се луѓе и животни со јасно видливи и истакнати гениталии. Можеби многуте различни животни на неговите цртежи исто така се симболи за дивост и сексуалност, но има и многу живописност, шаренило и хумор (кој некогаш произлегува од изместените перспективи). Хумор има и во неговото опсесивно поставување на пиедестал на жени и мажи (пред сè жени), а сите други фигури под нив ги прикажува како помали и подредени. И кај оваа серија цртежи главно преовладуваат ведри тонови, иако со несомнена тежина, психолошка и метафоричка.

Во една слика, на пример, е прикажан дотеран маж, во интересна дендиевска облека, кој држи цвет во раката. На ѕидот крај него закачен е портрет на жена. Едната нога на мажот е благо свиткана во коленото, одејќи зад другата. Во дното на сликата е прикажано ситно суштество меѓу зајак, мачка и куче. Во позадината има мала ниска маса со четири вазнички по краевите. Портретот на жената вметнат во кружна рамка потсетува на огледало. Таа жена е претставена и на други цртежи и се чини дека сугерира дека самата е, всушност, одраз на гледачот.



 

Албино Браз бил дел од првата уметничка изложба на болницата Жукери (одржана во MASP, Музејот на уметност во Сао Паоло, во 1948); неговите дела биле присутни и на првата Арт Брут изложба во Париз (1949), на меѓународната изложба на „психопатолошка уметност“, исто така во Париз (1950), а бил дел и од Третата меѓународна надреалистичка изложба (Сао Паоло, 1967). Во 1981 година неговите цртежи биле изложени на Меѓународното биенале XVI во Сао Паоло.

Музејот на уметност во Сао Паоло чува 42 негови авторски цртежи (донирани од психијатарот Осорио Сезар). Цртежите прикажуваат човечки и животински фигури, како и еротски сцени. Други дела на Албино Браз се зачувани во Институтот за бразилски студии при Универзитетот во Сао Паоло.

 


Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.

Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.


Подготвил: Тим Дисензус

ОкоБоли главаВицФото