Girl, Interrupted: Гранично растројство на личноста (6)

20.07.2026 15:05
Girl, Interrupted: Гранично растројство на личноста (6)

Дијагностички структури во психоанализата (12); Лекции по психоанализа (23).

 

Продолжуваме со извадок од мемоарот на Сузана Кејсен за нејзините искуства со дијагнозата гранично растројство на личноста.

Да ми била поставена, на пример, дијагноза на биполарно растројство, реакцијата кон мене и кон оваа приказна веројатно би била поинаква. Станува збор за хемиски проблем, би си рекле; манична депресија, литиум и сето тоа. На некој начин, би била ослободена од вина. А што ако беше шизофренија? Тука веќе би ви поминале морници по грбот. На крајот на краиштата, тоа е „вистинско лудило“. Луѓето не „оздравуваат“ од шизофренија. Веројатно се прашувате колку од она што ви го раскажувам е вистина, а колку е плод на имагинацијата.

Знам дека поедноставувам. Но овие зборови обојуваат сè. Самиот факт дека сум била затворена во психијатриска установа обојува сè.

Што, всушност, значи „гранична личност“?

Се чини дека тоа е некаква меѓустаница меѓу неврозата и психозата: психа што е напукната, но не и распадната. Иако, да го цитирам мојот психијатар: „Така ги викаат луѓето чиjшто животен стил вознемирува.“

Тој можеше да го каже тоа оти е доктор. Ако јас го кажев, никој немаше да ми поверува.

Еден аналитичар што го познавам со години еднаш ми рече: „Фројд и неговиот круг сметале дека повеќето луѓе се хистерици; потоа, во педесеттите, станале психоневротичари; а во последно време сите се гранични личности.“

Кога отидов во книжарницата на аголот за да ја побарам својата дијагноза во Прирачникот, ми падна на ум дека можеби веќе нема да ја најдам таму. Одвреме-навреме отстрануваат цели категории ‒ хомосексуалноста, на пример. До неодамна доста мои пријатели ќе можеа да се најдат запишани во таа книга заедно со мене. Тие излегоа од книгата, а јас не. Можеби по дваесет и пет години и мене нема да ме има во неа.

„Нестабилност на сликата за себе, меѓучовечките односи и расположението... несигурност во врска со долгорочните цели или изборот на кариера...“

Зарем ова не е одличен опис на адолесценцијата? Променливи расположенија, непостојаност, занесеност по трендови, несигурност ‒ накратко, невозможност.

„Самоповредувачко однесување (на пример, гребење на зглобовите)…“ Овде потскокнав Токму ова делче ме затекна неподготвена додека седев на подот во книжарницата и ја читав својата дијагноза. Гребење на зглобовите! Мислев дека јас сум го измислила! Удирање на зглобовите, да бидам попрецизна.

Во овој момент луѓето обично прекинуваат да ме следат. Ова е видот на нешта поради кои те затвораат во психијатриска болница. Но никој не знаеше дека го правам тоа. Никому не му кажав. Сè до сега.

Имав една фотелја-пеперутка. Во шеесеттите години речиси секој во Кембриџ имаше таква фотелја. Металниот раб на нејзиното превиткано седиште беше совршено поставен за удирање на зглобовите. Се обидував да кршам пепелници и да газам по парчињата стакло, но никогаш немав доволно храброст цврсто да стапнам врз нив. Удирањето на зглобовите ‒ бавно, рамномерно и речиси без мисла ‒ беше подобро решение. Повредата се создаваше постепено, па секој поединечен удар беше поднослив.

Решение за што? Еден извадок од Прирачникот нуди можен одговор: “Ова однесување може да служи како спротивставување на чувствата на отапеност и деперсонализација што се јавуваат во периоди на силен стрес.“

Со часови седев во мојата фотелја и ги удирав зглобовите. Го правев тоа навечер, како домашна задача. Ќе поучев малку, потоа половина час ќе ги удирав зглобовите, па повторно ќе се вратев на задачите, а потоа пак во фотелјата за уште малку удирање пред да ги измијам забите и да си легнам. Го удирав внатрешниот дел од зглобот, таму каде што се спојуваат вените. Местото отекуваше и добиваше синкава боја, но со оглед на тоа колку силно и колку често го правев тоа, видливите оштетувања беа изненадувачки мали. Тоа беше уште една предност.
Претходно поминав низ период кога си го гребев лицето. Да не ми беа толку кратки ноктите, немаше да можам да го сокријам тоа. И вака следниот ден изгледав подуено и чудно. Ги гребев образите, а потоа триев сапун врз нив. Можеби сапунот спречуваше да изгледам уште полошо. Но изгледав доволно лошо за луѓето да ме прашуваат: „Што ти е со лицето?“ Затоа преминав на удирање на зглобовите.
Бев како пустиник што носи кошула од груба влакнеста ткаенина за самоказнување. Дел од смислата беше токму во тоа што никој не знаеше за моето страдање. Ако другите знаеа за страдањето, па ми се восхитуваа или ме осудуваа ‒ нешто суштинско ќе се изгубеше.

