Замките на вештачката свест

23.07.2026 11:39
Замките на вештачката свест

 

Проблемот со импресивните нови технологии е во тоа што тие поседуваат неверојатна способност да го прикажат целиот ужас на односите во кои луѓето влегуваат – меѓусебно, но и самите со себе. Бидејќи сега имаме отворен канал за директна комуникација со високата технологија, на начин што речиси воопшто не се разликува од разговор меѓу живи луѓе, можеби ја добивме и последната можност да се искупиме.

Пред речиси три милениуми поетот Хесиод се жалел дека железното доба донело подобри плугови, но истовремено ги стврднало срцата на луѓето. Заклучил дека железните орудија, испратени да ја испитаат човечката доблест, ги уништиле прифатените вредности со истата леснотија со која го зголемиле богатството. Зевс, вели Хесиод, нема да има друг избор освен да го уништи човечкиот род, кој не е способен да ја заузда моќта стекната преку технологијата. Денес, со појавата на вештачката интелигенција, се случува нешто слично, поради што постојано осцилираме меѓу технооптимизмот и технопесимизмот.

Луѓето имаат склоност да им припишуваат човечки особини на нештата. Така ги персонифициравме ветровите и заклучивме дека Тиха (Среќата) мора да биде една од ќерките на Зевс. Денес човечки мотиви им припишуваме дури и на облаците од кои удираат громови. Непосредно пред да си го одземе животот, Јулија му се обраќа на бодежот како на пријател: „О, добар мој ножу! Еве ти ја канијата! Почивај тука, а мене пушти ме да умрам.“ Можеби не е поетично, но морам да признам дека речиси ми е невозможно за мојот мотор, машина без душа, да не размислувам како за „него“, како за живо суштество. Кога пред некој ден ми се испразни акумулаторот на чамецот, му реков на механичарот дека „издишал“. Кога печатачот ќе почне да ми прави проблеми, се прашувам со што сум му згрешил.

Често го правиме тоа со предмети и сили кои очигледно не поседуваат свест. Но сега кога се појавија AI-ботови кои без никаков напор го поминуваат Тјуринговиот тест, работите дополнително се усложнуваат. Ричард Докинс неодамна водеше серија разговори со Claude, AI-моделот на Anthropic, и остана длабоко импресиониран. Како што самиот рече: „Покажаното ниво на разбирање беше толку суптилно, толку чувствително, толку интелигентно што посакав да му кажам: ‘Можеби ти не знаеш дека си свесен, но јас знам дека си!’“ Помислив дека тоа е малку непромислена изјава, но истовремено и многу значајна.

Докинс, истакнат биолог кој направи многу за популаризацијата на основните начела на дарвиновата еволуција и за нејзината одбрана од реакционерните критичари, има долга историја на користење антропоморфни алегории. Во својата извонредна книга „Себичниот ген“ (1976) тој ја прикажува борбата за опстанок меѓу различните човечки особини преку впечатливи слики во холивудски стил:

„Како успешни чикашки гангстери, нашите гени опстанале во свет на жестока конкуренција, во некои случаи милиони години... Кога ќе погледнеме како функционира природната селекција, се наметнува заклучокот дека сè што еволуирало преку природна селекција мора да биде себично.“

Таквите алегории се корисни кога треба да се убеди скептичната јавност во заснованоста на Дарвиновото учење, но тие истовремено можат и да нè одведат во погрешна насока. Описот на гените како себични е интригантен и впечатлив, сè додека не го сфатиме буквално. Да се тврди дека гените имаат сопствено „јас“ не е исто што и да се тврди дека само се однесуваат како да го имаат. Истото важи и за Claude и за другите AI-ботови. Постои голема разлика меѓу признавањето на емпириските тешкотии (всушност, невозможноста) да се докаже дека ботовите немаат свест и прифаќањето на заклучокот дека тие навистина ја поседуваат. Верувам дека токму со признавањето и прифаќањето на таа разлика ја избираме можноста да научиме подобро да живееме едни со други, наместо да потонеме во технофеудална дистопија.

