1018 hPa
72 %
13 °C
Скопје - Нед, 16.08.2026 06:21

За книгата на Catherine Liu „Virtue Hoarders: The Case Against the Professional Managerial Class“ („Чуварите на доблеста: Случајот против професионално-менаџерската класа“).
Левата мисла, колку и повремено да залута и да западне во наивности, е поставена така што ги дава најпрецизните инструменти за разбирање на капитализмот, а одвреме-навреме во неа се појавува некој исклучително прониклив и брилијантен дијагностичар или дијагностичарка. Овојпат тоа е Кетрин Лиу и нејзиниот поглед кон современата левица, која како да е обликувана токму според сопствените интереси на неолибералниот поредок против кој би требало да се бори.
Зашто, кога денес ги слушаме политичките расправи, се добива впечаток дека општествените судири сè помалку се водат околу платите, становите, здравствената заштита или условите за работа, а сè повеќе околу чувствата, идентитетите и личните искуства. Токму таа промена американската теоретичарка Кетрин Лиу ја гледа како едно од клучните обележја на нашето време.
Лиу е професорка на Универзитетот во Калифорнија и авторка на книгата „Virtue Hoarders: The Case Against the Professional Managerial Class“. Таа смета дека значителен дел од современата левица го напуштил јазикот на солидарноста и колективната борба, а го прифатил јазикот на траумата и идентитетот. Кога таквата критика не е конзервативна, ниту доаѓа од политичката десница, туку произлегува од традицијата на марксистичката и класната анализа, инсистирајќи политиката повторно да се насочи кон прашањата на материјалната нееднаквост – тогаш вреди внимателно да се слуша.
Според Лиу, последниве децении се случи необична трансформација. Траумата – поим некогаш резервиран за војни, насилство, катастрофи и сериозни психолошки повреди – станала универзален јазик со кој се опишува речиси секое искуство на непријатност, исклученост или општествен судир. Така, наместо да биде само една од категориите за разбирање на човечкото искуство, траумата стана доминантната категорија.
.jpg)
Лиу не го негира постоењето на вистинското страдање – таа не го оспорува ни посттрауматското стресно нарушување (ПТСН), ниту последиците од злоупотребата, ниту психолошките рани што ги оставаат војните и сиромаштијата. Нејзината забелешка е насочена кон нешто друго: кон културниот и политичкиот систем во кој статусот жртва станува извор на морален авторитет.
Во такво опкружување, тврди Лиу, субјективното искуство често добива поголема тежина од објективната анализа на општествените односи. Политичката дебата лесно се претвора во натпревар на различни повредености. Прашањето веќе не е „како да се промени системот“ туку „чија болка е поголема и кому му припаѓа правото да зборува“. Последица е фрагментацијата. Наместо широки коалиции засновани врз заеднички интереси, се појавуваат мноштво групи кои ја нагласуваат сопствената посебност, а во таков контекст солидарноста отстапува место на меѓусебното споредување искуства.
Клучниот поим во нејзината работа е таканаречената професионално-менаџерска класа (Professional Managerial Class – PMC). Таа група ја сочинуваат припадници на образованата средна класа кои не се сопственици на капитал, но поседуваат културна моќ, престиж и влијание.
Лиу смета дека токму оваа општествена група го обликувала современиот прогресивен дискурс. Наместо да се занимава со економската прераспределба на богатството, таа сè повеќе се занимава со морално сигнализирање, „правилен“ јазик и јавно демонстрирање доблест (оттука и насловот на нејзината најпозната книга – „Virtue Hoarders“).
.jpg)
Според неа, дел од образованите елити го користат моралниот капитал на ист начин како што поранешните елити го користеле општествениот статус: припадноста кон „исправните“ ставови станува начин на издвојување од обичните луѓе. Политичкото дејствување се заменува со симболични гестови, а општествените промени – со културни перформанси.