Се обидував самата да си ја објаснам својата состојба. А состојбаta беше следна: чувствував болка, а никој не знаеше за неа; дури и самата тешко успевав да ја препознаам. Затоа си повторував, одново и одново: „Те боли.“ Тоа беше единствениот начин да допрам до себе, единствениот начин да се пробијам низ сопствената отапеност („спротивставување на чувството на ‘отапеност’“). Надворешно и неоспорно го покажував она што се случуваше во мене.

„Мошне често се забележуваат општествена неприлагодливост и општо песимистички поглед на животот.“ Што, според вас, значи „општествена неприлагодливост“? Дека ги ставам лактите на маса? Дека одбив да станам забен техничар? Дека не ги исполнив надежите на моите родители да студирам на престижен универзитет?

Не објаснуваат што значи „општествена неприлагодливост“, а не можам ни јас да ја објаснам, па мислам дека треба да се исфрли од списокот. Ќе признам, сепак, дека имам општо песимистички поглед на животот. И Фројд го имал.

Можам искрено да кажам дека мојата психичка беда се претвори во обична човечка тегобност, па според Фројдовата дефиниција сум постигнала ментално здравје. А во мојот отпусен лист, под реден број 41, во рубриката „Исход во однос на менталното нарушување“, пишува „Оздравена“.

Оздравена. Дали мојата личност ја преминала таа граница ‒ каква и да била, каде и да била ‒ и се вратила во рамките на нормалниот живот? Дали престанав да се расправам со сопствената личност и научив да живеам на границата меѓу разумот и лудилото? Можеби, всушност, сум имала нарушување на идентитетот. „Кај нарушувањето на идентитетот постои слична клиничка слика, но дијагнозата гранично растројство на личноста ... има приоритет ... доколку нарушувањето е доволно распространето и ... ако е малку веројатно дека е ограничено само на развојна фаза.“ Можеби сум била жртва на погрешно поставено дијагностички приоритет.

Уште не сум завршила со дијагнозата.

„Личноста често ја доживува оваа нестабилност на сликата за себе како хронично чувство на празнина или досада.“ Моите хронични чувства на празнина и досада произлегуваа од фактот што живеев живот обликуван од моите неспособности, а нив ги имаше многу. Еве делумен список. Не можев ‒ а и не сакав ‒ да: скијам, да играм тенис или да одам на часови по физичко; да посветувам внимание на кој било училишен предмет освен англиски јазик и биологија; да пишувам трудови на зададени теми (наместо трудови, пишував песни за часовите по англиски и добивав единици); да планирам да одам на факултет или воопшто да се пријавам; ниту, пак, да понудам какво било разумно објаснување за овие одбивања.

Мојата слика за себе не беше нестабилна. Сосема точно се гледав себеси како несоодветна за образовниот и општествениот систем во кој се наоѓав.

Но моите родители и наставници не ја делеа таа слика. Нивната претстава за мене беше нестабилна, бидејќи беше во расчекор со стварноста и обликувана од нивните потреби и желби. Тие не им придаваа голема вредност на моите способности, кои, признавам, беа малубројни, но вистински. Читав сè што ќе ми дојдеше при рака, пишував постојано и имав момчиња во изобилство.

„Зошто не ја читаш задолжителната литература?“, ме прашуваа. „Зошто не ги пишуваш домашните задачи, туку што и да е ова што го пишуваш? Што е ова ‒ краток расказ?“ „Зошто не вложиш барем половина енергија во учењето колку што вложуваш во момчињата?“

До последната година од средното училиште веќе не се ни обидував да се правдам, а камоли да објаснувам.

„Каде ти е семинарската работа?“, ме праша професорот по историја.

„Не ја напишав. Немам што да кажам на таа тема.“

„Можеше да избереш друга тема.“

„Немам што да кажам на ниту една историска тема.“

Еден од наставниците ми рече дека сум нихилистка. Тој го мислеше тоа како навреда, а јас го доживеав како комплимент.

Момчиња и литература: Како воопшто се гради живот од тие две нешта? Како што се покажа ‒ јас успеав. Во последно време повеќе литература отколку момчиња, но претпоставувам дека човек не може да има баш сè („се забележува општо песимистички поглед на животот“).

Тогаш не знаев дека јас ‒ или кој било друг ‒ може да изгради живот од литература и љубовни врски. Колку што можев да видам, животот бараше способности што јас ги немав. Резултатот беше хронично чувство на празнина и досада. Но имаше и посериозни последици: омраза кон себеси, која наизменично се јавуваше со „несоодветно интензивен гнев, проследен со чести изливи на бес...“

А кое би било соодветното ниво на гнев за некој што се чувствува исклучен од животот? Моите соученици ги плетеа своите фантазии за иднината: адвокат, етноботаничар, будистички монах (беше тоа прилично прогресивно средно училиште). Дури и оние понеинтересните ‒ што како да беа таму за да обезбедат „рамнотежа“ ‒ со нетрпение ги очекуваа своите бракови и деца. Јас знаев дека ништо од сето тоа нема да го имам, затоа што знаев дека не го сакам. Но дали тоа значеше дека нема да имам ништо?

