Естаблишментот го фаќа паника: Јанис Варуфакис му се обраќа на Волфганг Мунчау

17.07.2026 18:43
Естаблишментот го фаќа паника: Јанис Варуфакис му се обраќа на Волфганг Мунчау

 

Знам дека повеќето од вас го земаат здраво за готово тоа што капитализмот е систем на слободни пазари каде побарувачката и понудата слободно ги одредуваат цените, количините и квалитетот. И знам дека знаете — особено ти, Волфганг, постојано и со право го истакнуваш тоа — дека капитализмот е склон кон монопол. А монополот ги валка слободните пазари. И токму затоа мислите дека државата мора да интервенира за да го зачува слободното функционирање на пазарите преку регулација. Тоа е стандардна приказна. Накратко, повеќето луѓе, ако не и сите вие што слушате и гледате таму, го идентификувате капитализмот како систем кој во својата природна состојба се заснова на слободни конкурентни пазари, кои пак, исто како и нашите тела, се подложни на болести. Епа, пазарите се подложни на болеста наречена монопол, која добриот доктор — либералната држава — мора да ја излечи.

Па, имам лоши вести за вас. Ова е бајка. Капитализмот — и ова ќе биде мојот аргумент, Волфганг — капитализмот е најголемиот непријател на луѓето. Неговата природна состојба е онаа во која пазарите се сè, само не слободни. И што е уште полошо, либералната држава никогаш, ама баш никогаш, не може сигурно да го спречи капитализмот да ги узурпира пазарите. Да ги спречи да ги пороби пазарите, да ги претвори во инструменти на присила, на неефикасност и, да, на експлоатација.

Како и вие, и јас ја гледам привлечноста на оваа бајка. Таа беше брилијантно раскажана од Адам Смит во неговото дело „Богатството на народите“. Сите се сеќавате на приказната за пекарот, пиварот и месарот? Па, денес можеме да ги додадеме и фризерот, ковачот, автомеханичарот. Знаете, луѓе кои напорно работат и ги придобиваат клиентите преку ниски цени, добра услуга и висок квалитет. Тоа е сликата за слободни, добро функционални пазари. И таа е совршено убава.

Сепак — и тоа е мојата поента — оваа убава идила умира во истиот миг кога ќе го внесеме капитализмот во сликата. Гледате, селото населено со пекарот, пиварот и месарот постоело со векови пред капитализмот. Тоа не е синоним за капитализам. Но тогаш, децении, векови, еони пред капитализмот, тоа никогаш не се нарекуваше капитализам затоа што и не беше. Тоа беше едноставно трговија. Не е исто.


Капитализмот стапува на сцена со големите венецијански капиталисти, со холандските и британските Источноиндиски компании, чија доминација дојде како резултат на убивање на конкуренцијата, на узурпација на пазарите. Се сеќавате, овие огромни компании кои беа почетокот на капитализмот вработуваа десетици илјади платени убијци, обезбедуваа кралски повелби, ексклузивни права, поморска заштита — а денес, воздухопловна моќ. Во меѓувреме, овие компании кои ни го донесоа капитализмот каков што го знаеме, беа самата држава. Тие управуваа со државата. Самата идеја дека британската држава ќе ја регулира Источноиндиската компанија е фарса. Беше обратно.

Сега, пред да ми кажете дека сето ова е само далечна историја, да скокнеме во сегашноста. Да го земеме SpaceX на Илон Маск. Дали ги достигна огромните висини од 2 трилиони долари пазарна капитализација преку натпреварување на слободен, транспарентен пазар, или пак SpaceX ја осигура оваа позиција и оваа капитализација со обезбедување на милијарди во државни договори со НАСА, ексклузивни договори за лансирање и регулаторни предности извлечени од лојални политичари?

Кога ќе се соочи со вистинска конкуренција од кинескиот вселенски екосистем во развој — како што ќе се соочи во следните неколку месеци, а не години — дали SpaceX ќе го прифати слободниот пазар и конкуренцијата, или ќе бара државна заштита од кинеската вселенска индустрија? Тарифи, ограничување на кинеските лансирања, па дури и војна против Кина, за секој случај. Дали Вашингтон и политичарите ќе мавтаат со опашката на SpaceX, или SpaceX ќе мавта со опашката на Вашингтон? Јас го знам одговорот. Се надевам дека се согласувате со мене.


Капитализмот секогаш тежнее кон монопол. И кон државна интервенција во корист на крупниот бизнис, а не против него, особено кога пазарот ќе се сврти против него. Моментите на антимонополско законодавство беа многу ретки, пред многу децении, ако не и пред цел век. Тоа е минато. Сега, крупниот бизнис добива услуги од државните регулатори, а не обратно.

Па, како што гледате, ова е поентата што ја истакнувам, суштината на сè. Капитализмот не е природна еволуција на највисоката форма на слободниот пазар. Тој е сенката, духот на слободниот пазар. Капитализмот не ја слави конкуренцијата — тој се плаши од неа и ја убива. Тој не ја прифаќа транспарентноста; нему му е потребна нетранспарентност и неуморно работи на тоа да не држи во мрак и вас, и мене, и сите нас. Нема награда за вистинска корисност. Она што постои се огромни награди за акумулација на капитал по секоја цена, вклучувајќи го и суспендирањето на самите пазарни сили.

Каде во светот денес пазарите се навистина конкурентни, со сурова конкуренција која создава вистинска вредност и заеднички просперитет? Па, во Кина. А зошто? Затоа што Кина му одолеа на тој отровен пијалак, на таа токсична идеологија дека демек капитализмот, слободните пазари и либералната држава се светото тројство кое ги поддржува напредокот и демократијата.


Слики: Tjeerd Royaards

Извор за текстот: https://www.youtube.com/watch?v=e86rRdLhUx8 

Слични содржини

Општество / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Европа / Свет / Став
Активизам / Свет / Екологија

ОкоБоли главаВицФото