1018 hPa
72 %
13 °C
Скопје - Нед, 16.08.2026 06:21

Ален Бадју
21 ТЕЗА ЗА СРЕЌАТА
Среќата е непогрешлив знак на секој пристап кон вистините.
Блаженството не е награда за доблеста, туку самото е доблест.
Среќата е афирмативно искуство на едно суспендирање на конечноста.
Среќата е афект на вистинскиот живот.
Вистинската среќа е субјективна фигура на Отвореното.
Вистинската среќа е афект на демократијата.
Реалната среќа е уживањето во нови облици на живот.
Секоја вистинска среќа претпоставува ослободување на времето.
Постои среќа само за оној дел од поединецот што прифаќа да стане Субјект.
Да се чекори под команда на една вистинска Идеја нè упатува кон среќата.
Секоја вистинска среќа се случува при случајна средба; не постои никаква нужност човек да биде среќен.
Одредена мера на очај е услов за вистинска среќа.
Афектот на дејствување на Субјектот — било да е тоа политички ентузијазам, научно блаженство, естетско задоволство или љубовна радост — секогаш е она што, независно од секое задоволување на потребите, го заслужува името „среќа“.
Среќата секогаш е уживање во невозможното.
Секоја вистинска среќа е верност.
Среќата е доаѓање, во поединецот, на Субјектот што тој открива дека може да стане.
Среќата е афект на Субјектот како иманентен исклучок.
Вистинската суштина на слободата, суштинскиот услов за вистинска среќа, е дисциплината.
Секоја среќа е победа над конечноста.
Секоја среќа е конечно уживање во бесконечното.
Секоја среќа е, во извесна смисла, добиена со силата на сакањето.
.jpg)
Владимир Тасиќ
ЗБОРУВАЈ МИ ЗА СРЕЌАТА
1а. Да се затворат очите пред (крвавите) дамки на историјата и тие да се заменат со фантазијата за уживање во одење по друг пат, метафизички, кој води кон плато(н) и беспрекорен поглед врз градот како чиста форма? Или: мигот на среќата е знак дека вистината е во градот, местото на можните средби; до неа се стигнува по едно од многуте скалишта, во самрак, „додека насекаде околу него лаеја кучиња“.
1б. Среќата не е миг, не е искра на „бескрајната среќа“, туку процес, работа, вложување во процедурата на (некоја) вистина; не е негација на физиката, на историјата, не е фантазија за совршена мрежа против комарци, туку доследно промислување на вистините на кои укажуваат настаните и средбите.
2а. Среќата на играчот е во истрајноста и посветеноста на играта: ако Меси е уметник, тоа е неговата вистина. Блаженството (beatitudo на Спиноза) е во самата игра, а не во постигнатиот гол; голот припаѓа на доменот на задоволството.
2б. Метафизиката на вистинската среќа, меѓутоа, бара сложен теориски апарат. Во Логиките на световите генијалноста на Меси би била опишана како генијалност на трансценденталниот функтор. Веројатно токму поради тоа бразилскиот репрезентативец Сократес Бразилеиро Сампајо де Соуза Виеира де Оливеира – накусо, Сократес – како да докторирал филозофија, наместо медицина.
3а. Хајдегер во селските чевли што Ван Гог ги купил на битпазар гледа антиметафизика на почвата; Шапиро му држи лекција на Хајдегер, а Дерида плете za врвките, ја дере кожата на шилец и, накусо, гланца.
3б. Метафизиката на стварната среќа (во конечно време) е процес што на конечното битие му дозволува (во конечно време) свесно и активно да учествува во бесконечниот процес на вистината и на тој начин (кој допрва треба теориски да се разјасни, во најавената нова книга) да ја искуси бесконечноста (суспендирајќи ја конечноста, во конечното време).
4а. „За среќа се потребни двајца.“
4б. Афектот на љубовната радост е процес на истражување на вистината на средбата, кој од два елемента може (но не мора) да создаде несведливо двојство: „интимно искуство на разликата и на нејзината магична моќ кога се минува низ свет ослободен од осаменоста“. Дијалектички гледано, нели.
5а. Редовната столица како антиметафизичка фигура за доволно среќа.