Бев првата личност во историјата на училиштето што не замина на факултет. Се разбира, најмалку една третина од моите соученици никогаш не го завршија факултетот. До 1968 година, луѓето веќе почнуваа да го напуштаат образовниот систем од идеолошки причини.

Денес, доста често, кога ќе им кажам на луѓето дека не сум студирала, ми велат: „О, колку прекрасно!“ Но тогаш никому не му изгледаше прекрасно. Навистина не му изгледаше. Моите соученици беа токму оние луѓе што денес ми велат колку е тоа прекрасно. Во 1966 година јас бев отпадник. (…)

Празнина и досада? Какво потценување на работите. Она што го чувствував беше целосна пустош. Пустош, очај и депресија.

Зарем не постои поинаков начин да се гледа на сето ова? На крајот на краиштата, егзистенцијалната тегобност од вакви размери е вид луксуз. Треба да си нахранет, облечен и да имаш покрив над главата за да имаш време за толкаво самосожалување. А тука е и приказната со факултетот. Моите родители сакаа да одам на факултет. Јас не сакав. И не отидов. Го добив токму она што го сакав. Оние што не одат на факултет треба да најдат работа. Се согласував со сето тоа. Си го повторував одново и одново. Дури и најдов работа. Мојата работа беше да кршам огноотпорни садови за печење.

Но фактот дека не можев да ја задржам ни работата беше загрижувачки. Веројатно навистина полудував. Веќе една-две години кружев околу таа помисла; сега сè повеќе ѝ се приближував.

„Собери се!“, си велев. „Престани да си попушташ самата на себе. Ништо не ти е. Не си болна.“ „Само си своеглава.“

Едно од големите задоволства на менталното здравје ‒ што и да значи тоа ‒ е фактот што многу помалку време поминувам размислувајќи за себе.

Имам уште неколку белешки за сопствената дијагноза.

„Растројството почесто се дијагностицира кај жените.“

Забележете ја конструкцијата на оваа реченица. Не напишале: „Растројството е почесто кај жените.“ И тоа би било сомнително, но барем би било директно. Наместо тоа, напишале: „почесто се дијагностицира кај жените“. Не се ни обиделе да ги прикријат трагите.

Судејќи според болничката популација, многу растројства почесто се дијагностицираат кај жените…

Во списокот од шест „потенцијално самодеструктивни“ активности што се поврзуваат со граничното растројство на личноста, три најчесто се сметаат за женски: компулсивно купување, кражби по продавници и епизоди на прејадување; а една за машка ‒ ризичното возење. Една не е „родово специфична“, како што би рекле денес (злоупотреба на психоактивни супстанции). А значењето на уште една ‒ „случаен секс“ ‒ зависи од тоа кој гледа и кој проценува.

Потоа доаѓа прашањето за „прераната смрт“ поради самоубиство. За среќа, јас ја избегнав. Но често размислував за самоубиство. Размислував за него, се растажував поради сопствената прерана смрт, а потоа се чувствував подобро. Самата помисла на самоубиство делуваше врз мене како прочистување, како катарза. За некои беше поинаку ‒ кај Дејзи, на пример. Но дали нејзината смрт навистина беше „прерана“? Требаше ли да седи во својата мала кујна, во која се јаде и се живее, со своето печено пиле и својот гнев, уште педесет години? Pретпоставувам дека немаше да се промени, но можеби грешам. И таа, секако, го претпоставила истото ‒ а можеби и таа грешела. И ако седела таму само триесет години, па се самоубиела на четириесет и девет, наместо на деветнаесет години, дали нејзината смрт уште би била „прерана“?

Јас закрепнав, а Дејзи не. И не можам да објаснам зошто. Можеби само флертував со лудилото, на истиот начин на кој флертував со наставниците и соучениците. Не бев убедена дека сум луда, иако се плашев дека сум. Некои велат дека самото тоа што човек има свесно мислење за сето ова е знак на психичко здравје, но не сум сигурна дека е така. Јас уште размислувам за тоа. И веројатно секогаш ќе размислувам.

Често се прашувам дали сум луда. Ги прашувам и другите.

„Дали ова што ќе го кажам е лудо?“, прашувам пред да кажам нешто што најверојатно воопшто не е лудо.

Многу реченици ги почнувам со „Можеби сум целосно откачена“, или „Можда стварно сум изгубила разум“.

Ако направам нешто невообичаено ‒ да речеме, се бањам двапати во еден ден ‒ си велам „Дал си луда?“

Тоа е вообичаена фраза, знам. Но за мене значи нешто посебно: тунелите, безбедносните прегради, пластичните вилушки, треперливата, постојано променлива граница што ‒ како и сите граници ‒ повикува и како да бара да биде премината.

Не сакам повторно да ја преминам.

Слики: Dino Valls

Извор за текстот: Kaysen, S. (1993). Girl, Interrupted. Vintage Books.

Слични содржини

Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Култура / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото