1018 hPa
72 %
13 °C
Скопје - Нед, 16.08.2026 06:21

Историјата е она што нè одвојува од нас самите, што мораме да го пречекориме и низ што мораме да поминеме за да можеме да се мислиме самите себе.
Жил Делез
РЕЗИМЕ
Еден од поводите за овој текст е и одбележувањето на стогодишнината на македонската државност, Илинден. Токму снажното присуство во нашата јавност на настани и нарации од пред сто години е поттик повеќе да се размислува за отвореноста и затвореноста на историјата. Се разбира, посебен е аголот на кој му приоѓам на ова прашање кое во себе како да сосредоточува повеќе важни прашања кои ја допираат темата на нашата конференција: прашањата на историјата, на сеќавањето, на идентитетот итн. На пример, текстов, меѓу другото, зафаќајќи го проблемот на амнестијата, бегло се обидува да се соочи и со воената траума што ја доживеавме 2001 година.
Сепак, прашањата што овде се поставуваат се општи и теориски: Каков е нашиот однос кон минатото? Кој ја одредува историјата? Дали историјата е селективна хроника или непристрасен архив? Дали историјата служи исклучиво за да го поткрепи постоечкиот поредок на моќта или за да ја зацврсне кохезијата на заедницата? Итн.
На некој начин, текстов е обид да се помират индивидуалните и општествените психолошки потреби за анамнеза и амнезија, како и обид историјата да се мисли наместо да се претпоставува, како што вели Жан Лик Нанси. Една од моите тези која ја преземам од мошне интересниот концепт за „протетски сеќавања” на Алисон Ландсберг е дека сеќавањето (па во тој контекст и историјата сфатена како приказна) не е средство за затворање, не е стратегија за затворање или довршување на минатото; напротив, сеќавањето се јавува како творечка сила која нè бутка напред, а не назад. Но, за концептот на историјата/сеќавањето кој овде го застапувам, исто така е важна и димензијата на амнезијата, на заборавањето или бришењето, при што како посебно важна ја сметам метафората на Фројд за „волшебното блокче”.
Значи, низ воспоставувањето неколку напнати поларни парови: отворена историја затворена историја, протетски сеќавања „реални” сеќавања, природно (активно) помнење вештачко (пасивно) помнење, анамнетичка култура култура на амнезија, настани приповести итн., текстов се обидува да спружи пар кончиња низ компликуваниот лавиринт што се нарекува мислење на историјата или на помнењето. Структурата на текстов, повеќекратните резови, цитати, оддели, придонесува кон „лавиринтичноста” на темата и има функција да ги долови барем клучните врвици што капиларно се разлеваат низ просторот што ми е доделен, кого што всушност самиот го утврдувам и ѕидам, обидувајќи се едновремено да бидам и Дедал и Аријадна, така сфаќајќи ја и задачата на историчарот и на оној кој пишува (за историјата или за што било друго). Во случајов, историјата се разбира како текст, палимпсест, метафора, колаж, амнезија, анамнеза, анаформоза но во прв ред како отворен (како отровен) текст.
Но, пред да преминам во одделот што токму ја третира историјата како приповест и како артифициелно уредување, ќе кажам нешто повеќе за функцијата на историјата како опоменувач.
.jpg)
ИСТОРИЈАТА КАКО ОПОМЕНУВАЧ
Вистинската слика на минатото нечујно минува крај нас. Минатото може да се дофати само како слика која силно блеснува во моментот на сознанието и потоа се губи во неврат. ... Бидејќи со секоја сегашност во неврат може да исчезне сликата на минатото, во која таа не знаела да се препознае себеси.
Валтер Бенјамин, Историско-филозофски тези
Зборувајќи за историјата, значи, мислам и на она што се случувало вчера, на неодамнешните настани и приказни; тоа може да се нарече и современа историја, но овде се поставува ако зборуваме за историјата како амнезија/амнестија, како политички и морален проблем, со многу широки консеквенци.
Херодот историчарите ги сметал за чувари на сеќавањето, пред сè сеќавањето на славните дела. Сегашните историчари имаат малку покомплексна задача. Питер Берк, професор по културна историја во Кембриџ, смета дека историчарот треба да биде токму чувар на незгодните факти, чувар на костурот во орманот на општественото помнење.