5б. Изгледа дека, сепак, за среќа не се потребни двајца? (Сомнежи, двоумења…)
.jpg)
6а. Нејзината несреќа е мистерија: зошто е несреќна?
6б. Нејзината желба е револуционерна, желба за демократско споделување на смислата. Маиците добро се продаваат, но пазарот не може да се поистовети со демократијата.
7а. „Секој постмодернист, всушност, е среќен човек.“ Всушност.
7б. Ако се земе предвид ставот 5а, од 7а не следува дека секој постмодернист има редовна столица.
8а. Нејзината идеја за слободата: непопречена потрошувачка на културната стока.
8б. Неговата идеја за љубовта: „Стани како мене, па ќе ја прифатам твојата различност.“
9а. Фрагментарност: „Можам некого да сакам само со еден дел од својот субјект; остатокот, другите делови, си живеат некаков свој живот и воопшто не им е грижа за тој вљубен дел што завива како мачка што се пари.“
9б.
1. Субјектот не е сопственост на поединецот што владее или не владее со деловите на „својот“ субјект. Субјектот е процес на истражување на вистината. Поединецот може да се вложи во таков процес, или во повеќе такви процеси, и затоа може да биде дел од различни субјекти – субјект на љубовта и субјект на уметноста.
2. Понекогаш доаѓа до краток спој, како во расказот на Дејвид Фостер Волас, во кој јунакот доживува оргазам викајќи: „Победа на силите на демократската слобода!
ПОБЕДА…!“
10а. Пробисвети го сопнаа Филип додека чекореше под императивот на идејата; се најде на асфалтот, превртен на грб како кафкијански инсект. Немоќта на идејата, немоќта на филозофијата, таа старица на умирање?
10б. Не. Филип не е буба, иако за миг така се почувствувал. Не останал да лежи таму каде што писателот го оставил претскажувајќи дека продолжението на приказната е исполнето со сосема непотребно насилство. Не. Филип го читал Бекет: „Мора да продолжиш. Не можам да продолжам. Ќе продолжам.“ Станал и продолжил да чекори под императивот на вистинската Идеја. Да.
.jpg)
11а. Брборење, препирка, бучава на несреќните атоми. Девојчето знае дека треба да знае кои патишта треба да ги избегнува. Тоа е потребно, но не е доволно.
11б. Не постои никаква нужност човек да биде среќен. Среќата е втемелена во случајноста, во можноста што ја прави можна одлуката да истраеме во истражувањето на некоја вистина. Со други зборови, „секој е ковач на својата среќа“ не е вистина: не секој ја добива таа можност.
12а. Се вивна од отскочната штица до височина на која сам ќе може да одлучи за постоењето на вистинската и безусловна среќа, создадена пред сè за веселници како него.
12б. Среќата не е нужност (11б), нема метафизичка гаранција, значи: не може да биде без услови. Потребна ѝ е отскочна штица.
13а. Како (според метафизиката на вистинската среќа) да се разликува деструктивната еуфорија на нацистот од среќата на творечкиот занес? Незгодно прашање. На тој испит се паѓа, без право на поправен.
13б. Метафизиката на вистинската среќа се потпира врз рационалната метафизика на бесконечното, односно врз математиката, која е еден од условите за филозофија. Теоријата вели дека од тоа може да се изведе еден вид етика. Онтологијата на Битието и настанот не дозволува мислење на Апсолутно Едното (не е теологија), ја докажува невозможноста на тоталното знаење (не е тоталитаризам), ги прифаќа непотполноста и неисцрпноста на вистината (не е идеологија). Наспроти тоа, нацизмот се повикува на мрачните облици на филозофијата на конечноста, на поезијата на крвта и почвата, на тоталитетот и на конечните решенија.
14а. Сликата на момчето не е слика на невозможна ситуација.
14б. Среќата е уживање во невозможното; уживањето во невозможното не мора да биде среќа.
15а. Се обидува да ја убеди дека среќата е во верноста. Нека му е со среќа.
15б. Верноста е одлука: да се истрае, да се прифати ризикот од тој избор. Поточно, неограничена („бесконечна“) низа чинови на избор: настаните и средбите можат да ја променат логиката на ситуацијата и изискуваат нови одлуки.
