Одисејата на Одисеј

27.07.2026 15:04
Одисејата на Одисеј


И оние што не знаат ништо за Одисеј знаат нешто сосем точно за неговата одисеја; дека тоа е некое долго патување со многу непредвидени случки што завршува поволно; или, со враќање дома. Оваа навидум популарна констатација го покажува степенот на важност и на стабилност на содржините што го имаат овие две појави во колективното паметење. Неговата осетливост во овој случај е насочена кон одисејата, кон настанот, кон долго патување со враќање, а не кон Одисеј, кон ликот за кој се врзува настанот. Вака поставената релација ја покажува насоката на идентификација меѓу двеве книжевни и културолошки појави. Имено, Одисеј се идентификува преку одисејата, ликот преку настанот; иако всушност токму ликот, т.е неговото име, го именува настанот. За ваквото емфатичко меморирање на еден од елементите најмногу придонела Хомеровата Одисеја, епот што ја раскажува одисејата на Одисеј. Можеби не помалку влијателна во обликувањето на помнењето е и поетолошката препорака на Аристотел која се темели токму на Хомеровата Одисеја како парадигма за добро составена фабула, при што се забележува дека таква е онаа фабула што се однесува на еден настан, а не на еден лик (Ar. Po. 1451a 22-29).

Хомеровата Одисеја е восхитувачки прецизно составен уметнички облик за книжевната традиција на која ѝ припаѓа (усната епска поезија) и збунувачки модерно организиран книжевен текст за времето кога се претпоставува дека е запишана (околу 8 век ст.е.). Овие очигледни и незаобиколни податоци на вековната рецепција на ова дело отворија низа прашања врзани за автентичноста на текстот, за авторството, за традицијата на ракописите. Овие прашања инспирираа обемни расправи во класичната филологија и во науката за книжевноста, отворија нови научни простори (Хомерското прашање), па и дисциплини. Конечните одговори не се дадени.



Еол му ги предава ветровите на Одисеј
– Исак Моајон, 1650-ти години

 

Мит

Во Одисеја Поетот собрал и уредил огромна митска граѓа. Оттаму овој еп, меѓу другото, е скапоцен извор за хеленската митологија. Наједноставната и најточната дефиниција на митот што ја препорачува етимологијата на неговото име (μῦθος, μυθέομαι) е дека тој е приказна, она што се кажува, раскажува, прераскажува. Тој е основниот протокнижевен облик од кој се составува книжевната порака во хеленската усна, анонимна и писмена авторска комуникација. Низ бројните свои книжевни манифестации митската приказна останала стабилен елемент на хеленската книжевност, но истовремено крајно нестабилна во однос на својата содржинска појавност. Митот се метаморфозирал и структурално, па од плазма, или материја податна за книжевно обликување во зрелaтa, класичнa доба на хеленската книжевност, тој станува автономен книжевен облик, или книжевно дело само по себе. Оваа суштинска позиција на митот како идентификувачки елемент на книжевниот облик Аристотел ја забележил во исказот: "Фабулата (митот, приказната) е основа и нешто како душа... (Ar. Po. 1450a 38)" и на друго место: "под фабула го разбирам составот на собитијата"( Ar. Po. 1450a 3-4)..."најважен од сите делови е составот на собитијата"( Ar. Po. 1450a 14-15) .

Во науката има бројни обиди за систематизирање на митските приказни, при што се применуваат најразлични критериуми. Според една прилично општа типологија која се темели на главниот структурирачки елемент во приказната, митовите се делат на митови на настани и митови на херои. Во првата група спаѓаат оние митови чија знаковна вредност ја одредува некој настан преку кој се дефинира и митската содржина на оние ликови, богови и херои, кои учествуваат во овој настан; тие како да немаат своја митска егзистенција назависно, надвор од овој настан, туку својот идентитет го добиваат токму преку тој настан. Другата група ја сочинуваат оние митови во кои носител на значењето е самиот митски лик кој со своите белези и особини ги бои, односно исполнува со значење настаните што ги раскажува митот. Одисеј и неговата одисеја не припаѓаат на ниту еден од овие два типа митови, поточно, и ликот и настанот ги интегрираат двата вида и заемно ја одредуваат нивната знаковна вредност. Настанот својата митска содржина ја организира околу ликот, што добива свој митолошки идентитет токму преку овој настан. Во таквата релација ниту еден од елементите нема доволно знаковна индивидуалност за да организира типолошки чиста митолошка структура. Секако, ова не значи дека долгото патување е единствената митолошка ситуација во која го сретнуваме Одисеј, ниту, пак, дека хеленската митологија не познава и други слични настани во кои учествуваат некои други ликови-патувачи. Па сепак, одисејата на Одисеј е оној настан што го стандардизира наративниот модел на овој тип приказни. На ваквата селективност на традицијата во голема мера влијаела селективноста на Поетот што од наследената митолошка плазма го составил епското дело Одисеја.