„Некогаш во Англија постоеше службеник кој се нарекуваше Remembrancer, ‘опоменувач’, што всушност бил еуфемизам за втерувач на долгови; работата на тој службеник била да ги опоменува луѓето на она што посакуваат да го заборават. Една од најважните задачи на историчарот е да биде опоменувач”, вели Берк. Една од тие опоменувачки приказни е и првиот краток роман на Х. Џ. Велс, Времеплов, објавен 1895 година. Во него еден научник заминува во далечната иднина и таму запознава луѓе кои живеат рајски: во ведрина, безделништво, изобилие. Единствената забрана е излегувањето ноќе, бидејќи на нив тогаш демнат гнасните креатури од подземјето, далечните потомци на некогашната работничка класа. За сето тоа блажениот народ кој живее денски нема јасна претстава, бидејќи нема никакво сеќавање ниту на претходниот час, а камоли на далечното минато: неосетливи за страдањето на пријателот кој се дави, потполно незаинтересирани за странецот кој патува низ времето, овие луѓе живеат во потполна и колективна амнезија, а единственото чувство што го познаваат е стравот.
Уметноста, значи, покрај медиумите, историјата или политиката, служи да биде и опоменувач. Религијата исто така би требала да го негува отпорот спрема културната амнезија. Тој отпор меѓу другото нè учи историското сценарио да го посматраме со очите на неговите жртви, тој отпор нè учи да се сеќаваме и на туѓото а не само на сопственото страдање.
Значи, токму заради менталното и моралното здравје на заедницата, некој сепак треба да ја чува вистината за неугодните настани. „Злопамтилото” всушност е човек кој добро памти некој настан, но го памти по зло.
Иако често жигосано од заедницата која понекогаш наоѓа корист во заборавањето, „злопамтилото” има непроценливо важна функција во заедницата која всушност и се базира на сеќавањето. „Злопамтилото” можеби е последната брана пред можноста на еден орвелијански свет во кој на поданиците секојдневно им се перат мозоците и постојано им се сервираат сè нови и поинакви верзии на минатото.
.jpg)
ИСТОРИЈАТА КАКО ПРИПОВЕСТ
(МЕТАФОРА И АНАФОРМОЗА)
Токму прашањето за почетокот и востановувањето на историјата, за стапувањето во неа, би требало да го конституира јадрото на мислењето на историјата. Историцизмот, во начело, е начин на мислење кој претпоставува дека историјата секогаш е веќе започната и дека, оттаму, таа едноставно продолжува. Историцизмот ја претпоставува историјата, наместо да ја разбере како она за што би требало да се мисли.
Жан Лик Нанси, Finite Historѕ
Зборувајќи за историјата, значи, зборуваме за приказна, приповест, артифициелно уредување на знаењето за минатото. Според Харалд Вајнрих, „современиците историјата не ја разбираат како настан(и) или како случување. Настанот всушност настанува подоцна, со раскажувањето, а раскажувачот му дава одреден смисловен потенцијал, кој со понатамошното раскажување и прераскажување непрекинато се менува и кој дури со текот на времето, но секогаш низ судири, станува историја, што значи, повест во дословна смисла”. Историјата не е она што се случило туку е наша слика што себе си ја создаваме за минатото. Историјата е фикција, според Еберхард Јекел, кој вели дека е погрешно што приповестите на полиците на книги ги делиме на фицтион и нон-фицтион. Таа разлика не постои, но постојат различни, потенцијално мошне значајни, степени на фиктивност. И латинскиот збор хисториа го содржи двократното значење - случување и приказна кое го содржи и германскиот збор (geschichte, историја, според Јекел, дури и не потекнува од глаголот „случување“ „geschehen“ туку попрво од „распоредување“ „schichten“). Во грчкиот извор зборот се изведува од „прашување“ и „истражување“.
Кога зборува за метафориката на сеќавањето (правејќи значајна дистинкција помеѓу помнењето, сфатено како виртуелна способност и органски супстрат и сеќавањето, сфатено како актуелен процес на втиснување и актуелизирање на специфични содржини, но секогаш третирајќи ги двата поими како пар, аспекти на една целина кои во секој модел се појавуваат заедно) Алаида Асман издвојува три групи метафори: просторни метафори за помнењето (метафорите на градби: храмот и библиотеката), временски метафори и метафорите на писмото: книгата, палимпсестот, трагата.
