Советската иконографија и наоружаните автопортрети на Александар Лобанов

23.07.2026 13:16
Советската иконографија и наоружаните автопортрети на Александар Павлович Лобанов

 

Александар Павлович Лобанов е роден на 30 август 1924 година во Молога, град во Јарославската област, околу 200 километри североисточно д Москва, на притока на реката Волга. Подоцна Молога целосно исчезнала под водите на Рибинското езеро, создадено при изградбата на голема советска хидроцентрала. Семејството на Александар било принудно преселено во Јарослав, што претставувало уште една голема траума во неговиот живот.

Во детството, по менингитисот, останал глув и нем, а образованието во специјализирано училиште за глуви било прекинато поради преселбата. Некое време работел како чирак во фабрика, но по смртта на татко му и поради сè потешките психички проблеми во 1947 г. бил сместен во психијатриска болница.

Иако бил затворен, Александар Лобанов воспоставил пријателство со еден вработен во установата – возач на камион, со кого ја делел страста кон ловот. Во негово друштво одел во продавници за играчки и галантерија, каде што набавувал разни предмети. Наместо да ги користи според нивната првична намена, ги преобразувал во хералдички обележја и украси што ги носел на реверот од својата јакна.



Додека престојувал во болницата во Афонино, под водство на психијатарот Владимир Гаврилов, кој ги застапувал идеите на арт-терапија, Лобанов почнал да црта. На почетокот отфрленоста од најблиските и присилната изолација претставувале тежок удар за неговата нарушена психичка состојба. Со години протестирал, испуштајќи продорни крици и покажувајќи агресивно однесување кон околината. Но цртањето донело позитивна промена, претворајќи го дотогаш немирниот и често агресивен пациент во тивок и речиси комуникативен уметник.

Десетина години подоцна Лобанов почнал да создава композиции во гваш, со моливи во боја или хемиско пенкало, најчесто на задната страна од плакатите од времето на Студената војна. Најнапред исцртувал рамка на листот, која понекогаш ја исполнувал со декоративни елементи или со натписи на кирилица. Просторот што однапред го определувал бил наменет за портрети на политички личности, автопортрети и сцени од лов, во кои изобилуваат огнени оружја: пушки, пиштоли, револвери и бајонети прикажани едни крај други вознемирувачки реалистично. Издигнати до ранг на икони, тие се умножуваат низ цртежот, создавајќи вртоглаво чувство на длабочина.



Најчесто Александар се прикажувал себеси, револуционерните херои и Сталин. Особено внимание им посветувал на деталите. Неговите автопортрети не се реалистични, туку се своевидна себемитологизација. Се прикажувал како херој, ловец, војник или револуционер, често во фронтална поза, со ордени, знамиња и оружје. Историчарите на уметноста сметаат дека така си создавал идентитет и достоинство што реалниот живот му ги одзел.

Најпрепознатлив мотив е неговата фантастична двоцевна пушка „Мосин“, оружје што го измислил. Таа станала негов личен симбол. Овој мотив е поврзан со тоа што за време на војната војниците, на шега, му ветиле дека ќе му дадат пушка. Истражувачите овој мотив го толкуваат како комбинација од машка моќ, заштита, советска хероика и исполнување на детска фантазија.

Во 1970-тите Лобанов почнал да работи и со фотографија. Сам изработувал картонски пушки, медали, амблеми и украси, а потоа се фотографирал во внимателно режирани сцени. Денес овие фотографии се сметаат за еднакво значајни како и неговите цртежи.



Лобанов е автор на повеќе од 300 цртежи и над 500 фотографски автопортрети и колажи. Неговите композиции се симетрични, прецизни и дисциплинирани. Речиси секое дело функционира како внимателно конструиран автопортрет во кој тој се претставува како достоинствен, моќен и непобедлив човек – спротивност на неговата реална животна положба како глувонем пациент кој поминал повеќе од половина век во психијатриска болница.

Психијатарот Владимир Гаврилов бил меѓу првите во СССР што сериозно ја сфатиле уметноста на психијатриските пациенти. Со негова помош делата на Лобанов почнале да се изложуваат. Францускиот колекционер и режисер Бруно Дешарм подоцна ги претставил и пред западната публика, а во 2001 година бил снимен документарниот филм Alexandre Pavlovitch Lobanov.

Делата на Лобанов се наоѓаат во некои од најважните светски колекции на Art Brut, меѓу кои и Collection de l'Art Brut во Лозана, како и во неколку француски, швајцарски и руски музеи и приватни колекции.

А. П. Лобанов починал на 22 април 2003 година и е погребан на гробиштата Чурилковско, во Јарослав.

Во продолжение пренесуваме дваесетина слики од можеби најпознатиот советски маргинален уметник во 20-иот век.


 

Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.

Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.

ОкоБоли главаВицФото