Одисеј и Полифем – Арнолд Беклин, 1896

 

Уметнички облик

Од аспект на историјата на книжевните појави се чини научно некоректен обидот да се расправа за интенциозноста на авторот на еден книжевен текст што има сосема нејасна провениенција. Овде нема да навлегуваме во огромната материја што ја обработува дисциплината посветена на авторството на Илијада и Одисеја, но ќе потсетиме на податоците што својата аргументативна вредност ја добиваат од самото дело. Според многу свои особености (митската граѓа, епските формули, постојаните епитети, споредбите) овие епови припаѓаат на усната кнжевна традиција. Може да се претпостави дека биле создавани и составувани како анонимни, народни, неавторски творби, што се чувале со усмено пренесување сѐ додека не биле запишани. Од друга страна, овие текстови покажуваат висок степен на организирана книжевна материја и единство на обликот. Ова второто е она што збунува, но и поттикнува на истражување на овој сложен систем од книжевни појави. Затоа, претходно поставеното прашање за интенциозноста на авторот, го заменуваме со прашање за творечката постапка на поетот.

Епскиот поет (а, претходно пеач), сосем спонтано ѝ се обраќал на митолошката традиција за да собере матерјал за составување на своето дело. Овој матерјал има свои посебни креативни способности. Имено, митот како граѓа претставува извесен книжевен полупроизвод, тој не е целосен книжевен облик, но содржи елементи важни за неговото составување. Во творечкиот процес, зависно од авторот, тој може да дејствува ограничувачки, или насочувачки во однос на содржината и на структурата на книжевното дело. Освен тоа, во митолошкото наследство тој ретко се среќава во неговата протосостојба, како чиста, или неутрална материја. Напротив, неговата манифестација во традицијата е извесна книжевна состојба. Ова значи дека во целина, или на рамниште на елементите тој е веќе претходно книжевно обработен. Кажано со Аристотеловска терминологија, митот во овој случај е извесно средство со кое се подражава стварноста за да се состави уметнички облик, но такво средство кое претставува производ на претходно, завршено подражавање на стварноста. Така епскиот поет може да користи готови книжевни облици (песни, приказни), што со, или без авторска интервенција ќе ги организира во единствен поетски облик. Во зависност од тоа на која од овие две творечки постапки ѝ се дава предност, има две концепции според кои се објаснува авторството на Илијада и на Одисеја. Според аналитичарите овие епови се композиција од завршени книжевни облици спонтано составени во анонимната, усна традиција. Според унитаристите, пак, во единството на овие дела јасно може да се препознае, или претпостави намерната интервенција на Поетот врз наследената митолошка граѓа. Прашањето за интенциозноста на авторот и задачата што тој си ја поставува со својот креативен подвиг сега само од себе се наметнува. Љубопитниот читател треба да му посвети внимание.

Интервенцијата на поетот врз наследената митолошка граѓа на рамниште на целината значи да се состави едно цело чија егзистенција ќе зависи подеднакво од присуството на секој од деловите (Ar. Po. 1451a 32-35). Ваква интегративност во книжевниот облик може да се постигне со избор на некој мотив што има способност да ја обликува митската плазма така што содржината на елементите ќе ги подреди на знаковноста на делото. Во Илијада таков обединувачки мотив е гневот на Ахил, а во Одисеја одисејата на Одисеј. Одисеја е, да потсетиме, настан што обединува две активности, долго патување и враќање дома. За да ја провериме и испитаме кнжевната вредност на овие појави и нивната творечка улога во составувањето на Одисеја, нашето внимание сега ќе го насочиме на самиот текст на делото, што во оваа пригода со задоволство и со радост го читаме во превод на проф. Михаил Д. Петрушевски.

Кражбата на добитокот на Хелиј – Пелегрино Тибалди, 1550–1551, Музеј на Палацо Поџи, Болоња

 

Краток преглед на содржината на епот

Текстот на Одисеја е составен од дваесет и четири пеења, онака како што го приредиле александриските филолози во хеленистичко време.