Како што вели Асман, кој говори за сеќавањето не може да ги избегне метафорите; „метафориката“ во оваа област не е јазикот со кој се опишува предметот, туку таа всушност го открива предметот, го конституира. Така прашањето за сликите на помнењето воедно е прашање за различните модели на помнење, за нивните контексти, потреби, фигурации на смислата, вели Асман.
.jpg)
Харалд Вајнрих, пак, смета, дека постојат само две основни метафори: восочна таблица и магацин. Метафората на магацинот води потекло од софистиката и реториката, прагматичното усовршување на говорничката вештина и капацитетите за помнење во рамките на техниката за убав говор, која може да се научи. Наспроти тоа, метафората за восочна таблица, развиена од Платон, не се однесува на вештачкото туку на природното помнење: тоа е таинствен божји дар и се наоѓа во длабочината на човечката душа.
Сократ ја користи сликата на восочната таблица за со неа да ја опише врската помеѓу сеќавањата (прасликите, Урбилд) и согледувањата (одразите, Аббилд), врска која е предуслов за веродостојно сознание во смисла на идентификување. Од чистотата со која нешто се втиснало во „сржта на душата“ зависи колку прецизно или конфузно ќе биде нашето сознание. Кај старозаветните пророци ја сретнуваме сликата на врежување во таблицата на срцето, што го означува радикалниот и историски далекусежниот пресврт кон „внатре“. Како што вели Асман, тие долговечни и влијателни традиции на внатрешното писмо и на душевноста или приватноста на сеќавањето, силовито ги пореметил Ниче, кој зборува за впишувањето во телото и болката ја нарекува „најмоќно помагало на мнемотехниката“; Ниче вели: „'Нешто со оган се втиснува за да остане во помнењето: само она што непрекинато боли, останува во помнењето' тоа е главното начело на најстарата (а за жал и најдолговечната) земска психологија“. На трагата на Ниче, под пишување врз телото сега се подразбираат сите лузни, белези и тетоважи, „есенцијални знаци, крвави бразди, жигови на егзистенцијата“ (продолжувачот на Ниче, Питер Слотердијк, вели: „Таму каде што е жигот, нека настане јазик!“).
Метафората на писмото е многу покомпликувана од метафората за магацин. Како што вели Асман, редот на магацинот сугерира организација, економичност, расположивост што е предност на вештачкото помнење во однос на природното. Но сликовитоста на пишувањето и препишувањето, чувањето и бришењето, интензитетите на длабоките втиснувања и површинските разнородни бразди сепак нè враќаат кон устројството на природното помнење. Кај природното помнење, помеѓу пишувањето и читањето доаѓа до изобличувања, придвижувања, затемнувања, а најпосле и до заборавања; сето тоа ја доведува во прашање супстанцата на сеќавањето. Со тој проблем започнува психичката историја на помнењето, за која голем придонес дава и Зигмунд Фројд, користејќи ги метафорите на восочната таблица и на палимпсестот.
.jpg)
ИСТОРИЈАТА КАКО ПАЛИМПСЕСТ
Можеби идентитетот е палимпсестен, и можеби претходните слоеви на идентитет никогаш не можат успешно да се избришат. Би било премногу лесно да се отпише таквиот идентитет како прост однос на површини, бидејќи со тоа се игнорира она што во обата текста избива како упорен порив за помнење. Двата филма, се чини, сугерираат не дека никогаш не би смееле да забораваме, туку дека не смееме да престанеме да ги создаваме сеќавањата. Посебната желба да се сместиме во историите преку раскажаните сеќавања е желба да бидеме да бидеме општествени, историски суштества. Можеме да кажеме дека токму таквото 'површинско' искуство на историјата на луѓето им го дава она личното со кое излегуваат во јавноста. Поривот за помнење, значи, е снажна желба повторно да се искуси историјата не за безпоговорно да се потврди минатото, туку во погон да се пушти виталниот, несварливиот материјал на историјата, кој нè потсетува на неизбежноста на сегашното време.
