Љубовта и тагата во парадоксалниот свет на Ангела Далингер

24.07.2026 11:50
Љубовта и тагата во парадоксалниот свет на Ангела Далингер

Овде ѕиркаме во домашното студио на Ангела, на село, каде што живее, работи и ги создава своите неверојатно уникатни форми на креативен израз.

Отсекогаш сум бил голем обожавател на твојата работа зашто имаш способност да претставиш сложени, смели и хумористични концепти преку чистата, детска природа на твоите илустрации, кои сепак имаат јасна тензија. Како дојде до твојот особен стил?

Ти благодарам многу! Всушност, ми требаше време да го развијам стилот. Отсекогаш сум се трудела никого да не копирам и, иако студирав илустрација, испробував многу различни работи како колажи или пореалистични дела. Мојот стил на сликање се разви откако ги завршив студиите; бев среќна што конечно добив време за работите и проектите што навистина сакав да ги правам. Отсекогаш сум ја сакала наивната уметност и нејзината автентичност, па се обидов да ја пронајдам сопствената наивност. Престанав да се оптоварувам со правилна анатомија или перспектива, а тоа може да го направи сликањето многу порадосно. За мене добрата слика е создадена заради самото создавање и за изразување на себеси, а не за да изгледа ‘уметнички’ или убаво без никаква индивидуалност.

Многу од твоите храбри и остри дела делуваат искрено и самоуверено. Дали и во секојдневниот живот се чувствуваш така или ти е полесно да ги изразуваш своите ставови преку уметноста?

Воопшто не сум самоуверена личност, но на некој начин можам компулсивно да бидам искрена — повеќе преку тоа што сум искрена со самата себе отколку со тоа директно да им го кажувам своето мислење на луѓето в лице. Но сакам тоа да го исфрлам преку моите слики. Има многу дволични луѓе таму надвор.

Неколку теми силно се издвојуваат во твојата работа, меѓу кои се врските, изолацијата, неуспехот и сексизмот. Колку од тоа доаѓа од личното искуство?

Може многу да се научи од личниот неуспех, а тагата отсекогаш ми била инспирација. Всушност, мислам дека нема подобра инспирација — освен можеби љубовта. Но тоа би создало помалку интересни слики, барем за мојот вкус.

Ги обожавам сцените што ги поставуваш во интимни простори: спални соби, дневни соби и слично. Дали имаш конкретна приказна во глава за тоа што се случува или ти се допаѓа што луѓето сами си го толкуваат делото?

Јас имам сопствена нарација и интерпретација, но исто така сакам да оставам простор и за другите. За мене најдобар резултат од едно дело би бил ако ги натера луѓето да размислуваат за ликовите и што можеби ги довело во таа ситуација.

Некои од твоите дела прикажуваат жени во компромитирачки ситуации (на пример, жена што врши нужда во када!). Какви се твоите ставови за жените во уметноста и за женственоста?

Не би се сметала себеси за феминистка и повеќе сакам да се гледам како човек отколку како жена. Маж или жена — или си ова или она, а јас повеќе би сакала да бидам некаде помеѓу, иако сум целосно хетеросексуална. Причината зошто понекогаш ги ставам жените (и мажите) во вакви ситуации е тоа што навистина ме нервираат тие совршени picture-perfect луѓе што ги гледаме насекаде низ медиумите. Се обидувам малку да ја израмнам таа слика.

Секој уметник се развива со текот на времето. Колку се поврзуваш со твоите рани дела?

Понекогаш не можам да се поврзам ни со делото што сум го направила пред една недела. Воопшто не ми се допаѓа цртежот со цвеќиња што го направив пред околу три години. Мислам дека е само декоративна бесмислица.

Уште работиш на стриповите „Werewurf“?

Да, Werewurf. Сè уште ми се допаѓа ликот. Тоа е комбинација од зборовите were и maulwurf, што на германски значи крт. Веќе некое време не сум работела на тие стрипови, но уште сакам да направам книга од нив. Мислам дека сум завршила можеби половина.

Како се чувствуваш кога поставуваш изложба? Дали уживаш да комуницираш со луѓето што доаѓаат да ја видат твојата работа? Те исцрпува тоа? Те прави нервозна?

Да, секогаш сум нервозна и срамежлива. Никогаш не знам што да кажам кога луѓето ми даваат комплименти. Најчесто многу се опивам. Но она што е навистина прекрасно е што тоа ми дава можност да посетувам странски земји и да видам како живеат луѓето таму. Често спијам во домот на сопственикот на галеријата. Досега сум била четири пати во Шпанија и навистина ми се допаѓаат луѓето таму. Толку се различни од луѓето во Германија, што е навистина освежувачки. И Португалија е одлична.

Колку од твоето време оди на работа за клиенти, наспроти работата на твоите слики и продавање на делата?

„Немам многу клиенти и најчесто сум премногу мрзелива и незаинтересирана да сликам тоа што другите сакаат да го насликам. Се чувствувам исцрпено од самата помисла, уште пред некој да ме праша. Но она што навистина сакам да го правам се омоти за музички изданија — тоа отсекогаш ми бил сон. Најмногу време поминувам работејќи на личните дела, а нивната продажба не ми одзема толку многу време.“

Негде прочитав дека повеќе сакаш да живееш надвор од градската врева. Можеш ли да опишеш како изгледа твојот просечен ден дома?

Навистина уживам да живеам во село — мирно е и тивко, иако нема многу што да се прави освен да поминуваш време дома и да го правиш тоа што ќе ти падне на ум. Морам да признам дека најчесто тоа значи да поминувам премногу време на компјутер. Понекогаш одам на прошетка со моите мачки или читам во градината. Сакам да слушам музика, да гледам филмови и малку да играм кошарка. Вечерта и ноќта се резервирани за сликање. Јас сум ноќна личност и се обложувам дека има луѓе во ова мало место што никогаш не ме виделе во петте години откако живеам тука.

Го споделуваш својот процес преку Tumblr и Instagram. Колку уживаш да ги пушташ луѓето во твојот креативен процес?

Мислам дека е прекрасно да се гледа напредокот на една слика, зашто секој уметник работи различно. Исто така е добро да добиеш реакција кога не си сигурен во тоа на што работиш.

Голем дел од создавањето уметност е копнеж за поврзување со другите или за да бидеш разбран. Што сакаш луѓето да почувствуваат кога ќе ја погледнат твојата работа?

Да го отворат умот кон поинаква перспектива, да почнат повторно да размислуваат за работи за кои мислеле дека ги разбираат, да бидат вознемирени, заинтересирани.

Од каде црпиш инспирација? Музика, природа, пријатели, книги…?

Сакам да гледам и читам за вистински криминални случаи. Исто така, книги, музика или соништа можат да ми бидат инспирација. Но најчесто инспирацијата доаѓа едноставно од мојот ум, додека размислувам за работи што сум ги искусила… и за чудното однесување на луѓето. Многу често започнувам слики спонтано и само ѝ дозволувам на работата сама да тече.

Слики: Ангела Далингер

Извор: Inside The Paradoxical World Of Angela Dalinger

Подготвил: Тим Дисензус