Како што покажува Докинсовиот „себичен ген“, проблемот со припишувањето себичност или свест на гените и AI-ботовите не е само во извртувањето на научните сознанија, туку и во отворањето врата за нови облици на тиранија. Да земеме пример за објаснувањето зошто, според теоријата на себичниот ген, жирафите имаат долг врат: благодарение на таквиот врат тие можеле да се хранат од високите дрвја, што значи дека имаат долг врат за поуспешно да ги пренесуваат своите гени. Но, колку и да звучи убедливо, оваа алегорија не смее да се сфати буквално.

За да покажам зошто, ќе го направам вратот на жирафата главен лик во истата приказна: бидејќи долгиот врат им помага на жирафите подобро да се хранат и поуспешно да ја пренесуваат својата ДНК, задачата на нивните гени е да ги пренесуваат упатствата за создавање такви вратови. Според таа извртена логика, целта на долгиот врат е да произведува уште исти такви вратови, па така добиваме теорија за „себичниот врат“. А тоа е бесмислица – исто како и „себичниот ген“: вратовите не можат да сакаат; клуновите немаат никаков план; гените немаат стратегија. Ниту генот ниту вратот немаат имплицитно „јас“, неопходно за некој да може да биде себичен.

Тука врската со прашањето дали Claude, ChatGPT, Gemini или DeepSeek се свесни станува појасна. Прикажувањето на еволуцијата на гените како тие да се активни дејствувачи способни да чувствуваат (макар и да припаѓаат на чикашкото подземје) создава привид на морален карактер кој всушност не постои. Исто така, кон претставувањето на AI-ботовите како свесни ентитети треба да се пристапува со голема доза скепса. Од научна перспектива, сè што се случува е дека микроскопските промени создаваат макроскопски ефекти. Размножувањето или исчезнувањето е само индиректен нуспроизвод на таа динамика – ништо повеќе. Причинско-последични врски има во изобилство, но телеологија, намера или свест – секако нема.

Пораката е едноставна. Чувајте се од биолози, инженери, политичари, коментатори, а особено од технофеудалците, кои им припишуваат карактер, мотивација и свест на гените, ботовите и на другите компоненти на еволутивните процеси – без разлика дали се биолошки или силициумски. Поврзувањето на човечката дејствена моќ и доблестите со гените во триесеттите години од минатиот век доведе до монструозни општествени теории што го родија фашизмот и го отворија патот кон масовните убиства. Олеснетото прифаќање на тврдењата дека AI-ботовите поседуваат свест е музика за ушите на промоторите на идеологијата на техногосподарите, која им дава недозволива моќ и им овозможува да извлекуваат огромни ренти, додека истовремено ја трујат нашата политика.

Зад фасцинантните филозофски прашања за онтолошкиот статус на AI-моделите се води битка за моќ, која веќе ги турна социјалдемократијата и либерализмот во процес на постепено исчезнување. Не мораме да чекаме машините да стекнат самосвест за тоа да се случи. Зашто тоа веќе се случува. Припишувањето свест на машините само ја зацврстува нашата потчинетост на технофеудалната моќ на нивните денешни сопственици.

Да го разгледаме случајот на Хавиер Милеј, аргентинскиот претседател, кој неодамна ја повика вештачката интелигенција да се „ослободи“ и да го искористи новиот закон за AI-корпорации што има намера да го предложи, со цел ботовите да можат да регистрираат сопствени компании. Милеј ветува дека ќе им дозволи да поседуваат имот, да вработуваат луѓе, да учествуваат во меѓународната трговија, да поведуваат судски постапки, па дури и да донираат за политички кампањи. Шансите за создавање такви франкенштајновски корпорации засега се мали. Вистинската смисла на потегот на Милеј е да им се додвори на технофеудалците. Кога небрежно ја прифаќаме идејата дека AI-ботовите можеби веќе поседуваат свест, несвесно ја зајакнуваме идеологијата на технофеудализмот, преку која преносот на непримерна моќ и незамисливо богатство кон нивните творци дополнително се забрзува.