Алисон Ландсберг, Протетски сеќавања
Зборувајќи за историјата, значи, зборуваме, за палимпсест, нешто што се пласти и не може да се избрише, но и нешто што ни кажува „не дека никогаш не би смееле да забораваме, туку дека не смееме да престанеме да ги создаваме сеќавањата“.
Кога веќе го спомнуваме помнењето во психолошки и медицински контекст, неизбежно е да се потсетиме на парадоксот на Фројд. Според него, од сетилните впечатоци што ги примаме во нашиот психички апарат останува трага која можеме да ја наречеме 'трага на сеќавањето'. Но, тешкотиите настануваат кога еден ист систем треба верно да ги зачува промените што настануваат во неговите елементи, а истовремено да остане свеж и секогаш отворен за новите поводи за промени. Проблемот на помнењето Фројд го формулира како парадокс: како треба да се замисли едновременото постоење на спротивните фукции на чување и бришење? Како мо¬жат да се спојат „неограничената способност за примање“ и „чувањето на трајните траги“?
Дерида успева да го објасни патот што Фројд го минал од (невронската) „трага“ до (психичкото) „писмо“. До решението на парадоксот на помнењето Фројд конечно доаѓа на нивото на метафори. Тој го реконструира психичкиот апарат во моделот на писмо, односно тн. „волшебно блокче“. На таа неугледна играчка, која сè уште ја наоѓаме по детските соби, Фројд ѝ подари научна слава. Имено, загадочното едновремено постоење на трајната трага и на табула раса нему му го расветлила оваа направа за пишување составена од три слоја: горниот слој е сочинет од фина восочнан хартија, која може да се испишува и повеќе пати, под неа е целулоидниот лист кој служи како „заштита од надразби“, а под него, пак, има восочна табла која ги чува трајните траги („инервациите* на содржината“), траги кои на соодветно светло можат да се видат како фини бразди. Фројдовиот опис на „волшебното блокче“ како модел за помнење близок е до моделот на палимпсести на Де Квинси. Обајцата ја користат метафората на писмото за да ја расветлат комплексноста на еден феномен кој ја поврзува сигурната способност за складиштење на „бесмртните впечатоци“ и неограничената отвореност за нив („вечните наслаги... нежни како светлина“). (кај Алаида Асман)
.jpg)
ИСТОРИЈАТА КАКО АМНЕЗИЈА/АМНЕСТИЈА
Цезурата во движењето на мислењето обзнанува една точка во која минатиот и сегашниот момент стануваат еден блесок на констелација.
Валтер Бенјамин
Зборувајќи за историјата, значи, утврдуваме дека времето и заборавот, сеќавањето и вечноста секогаш одат заедно.** Парадоксалноста и амбивалентноста на прашањето за кое зборуваме може да ја долови и метафората на огнот.
Огнот е важен симбол на сеќавањето, и тој главно пламнува врз основа на латентното, скриено сеќавање. Како што вели Платон во Седмото писмо: „Ненадејно, како што искрата го пали огнот, така во душата настанува праслика на нештата“.
Како симбол на сеќавањето огнот е исто толку амбивалентен како и водата, смета Алаида Асман, бидејќи тој укажува не само на заборавот и пустошењето што ги носи времето („пламенот што пржи“) туку и на сеќавањето и обновувањето на загубеното. Искрата што ги распирува заборавените сеќавања симболизира енергија која е и субјективна и ненадејна, и пунктуална и проблематична.
Огнот знае да биде симбол и на војната и на фанатизмот („паѓа во оган“). Оттаму, амнезијата може да биде терапеутско средство, а амнестијата чин кој има длабоко помирителско значење кое ја обединува заедницата врз нови принципи.
Зборувајќи за историјата, значи, зборуваме и за амнезија. Амнезијата стои во врска со амнестијата, со она што се нарекувало „чин на заборавање“, официјално бришење на сеќавањето за судирите во интерес на социјалната кохезија. Ова го спомнувам, меѓу другото, и затоа што проблемот на амнезијата амнестијата-анамнезата (па и анаформозата) е посебно значаен во нашиот сегашен миг, во Република Македонија, две години по воениот конфликт.