Епот започнува со очекуваната инвокација, обраќање на поетот до Муза, божицата што може да ја оплоди неговата душа и да го подготви за раѓање Песна. Оваа воведна комуникација исполнува многу важна структурирачка задача и ја најавува фабулата. Сега да ги разгледаме содржините на епот според оној редослед што го направил Поетот, или според хронологијата на делото. Одисеј е на островот Огигија кај нимфата Калипсо. Боговите заседаваат во отсуство на Посејдон и на барање на Атена решаваат Одисеј да се врати дома. Престорена во Ментор Атена оди кај Телемах и го советува да ги посети Нестор во Пилос и Менелај во Спарта за да ги распраша за својот татко. (1) Телемах го свикува собранието на Итачаните, се жали на однесувањето на просците што го арчат имотот на неговиот татко и ги известува дека ќе отплови од Итака за да разбере нешто за Одисеј. Телемах не ја добива бараната поддршка, но добива помош од Атена-Ментор и заминува за Пилос. (2) Таму се сретнува со Нестор кој нема што да му каже за Одисеј, па го испраќа кај Менелај. (3) Телемах е љубезно пречекан во Спарта од Менелај. Од него дознава дека, според кажувањата на Протеј, Одисеј е жив и затворен кај Калипсо (καλύπτω=покривам, сокривам). На Итака просците дознаваат за заминувањето на Телемах и му подготвуваат убиство.(4) Боговите заседаваат по втор пат. Зевс го испраќа Хермес кај Калипсо со барање да го пушти Одисеј да си замине дома. Одисеј си прави брод и заминува од Огигија. Неколку дена плови со поволни ветрови и кога е многу блиску до Итака неговиот кораб го здогледува Посејдон и го разбива во страшна бура. Одисеј одвај се спасува и успева да доплива до брегот на островот Схерија. (5) Атена ја испраќа Навсикаја, ќерката на Алкиној што владее со Схерија, на брегот. Таму таа го сренува Одисеј и го поканува да биде гостин во дворецот на нејзиниот татко.(6) Одисеј е љубезно примен од Алкиној и од него моли кораб за да се врати дома.(7) Алкиној свикува собрание на кое е донесена одлука Одисеј да добие кораб за да се врати дома. Во чест на Гостинот приредена е гозба на која аојдот Демодок пее јуначки песни за настаните под Троја. (8) Одисеј го открива својот идентитет и на барање на домаќините раскажува за своите талкања на патот од Троја кон Итака. Раскажува за Киконците, Лотофазите, Киклопите. (9) Натаму за богот на ветровите, Ајол, за Лестригонците и за маѓепсницата Кирка. (10) Раскажува за неговото слегување во Адот и средбите со својата мајка и некои ахејски јунаци со кои заедно војувал под Троја. (11) Потоа раскажува за Сирените, за Скила и Харибда, за говедата на Хелиос и пристигнувањето кај Калипсо. (12) Обдарен богато со дарови Одисеј заминува од Схерија и пристигнува на Итака. Атена го престорува во питач. (13) Така престорен Одисеј оди кај свињарот Евмеј и таму ја поминува ноќта. (14) Телемах е сѐ уште во Спарта. Атена го потсетува да се врати на Итака, да појде кај Евмеј и да внимава на заседата што му ја подготвуваат просците. Телемах заминува од Спарта, кратко се задржува кај Пилос и продолжува кон Итака.(15) Утрото пристигнува на островот и веднаш оди кај Евмеј. Таму го наоѓа Одисеј кој му се открива и заедо се договараат како да се ослободат од заложништвото на просците. (16) Одисеј престорен како питач се појавува меѓу просците. (17) Таму се бори со питачот Ир. (18) Вечерта, Одисеј и Телемах помогнати од Атена го изнесуваат оружјето од салата. Пенелопа го распрашува дојденецот за својот сопруг, а тој претставувајќи се како да е од Крит, ѝ кажува за средбата со Одисеј и го предвидува неговото скорешно враќање. Дадилката Евриклија го препознава Одисеј според лузната додека му ги мие нозете. (19) Просците се откажуваат од спроведување на заговорот против Телемах, поради лошиот знак. (20) Пенелопа организира натпревар со лакот на Одисеј. Никој од просците не успева да ја провне стрелата низ ушите на дванаесет секири. Одисеј успешно ја исполнува задачата. (21) Потоа лакот го насочува кон просците и го открива својот идентитет. Во одмаздата му помагаат Телемах, Евмеј и Филетиј. (22) Одисеј ја убедува Пенелопа во веродостојноста на својот идентитет. (23) Душите на убиените просци слегуваат во Адот. Одисеј се сретнува со својот татко. Атена го смирува бунтот на родителите на убиените просци. (24)

