1018 hPa
59 %
17 °C
Скопје - Нед, 16.08.2026 07:08

„Ако вам је добро, онда ништа“ е слоган на српскиот портал Пешчаник.
„Режим на преживување“ е кованица што ја употребив пред неколку години во еден текст, за да ја објаснам психолошката состојба на граѓаните во Македонија кои не добиваат соодветна поддршка од системот што го плаќаат преку даноци.
Не само што не добиваат поддршка, туку системот систематски ги убива. Или преку недостиг на лекови што морал да ги набави, или преку недостиг на медицинска нега, недостиг на контрола на квалитет на банкините на автопатите, контрола на автобусите кои превезуваат патници, контрола и надзор на модуларните болници, дискотеките, а сега и контрола на водата која е неопходна за живот.
Не се работи за неквалитетна вода, туку за затруена со фекалии, опасна по здравјето и животот на граѓаните. Ова е обид за убиство од небрежност. Да се надеваме немало умисла.
Вода со фекалии јавна институција им ги сервирала на граѓаните во чаша и тенџере.
Анксиозноста што потекнува од недоверба во се што е врзано со системот што граѓаните го плаќаат да ги опслужува нивните потреби сега е веќе голема. И опасна по психичкото здравје бидејќи граѓаните се во постојан грч и стрес. Тоа ги оневозможува да ја искористат својата енергија во креација и лична благосостојба. Бидејќи нивниот мозок е во „режим на преживување“.
Да се плашиш да се напиеш вода од чаша. Зарем до таму стаса Македонија?
И повторно дваца тројца уапсени, без да се видат системски пропусти кои довеле до тоа некој што нема грам мозок во глава своеволно без никаква контрола и надзор да пушти фекалии во градскиот водовод.
Системот составен од корумпирани, неодговорни и неедуцирани политичари кој го разболува и го убива населението е производ на лоши политики и лоши кадровски решенија на кои заеднички именител им е корупцијата. А корупцијата нема партиски предзнак. Нема ВМРО, СДСМ, ДУИ, ВЛЕН. Има корупција, неодговорност и неукост. Има проблем на вредносниот систем кој е устоличен од сите партии.
Решение за борба со корупцијата е прво подигнување на свеста. Да се зборува за лекции од лошите искуства кон подобрување на системот. Тоа во Македонија не се случува. Наместо да се извлечат лекции и да се подобрат системските решенија, енергијата се троши да се заташка исходот и да се пикнат проблемите под тепих.
Се зацементирува просторот (и буквално и фигуративно) да одговара на интересите на бандити по партиите и нивни финансиери, наместо во интерес на граѓаните. Нема казнивост, бидејќи овие што ги прават злосторствата, си го расчистуваат теренот за нови, неказнети злосторства.
Грижата за граѓаните и нивната благосостојба што им е опис и попис на работно место не е нивен интерес. Единствениот интерес им е личниот профит.
Мене на пример ништо не ми значи што е уапсена директорката на Водовод во Гостивар. Имаше кривични и против Мијалков, Груевски и ред други, па никој не одговараше освен две три жртвени јагниња. ВМРО владееше со корупција, СДСМ ги ослободи со законски измени во Кривичниот законик. Тоа не значи дека ВМРО или СДСМ се коруптивни партии. Тоа значи дека биле или се запоседнати од коруптивни и неодговорни политичари. Истото важи и за сите партии кои се учесници на македонската политичка сцена.
Тие неодговорни и корумпирани политичари во сите партии, треба да се заменат со чесни, свесни и компетентни луѓе. Граѓаните тука имаат клучна улога. Или ќе го променат системот преку својот ИЗБОР или ќе го поддржуваат, а тој ќе има враќа со фекалии на трпеза.
На пример, граѓаните на избори гласаат за мачка во вреќа. Нема отворени листи па гласачите да ја видат биографијата, искуството и да гласаат за некој кој мислат дека ќе управува со нивните даноци одговорно и наменски.
Не, тие гласаат за луѓе кои се избор на партиските раководства кои се бираат сапоред лојалност, а не биографија и етика.
Политичките лидерства не покажуваат грам почит за граѓаните, нивните права и потреби. Не располагаат одговорно и отчетно со нивните пари од даноци и тоа поминува неказнето со децении. Има само оправдувања и префрлање на вината на друг.
Значи нешто треба да се смени.
Токму затоа е потребно подигнување на свеста, за сопствената улога и избор во поддршка на таквиот корумпиран систем.
Граѓаните имаат избор да не излегуваат на такви избори, каде им се нуди избор скроен во тесен партиски круг и да инсистираат на отворени листи. Макар тоа неизлегување да доведе до институционална криза.
Кризата не е секогаш лоша. Кинескиот збор за криза е составен од два знака. Едниот значи опасност, вториот шанса. Шанса за промена кон подобро. Луѓето што членуваат во партии и кои не се задоволни што тие се брендирани како коруптивни, имаат одговорност да „им го исчистат образот“.
Народот психички и физички се разболува, неговата енергија се црпи за преживување, а можност за креација и творење за жал имаат луѓето кои си одат од таму, во системи кои им се ветер во грбот, кои нудат стабилност и поддршка.
Јас можам да направам разлика бидејќи сум ги почувствувала и системот на неефикасни институции и оној на закони кои се спроведуваат во интерес на граѓаните.
Во Скопје не сум знаела дали ќе дојде автобус, тука знам до минута и таа доверба не е нарушена. Во Скопје не знаев кога ќе исклучат вода без предупредување. Тука ме известуваат за еден час прекин два месеца однапред. Не дека нема корупција, но таа не ги крои политиките, законите и не ја уништува благосостојбата на граѓаните на дневно ниво. Бидејќи има развиен систем на спреги и кочници (checks and balances), не само на хартија.
Тоа не значи дека корупцијата има државен предзнак или дека западните земји треба да се идеализираат. Споредбата е за да се извлечат позитивните искуства како пример. Или негативните, на загуба на тие придобивки. Еве САД се сведок дека ништо не зададено за секогаш, ниту освоените слободи и права.
Борбата против корупцијата и борбата на оние кои сакаат свет и систем кој ќе ја поддржува општата благосостојба на луѓето наспроти алчноста, неодговорноста и некомпетентноста траела, трае и ќе трае. Клучна е свеста и силата на граѓаните во сето тоа.
Македонија има многу хумани, квалитетни и чесни луѓе кои за жал не се на челни позици во институциите, ниту очигледно во партиите. Бидејќи оние кои се во коруптивниот круг го киднапираа системот.
Ако од цевките, од кои протече ефектот од нивната спрега не е доволен аларм за промена на вредностите, тогаш ништо.
Извор: Фајсбук профил на авторката