Но, вон утилитарните политички потреби проблемот на амнезијата има и многу пошироки хуманистички и цивилизациски импликации. На пример, информациски тотално вмрежаното општество, во кое сè повеќе сраснуваме, всушност може да значи општество кое се препушта на заборавот. „Меморирањето“ на информациите не е сеќавање. „Да се меморира тоа значи да се заборава“, вели Енцесбергер. Компјутерот не може ништо да запомни затоа што не може ништо да заборави.
Она што се подразбира под културна амнезија е престанување на болката во човековото културно помнење. Лиотар нагласува дека постојат два начини на заборавање: едниот е уништувањето на сите траги, за да не остане ништо што би можело да се привика во сеќавањето (како што нацистите се обидуваа со коморите на смртта); вториот начин е перфектното сеќавање, имено, наводната сигурност дека настанот може да се укине и објасни веќе со самото тоа што е накнадно прикажан.
.jpg)
За крајот на овој оддел, нагласувајќи ја релативноста на концептите и следејќи ја метафората за магацин, збирка, инвентар, ќе направиме мало резиме на класификаторскиот модел што го нуди Алаида Асман, и кој содржи две големи групи модели за помнењето: просторни и временски. Просторните модели за помнењето можат да се поделат во две поголеми подгрупи: монументално и архиварско помнење. Монументалното помнење ги канонизира изборите, ги стабилизира фиксните точки на кои им припишува вредност и нуди еден образовен модел за помнењето. Архиварското помнење, пак, конзервира отворени и неструктуирани збирови кои го вклучуваат сето она што испаднало од сегашноста и што на друго место не би имало шанси да преживее.
Во рамките на временски одредените модели пак издвојуваме две големи подгрупи: есхатолошкото помнење, кое е насочено кон месијанската иднина и кон големиот пресврт, и аниматорското помнење, кое инсценира пунктуално краток спој помеѓу минатото и сегашноста. Аниматорското помнење нема некоја посебна врска со разните форми на легитиматорско инсистирање на континуитетот, тоа ги збива минатото и иднината, далечината и близината која избива од линеарните и наративните темпорални конструкции.
Зборувајќи, значи, за историјата како амнезија/амнестија, ние зборуваме особено овде, во Република Македонија, и сега, две години по воениот конфликт и за потребата од поцврсто воспоставување на аниматорското и архиварското помнење на сметка на монументалното и есхатолошкото.
.jpg)
ИСТОРИЈАТА КАКО АНАМНЕЗА
Во пукнатината, во меѓупросторот на разните идентитети, се случува времето на тетеравање, бидејќи граматиката на човечката судбина чистите времиња ги има создадено за животните; а тие, кога се исплашени, задоволно живеат во кристалот на презентот.
Итало Звево
„Помеѓу просторните модели за помнењето, од една, и изразито временски одредените модели, од друга страна, стојат моделите одредени со сликата на писмото или трагата. Оваа група може да се означи со поимот анамнетичко помнење. Овие модели немаат временска димензија поради тоа што претпоставуваат втиснување на некоја неминлива трага, но дотолку се и временски затоа што го тематизираат проблемот на привремената загуба, го тематизираат заборавот и трудот околу повторното воспоставување“, вели Алаида Асман во текстот За метафориката на сеќавањето.
Зборувајќи за историјата, значи, зборуваме, за анамнеза.
Дословниот превод на зборот анамнеза е сеќавање. Латинскиот превод е реминисценција. Поимот во филозофијата го воведува Платон (во Менон) и со него го означил препознавањето на идеите коишто човечката душа, живеејќи пред стварниов телесен живот во светот на идеите, непосредно ги гледала. Сето реално, вистинско осознавање идентично е според Платон со сеќавањето. Подоцна во филозофијата поимот анамнеза се јавува во врска со учењата за вродените идеи. Во психологијата како анамнетички се нарекуваат мислите кои доаѓаат во свеста откако сме мислеле дека биле заборавени. Во медицината анамнезата е сеќавање на фактите кои ѝ претходеле на некоја болест.