Меѓу Скила и Харибда – Адолф Хиреми-Хиршл, 1910

 

***

Ако фрлиме сумарен поглед врз фабулата, или надворешната структура на епот, можеме да уочиме два вида на содржини групирани околу две појави, двата елементи на одисејата, патувањето и враќањето. На рамниште на внатрешната структура на делото тие имаат функција на мотиви што ја организираат книжевната материја. Во просторната схема на епот овие содржини оградуваат различен книжевен простор; враќањето од 1. до 7. пеење и од 12. до 24. пеење, а патувањето од 8. до 11. пеење. Враќањето како мотив, значи, ги интегрира сите содржини на епот што се однесуваат на разни настани поврзани со одобрувањето од страна на боговите, подготвувањето и остварувањето на враќањето на Одисеј на Итака, вклучително и сите оние настани што треба да го потврдат неговиот идентитет по пристигнувањето на Итака, или целосно да го „вратат“ дома, меѓу неговите блиски (Пенелопа, Телемах, Евриклија, Евмел). Патувањето, пак, е другиот, доминантен елемент на одисејата, што како мотив ги организира содржините на долгото, полно со непредвидени настани, патување на Одисеј од Троја кон Итака. Содржините на враќањето (1-7 и 12-24) во композициската схема на Одисеја го заобиколуваат, или оградуваат патувањето (8-11) при што јасно се покажува кружната композиција на епот. Епот започнува на Итака со средбата на Телемах и Атена, со поттикот да се преземе дејство, да се инспирира враќањето на јунакот што речиси заборавен со години седи кај Калипсо. Епот завршува на Итака со оствареното, или довршено враќање на јунакот. На повеќе рамништа, во однос на повеќе елементи може да се согледа повторена, или потврдена знаковноста на книжевните појави од почетокот и од крајот на делото. Кружната композиција е еден од најраспространетите модели на авторска наративна презентација на книжевната граѓа. Вака составеното дело сведочи не само за присуство на автор, туку и за освестен однос кон, во овој случај, митолошкото наследство и вештина во составувањето на поетската целост.

Митолошката граѓа, бидејќи е наследство од една усмена традиција што подразбира динамичен творечки процес недетерминиран од време и простор, се одликува со слоевитост која сведочи за различните хронолошки степени на нејзиното фиксирање и различните културолошки влијанија врз нејзините содржини. Книжевните содржини во Одисеја фокусирани околу мотивот на враќање и мотивот на патување не се најдени во ист слој од митолошката маса, ниту се производ на идентчна обликувачка постапка. Патувањето за кое раскажува Одисеј на гозбата кај кралот Алкиној (8-11) е составено од бројни епизоди што Поетот ги нашол во митолошкото складиште и тоа во подлабоките слоеви. За нивната древност, за нивната близина до исконското, за нивната недопреност од книжевна интервенција сведочи бајковноста, натприродното, маѓепсништвото. Овие куси наративни целини надвор од телото на Одисеја можат да функционираат како независни книжевни облици. Можеме да претпоставиме дека нивната преткнижевна, митолошка состојба, бил еден токму ваков автономен облик кој ја има потребната структурна толерантност и еластичност за да влегува и да се вградува во подолги низи, или посложени системи. Овие епизоди во просторот на Одисеја влегуваат како наратолошка низа што ја ниже, што ја составува ликот Одисеј. Во традицијата тие можат да имаат, или имале други и различни протагонисти.


Одисеј и Наусикаја – Жан Вебер, 1888

 

Линеарната композиција, или паратаксичкото подредување на книжевните елементи, е примарна постапка на составување епски облик. Деловите се нижат според некаква причинско-последична законитост концепциски диктирана (на пр. генеалошка низа, космогонија, теогонија, верски календар), но немаат обврска да состават целина во која нивното присуство ќе биде неизоставно. Ваквите низи можат да започнат од каде било, а завршуваат насилно, оти нивната конечност, ако ја има, најчесто ги надминува рамките на еден реален книжевен обем. Во Одисеја Поетот во низа ги организира патувачките епизоди на Одисеј и со тоа демонстрира извесна археологија и на митската граѓа и на нејзината книжевна обработка. Имено, бројните епизоди од патувањето што авторот ги наоѓа слободни во митолошкото наследство, тој ги поврзува во наратолошка низа со воведување на интегрирачкиот лик на Одисеј што се сретнува како носител на дејството во сите наведени случки. На овој начин, со ваквата книжевна обработка се добива типолошки чист вид мит на настан, при што Одисеј го добива својот митолошки идентитет и наративна содржина единствено преку оваа низа необични случувања на неговото патување. Може да се претпостави дека ваквата „Одисеја во мало“, во однос на содржината сведена на талкањата на Одисеј, на неговото патување, била присутна во митолошката традиција пред да биде составена Хомеровата Одисеја. Ваквата претпоставка може да го објасни селективниот однос кон идентификувачките елементи на Одисеја, издвојувањето на настанот, помнењето на одисејата и на нејзините содржини, а не на ликот.