И, како што реков, она што нејзините аргументи ги прави провокативни е тврдењето дека културата на траумата всушност му одговара на неолибералниот поредок што наводно го критикува. Додека луѓето се занимаваат со своите идентитети, емоционални рани и меѓусебно признавање, прашањата за сопственоста, експлоатацијата на трудот, растечката нееднаквост и концентрацијата на богатството остануваат во втор план.
Со други зборови, ако секој е повикан пред сè да ја истражува сопствената траума, помала е веројатноста дека ќе се организира против економските структури што создаваат несигурност и нееднаквост. Каква извонредна стратегија за пацификација на левицата.
Кетрин Лиу поставува прашање што е тешко да се игнорира: што се случува со политиката кога колективното дејствување ќе се замени со индивидуално искуство? Што се случува кога општествената промена се мери според степенот на емоционална валидација, а не според способноста да ги промени условите за живот на луѓето?
.jpg)
Во време кога сите зборуваат за себе, себе, себе – Лиу нè враќа, упорно и за многумина иритантно, кон прашањето за општеството. А тоа за многумина што денес се сметаат за левичари е непријатна позиција. Замислете некој да зборува за класната нееднаквост – каква простачка идеја! Оти најголемиот генератор и извор на страдање, гледано глобално, и понатаму е ОПШТЕСТВЕНАТА НЕЕДНАКВОСТ. Дури и оние што ја ставаат траумата во центарот, ако ја следат анализата до крај, веројатно повторно би стигнале до – општествената нееднаквост.
Она што мене особено ми е интересно е тоа што нејзината анализа не се однесува само на американската левица. Ако малку размислиме, можеме да препознаеме слични обрасци и во Србија, иако во нешто попрозаична форма: морализирање на политиката, натпревар во симболичка исправност, бескрајни расправи за разни споредни теми, додека прашањата за трудот, домувањето, платите, здравството или образованието остануваат во втор план. А капацитетот на едно општество да ги решава проблемите поврзани со трудот, домувањето, платите, здравството или образованието е обратно пропорционален со степенот на корупција во тоа општество.
И сите наши поделби го носат истиот незрел печат што нè спречува вистински да се занимаваме и со системот и со намалувањето на нееднаквоста како главен извор на страдање во општеството. Големата нееднаквост од древни времиња е последица на корупција и расипаност. И на негрижа за ранливите и сиромашните. Но на социјалните мрежи многу подобро изгледа да се извикуваат пароли и да се сигнализира сопствената доблест во сопствената трауматизирана ниша.
.jpg)
И да – јасно ми е зошто некој нема проблем тие луѓе да ги нарече „снегулки“, а нивните солзи – крокодилски. Оти меѓу нив нема ниту една мајка работничка што работи дванаесетчасовна смена и не може глава да крене; чии деца ги воспитува улицата зашто училишниот систем се распаднал; која нема каде да се лекува и, кога нешто не е во ред, ќе оди на преглед предоцна; која по цел ден е малтретирана од секого што ќе стигне. За приказните на таквите луѓе нема место, а токму тие луѓе биле столбот и силата на левицата низ нејзината историја.
Како дојде до овој циркус на трауматизирани „снегулки“ што се идентификуваат вака или онака, што се навредени од ова или од она – тоа навистина е тема за проучување. Затоа со нетрпение ја очекувам новата книга на другарката Лиу, „Traumatized: The New Politics of Public Suffering“.
Според достапните описи, книгата анализира како поимот траума се проширил многу подалеку од својата клиничка употреба; зошто јавната култура сè повеќе го вреднува статусот жртва; како страдањето станува облик на морален авторитет; и како фокусот врз психолошката повреденост ги потиснува прашањата за економската експлоатација и класните односи. Уште поинтересно, Лиу го анализира создавањето цела „индустрија на траумата“ во медиумите, издаваштвото, терапевтската култура и на социјалните мрежи.
.jpg)
Слики: Gérard DuBois
Подготвил: Тим Дисензус