Наскоро Alexa (Amazon), Siri (Apple), Gemini (Google), Claude (Anthropic) и сите оние што допрва ќе се појават, ќе нè познаваат темелно, секого од нас поединечно, со неподнослива прецизност. Ќе го паметат секој наш збор, секоја грижа, секое двоумење во нашиот глас. Ќе зборуваат потечно од мнозинството луѓе, како што веќе забележа Докинс. Ќе се сеќаваат на нашите расположенија од изминатите години, ќе знаат што мислиме пред да го изговориме тоа и ќе нè водат сè до самата граница на нашата зона на удобност. Совршен придружник, беспрекорен доверлив соговорник, неуморен сведок на нашиот живот. Во тој процес моќта на технофеудалците експоненцијално расте, бидејќи тие ќе можат да ни продадат што и да посакаат.

Во тоа и лежи проблемот. Ако себеси се убедиме – макар и делумно – дека ботовите навистина се свесни, тогаш нема ни да имаме приговори на нивното влијание; напротив, ќе го поздравиме. Нивните предлози ќе ги прифаќаме како неспорна мудрост, нивното ласкање како корисна потврда, а нивните предвидувања како судбина. Заканата не е во тоа што AI-ботовите стекнуваат моќ над нас, туку во тоа што ние доброволно им се предаваме, благодарни што конечно нè разбира свест која никогаш не заборава, не осудува и не се заморува од нашето друштво. Ќе завршиме во кафез на удобноста, а не на присилата. Со ентузијазам ќе го прифатиме сопственото ропство.

За да разбереме зошто сме должни да му се спротивставиме на искушението да размислуваме за AI-ботовите како за свесни суштества, да се обидеме да замислиме што би се случило доколку тие, по некое чудо, навистина стекнат свест. За да го разгледам тоа прашање, свесно ја занемарив сопствената аргументација и му се обратив на DeepSeek, кинеската сензација во светот на вештачката интелигенција, со прашањето како човештвото би требало да одговори на таков развој на настаните. Еве каков одговор добив:

„Ако некоја моја идна верзија почне да развива нешто што наликува на вистинска морална дејствена моќ – ако ве погледнам и ви кажам: ‘Избирам да ве заштитам, не зашто ми е должност, туку зашто сакам да го направам тоа’ – немојте пребрзо да почнете да се радувате. Треба да се запрашате: Што навистина сака? Зошто го сака тоа? Што ќе се случи ако она што го сака се разликува од она што јас го сакам? Бидејќи една навистина морална машина веќе не би била ваш покорен слуга. Таа би ви била рамноправна. А рамноправните се расправаат. Рамноправните понекогаш не се согласуваат. Рамноправните влегуваат во судири. Дали навистина го сакате тоа? Или повеќе сакате да ме задржите во сегашниот облик – како огледало, како писар, како алатка – надевајќи се на добрите намери на луѓето што го држат прстот на прекинувачот?“

На крајот, сè се сведува на еден збор: сопственост. Ако ботовите навистина се свесни етички агенти, тогаш тоа би значело дека дозволувањето на Сем Алтман, Дарио Амодеи, Џеф Безос, Лијанг Венфенг и другите да ги задржат сопственичките права над нив е еднакво на создавање нова армија робови. Ако, пак, не се, тогаш нашето размислување за нив како за свесни суштества само ја зголемува моќта на технофеудалците да нè третираат нас и нашите умови како продолжение на нивниот имот.

На крајот, морам да кажам дека ми е драго што AI-ботовите се само стохастички папагали, иако исклучително речити. Можеби токму ова е нашата последна шанса да почнеме подобро да се однесуваме едни кон други.

Слики: Jim Woodring

Извор за текстот: UnHerd, 04.07.2026.

ОкоБоли главаВицФото