Другиот елемент на одисејата, враќањето, во книжевниот простор на епот влегува исто така од анонимната, предавторска традиција, но за разлика од патувањето тој се сретнува во нејзините помлади слоеви. Всушност, овој мотив на враќање на јунакот дома по долго отсуство бил книжевно многу присутен во епското усно творештво и се гледа во цела серија од песни. Песните во кои книжевно се обработува враќањето на некој ахајски јунак по завршувањето на Тројанската војна во преданието се паметат под збирен наслов Враќања. За нивната популарност сведоштво наоѓаме во текстот на Одисеја (1.326). Песната што ја пее Фемиј додека се гостат просците на Пенелопа во домот на Одисеј, не е само илустративна поддршка на амбиентот. Таа има и друга, структурирачка задача во целината на епот. Во конвенционалното обраќање на Поетот до Музата авторот ја најавува содржината на епот; овде тој го најавува обликот, типот песна што ќе ја состави. Песната се однесува на враќањето на Одисеј и за нејзино составување тој може да најде модел во усното епско творештво.

Одисеј и Пенелопа повторно обединети – Њуел Конверс Вајет, 1929

 

Ако ги примениме перцептивните стандарди на аналитичарите во толкувањето на Хомеровите дела, во Одисеја можеме да препознаеме состав од две песни, наследени од анонимната епска традиција, а тука во просторот на епот речиси механички здружени во една формална целина. Едната песна има линеарна композиција и претставува низа епизоди што го сочинуваат патувањето, лутањето на епскиот јунак (8-11). Во однос на митолошката граѓа и поетолошката постапка оваа песна е постара. Другата песна има кружна композиција и ги обединува настаните врзани за враќањето на епскиот јунак (1-7 и 12-24). Таа покажува поголема зрелост во книжевната обработка на елементите.

Но, ако погледнеме повнимателно во текстот, во ткаеното, јасно ќе го воочиме присуството на Поетот, неговата интервенција и интенциозност во односот кон наследената митолошка и книжевна преѓа. Нејзината недоработеност природно и разбирливо е присутна на некои места во еден вака сложен облик. Па сепак, тоа не ги прави невидливи фино предените нишки со кои Поетот ги составува деловите. Патувањето на Одисеј е ситуирано во самото средиште на епот, но не му е отстапен голем простор, само четири пеења од вкупно дваесет и четири. Ова згуснување на материјата има своја реторичка оправданост. Имено, линеарноста на епизодите што по својата наратолошка природа имаат широчина или бескрајност и треба да исполнат огромен епски простор, Поетот ја стеснува во затворена целина организирајќи ги содржините во еден минималистички облик на репортажа. Со тоа патувањето на Одисеј станува приказна во приказната за неговото враќање. Во таква книжевна состојба центрипеталноста на настаните врзани за враќањето на Одисеј на Итака може да ги интегрира епизодите од патувањето што по својата природа се одликуваат со сосем спротивен вид насоченост. Нивната центрифугалност го дисперзира јунакот низ непознатите простори на широкото и неистражено Море и го оддалечува од Итака. Враќањето на Одисеј има задача да ги собере растурените содржини и да ги сосредоточи на нивно стабилизирање во единствен книжевен облик со кружна композиција. Оваа композиција на Одисеја има своја ликовна стилизација во островот како топос на кој завршува одисејата на Одисеј.

Текстот е објавен во: Хомер, Одисеја. Од старогрчкиот оригинал превел и препеал Михаил Д. Петрушевски. Скопје, 2008. стр. 9-16 

Кирка му нуди чаша на Одисеј – Џон Вилијам Вотерхаус, 1891. 

Сликата најгоре: Тиресија му ја претскажува иднината на Одисеј – Хенри Фузели, околу 1800 година

Слични содржини

Јавни простори / Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Општество / Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија

ОкоБоли главаВицФото