Урбанизам на повик

20.07.2026 15:30
Урбанизам на повик

 

Последните неколку години при секоја посета на Тирана го забележувам развојот што го доживува градот. Владее позитивна атмосфера која се отчитува и во низа нови објекти; квалитетот на гастрономската понуда е висок, а центарот на градот е уреден. Но, можеби највпечатлив знак на промените што се случуваат во градот се безбројните градилишта од кои изникнуваат нови градби, најчесто со огромни димензии и со појавност која ја игнорира реалноста на градот.

Овој градежен бум не можеше да не биде забележан од архитектонската јавност. Во Тирана се нижеа светски познати архитектонски имиња што како да се дојдени директно од Венециското биенале за архитектура, а кои добиваа проекти и градеа објекти со невиден интензитет. Тирана стана ветената земја за странските архитекти што доминираа во речиси сите нови интервенции во градот. Потврда за ова е и новата книга со амбициозен наслов „Албански досиеја: слобода и архитектура“ што беше промовирана пред еден месец, уредена од Анеке Абелаки, а во издание на швајцарската независна издавачка куќа Ларс Милер Паблишерс. Во книгата се претставени 520 проекти од вкупно 60 архитекти од целиот свет кои работеле на проекти во Тирана и Албанија.

Во книгата, која започнува со предговор напишан лично од Еди Рама, случајно или не, најмногу се разоткрива неговата улога во повикувањето светски познатите архитекти да работат во Тирана и Албанија. Сведоштвата на архитектите содржани во книгата укажуваат дека многумина од нив биле директно контактирани или ангажирани од Рама. Тие често биле контактирани преку заеднички пријатели, со најава дека „ќе ги побара Еди“, како во случајот со Сем Чермајеф, архитект со архитектонски студија во Берлин и Њујорк или, како во случајот со Алехандро Аравена, добитникот на престижната Притцкерова награда во 2016 година, кој бил поканет лично од премиерот да дојде и да работи на проекти во Албанија; или австрискиот архитект Крис Прехт кој, според неговото сведоштво, бил контактиран од Рама преку неговиот Инстаграм профил. Според книгата, голем дел од странските архитекти биле претставени од страна на премиерот на локални инвеститори, кои потоа ги користеле нивните проектантски услуги за проекти од десетици илјади квадратни метри.

Можеби тука лежи најголемата дилема што се исправа пред секој град кој се обидува да се развие и трансформира во современа метропола. Изградбата и развојот многу често се придвижени од приватните инвеститори, како во случајот на Тирана, кои во фокусот на своето делување го имаат – приватниот интерес.

За жал, најголемиот дел од новите градби, без разлика на нивната големина и светската архитектура, остануваат недостапни за поголемиот број граѓани, кои не ги исполнуваат економските или социјалните параметри за влез во овие објекти. Овој приватен простор многу ретко придонесува за подобрување на јавниот простор или за развој на јавната инфраструктура и воопшто за добросостојбата на граѓаните. Напротив, мегаломанските градби најчесто ја оптоваруваат постојната градска инфраструктура и создаваат дополнителни нарушувања во функционирањето на градовите: од зголемен сообраќаен метеж до нарушување на пазарот на недвижности.

Конечно, со овој пристап, речиси не постои трансфер на знаења, бидејќи тие остануваат во еден исклучително тесен и затворен круг на соработници на странските архитекти.

Која е поуката за Скопје? Најпрвин мора да се нагласи дека Скопје е планиран град. Урбанистичките планови последниве 100 години, и покрај сите предизвици, укажуваат на долга и континуирана традиција на урбанистичко планирање на градот. Ова стана уште поевидентно со постземјотресната обнова на градот во 1963 година кога со меѓународна помош и знаење Скопје се издигна како град планиран врз основа на најсовремените урбанистички парадигми и норми во тоа време. Во овој процес беа вклучени низа светски архитекти, но и реномирани светски институции, од Обединетите нации до академски организации и институти од Јапонија, Холандија, САД, Германија, Полска и многу други земји во светот.

Токму ова искуство, базирано на врвните светските знаења и практики, спроведено на транспарентен и инклузивен начин, треба да биде моделот како Скопје ќе ја планира својата урбана иднина. Тоа треба да е процес во кој повторно светски реномирани научни и академски институции ќе се вклучат во изработката на визијата за Скопје како двигател на развој, а светските архитекти своите креативни предлози ќе ги претстават во отворен натпревар на визии и идеи.

Конечно, Скопје мора да се фокусира на развојот на јавниот простор, градското зеленило и одржливата мобилност како основа на одржливиот урбан развој на градот. Само на таков начин Скопје ќе биде град во кој задоволството на неговите граѓани ќе биде најдобрата промоција на успешноста на градот. А тоа секогаш ќе биде најсилната приказна за градот.

Карикатури: Gergely Bacsa

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори / Теорија
Општество / Јавни простори
Општество / Активизам / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори / Став
Општество / Активизам / Јавни простори / Екологија

ОкоБоли главаВицФото