.jpg)
16а. Гроздана е, се разбира, згодна. Илија е професор, средовечен.
16б. Илија, се разбира, би ја разбрал секоја нејзина порака. За тоа не им е потребна поновата европска филозофија.
17а. Бунт против идејата за промена, против смислата на каков било разговор за промена. Униформираните студенти се доволно среќни; нивното задоволство мора да се почитува, бидејќи тие се потрошувачи и како такви мора да се во право. Значи: разговорот за идејата за промена, која можеби би им овозможила и на другите да бидат среќни, не е интересна тема. Редукција на политичката сфера на сферата на личното. Доба на емотивистичката „поствистина“. Видете: Х. Г. Франкфурт, За срањето (On Bullshit).
17б. На формирањето на субјектот на вистината му претходи нешто што доведува до промена во логиката на односите што го сочинуваат „светот“. Некој друг професор, кој исто така не можел да замисли средба со група студенти на кои сè им е тамам, во ќорсокакот би видел предизвик, можност да се посвети на истражување една нова вистина. Би го читал Жиру, Public Pedagogy and Manufactured Identities in the Age of Selfie Culture. Би открил дека не е сам, дека има сојузници, можеби на друг континент, можеби во друга дисциплина. И тоа, можеби, којзнае, би му го отворило патот кон среќата.
18а. Ќерката го отфрла толкувањето според кое среќата бара елемент на дисциплина. Нејзиниот отпор е разбирлив. Кој вели дека „дисциплина“ значи редење украсни чинии?
18б. Дисциплината не е педантерија и може да постои во привидот на неред. Пишувањето (на пример) бара дисциплина.
19а. Среќата, овојпат, е во мартини. Илузијата за божествен нектар.
19б. Меѓутоа, типот станува агресивен при самата помисла на мартини, кое наводно го прави среќен.
20а. Овде, изгледа, имаме работа со родова инверзија на поезијата на Оливер Мандиќ: “Molim te, ljubavi, pričaj mi o sreći… Ne budi dosadan, ne mogu stojeći.”
20б. Дијалектиката на „твојот крајно конечен пенис и мојата бесконечна вагина“: Торичелиевата труба има бесконечна површина, но конечен волумен. Меѓутоа, кај автоматот за наплата на паркинг, јунакот сфаќа дека во конечното време нема решение за онтолошкиот проблем на бесконечните гаќи.
21а. Госпоѓицата насетува и замислува, фантазира за сакањето, но не преминува на дело. И покрај бесконечната сложеност на корите за баклава, копнежот се обликува во портрет на дама на тросед, со боза.
21б. Писателот насетува дека тука не е крајот. Да се заврши со боза, во последниот расказ од збирката? Нема таква иронија... Нарацијата преминува во класичната форма на наравоучение: можеби ова е приказна за првиот чекор на госпоѓица Б. на патот кон среќата. Којзнае? На неа е да одлучи, да му се посвети на дејствувањето во согласност со својата одлука. Отворен крај. Да.
.jpg)
Превод: П. В.
Слики: Brian Kershisnik
Белешка за авторот
Владимир Тасиќ (Нови Сад, 1965) е српски математичар и писател. Докторирал математика во 1992 година во Канада, на Универзитетот во Манитоба (University of Manitoba), со дисертацијата Modular Dimension Subgroups. Предава на Универзитетот во Њу Бранзвик (University of New Brunswick).
Автор е на две книги раскази: Псеудологија фантастика (Матица српска, 1995) и Радоста на бродоломниците (Радост бродоломника, Светови, 1997), како и на книгата Математиката и корените на постмодерната мисла (Mathematics and the Roots of Postmodern Thought), објавена од Oxford University Press и Ediciones Colihue на англиски и шпански јазик во 2001 година.
Неговиот прв роман, Проштален дар (Опроштајни дар), во 2001 година беше прогласен за книга на годината со одлука на жирито на Радио Белград. Вториот роман на Тасиќ, Дожд и хартија (Киша и хартија), е добитник на НИН-овата награда за роман, како и на наградата „Златен сончоглед“ на книжевната фондација „Витал“ за 2004 година. Неговиот трет роман, Стаклен ѕид (Стаклени зид), е објавен во 2008 година.
.jpg)