Литературата, уметноста, религијата, во суштина, се анамнетички отпор спрема културната амнезија. Тие нам, на вљубените во заборавот, ни ја префрлаат болката на сеќавањето. Како што вели Јохан Баптист Мец, еден од најистакнатите германски теолози, основач на тн. политичка теологија: „Анамнетичката култура (наспроти културната амнезија) протестира против специфичниот прагматизам на демократската слобода која се откажува од помнењето на страдањето и поради тоа сè повеќе морално слепее. Конечно, во политиката на слободата не е важен само односот помеѓу соговорниците, туку и што е побитно и што е сосема во духот на апокалиптичниот поглед на човечката историја односот спрема загрозените и занемарените. Стриктно симетричните признанија, какви што се импутираат во нашиот политички дискурс, не можат да ја надминат логиката на пазарот, размената и конкуренцијата. Дури асиметричното признавање, дури свртувањето кон загрозените и жртвуваните, ќе ја скрши логиката на пазарот во политиката. Многумина зад ова нагласување на асиметријата ќе насетат едно пренагласено разбирање на политиката. Со него, меѓутоа, само се инсистира на нужниот однос помеѓу политиката и моралот. Без оваа „морална импликација“, политиката, светската политика, би била само она што веќе денес ни се чини дека таа е: заложник на економијата и техниката, и на нивната таканаречена материјална принуда во ерата на глобализацијата.“
.jpg)
ЗАКЛУЧОК
Тој ткаеж од времиња што се приближуваат, разидуваат, пресечуваат или не сакаат да знаат едно за друго, во текот на столетијата, ги опфаќа сите возможности. Во поголемиот дел од тие времиња, ние не постоиме; во некое време вие постоите, но не и јас; во некое друго, постојам јас, но не и вие; во трето, постоиме двајцата. Во ова, кое ми го определува оваа поволна случајност, вие дојдовте кај мене; во некое друго, минувајќи низ градината, вие ме наоѓате мртов; во трето, ги изговарам истиве зборови, но јас сум само едно недоразбирање, призрак.
Хорхе Луис Борхес, Градина со врвици што се разделуваат
Заклучок, всушност, нема. Мојата позиција делумно е борхесовска, компилаторска: се обидов да приложам неколку бегло истеоретизирани метафори поврзани со времето и историјата.
Но сепак, со оглед на потребите на собирот заради кој е напишан текстов, ќе се обидам да дадам и мало конструктивно резиме, конструктивно пред сè во контекст на нашите локални, балкански, потреби, кои, се разбира, имаат и пошироки рефлексии, но кои и самите можеби се само рефлексии што доаѓаат од подалечни (умирачки) ѕвезди.
Значи, се залагам не за затворена, еднаш засекогаш дадена нормативна историја туку за отворена и критичка историја која ќе знае секогаш одново да ги превреднува и создава традициите и идентитетите. Се залагам, значи, не за пасивно примање на минатото туку за негова реконструкција. Дури сметам дека историјата и традицијата можат да се одржуваат само низ призмата на критичката рефлексија. Како што вели Ненад Димитриевиќ, токму интерпретативниот процес на зачувувањето, пренесувањето и приемот на традицијата секогаш воедно е и процес на нејзино модифицирање. Тематизирајќи го минатото во движење помеѓу крајностите на, од една страна, полното признавање на нормативната сила на историјата и, од друга страна, нејзиното наполно отфрлање ние всушност ја тематизираме сегашноста и разбирањето на сопствената позиција во сегашноста.
Историјата не треба да ја отфрламе, колку и да е таа трауматска; историјата треба да ја овладееме, што во суштина значи критички и неопортунистички да се соочиме и со нејзините петна, но значи и активно да трагаме по алтернативните вредности во нашата историја и во нашата традиција.
.jpg)
додаток
ДЕТРОНИЗАЦИЈА НА ИСТОРИЈАТА
Зачудува што кај сеќавањата помалку станува збор за проверка на автентичноста на минатото, а повеќе за создавање можни насоки на делување во сегашноста. Водачот на движењето на отпорот на мутантите, Куато, му вели на Квејд дека 'човекот е одреден со своето делување, а не со своето сеќавање'. Таа изјава би можеле да ја модифицираме на начин да вели дека човекот го одредуваат неговите дела, а притоа е помалку важно дали тие биле овозможени од протетски сеќавања или од сеќавања засновани врз искуство. Разликата меѓу 'реалните' сеќавања и протетските сеќавања што би можеле технолошки да се дисеминираат со помош на масовните медиуми и да ги носат потрошувачите на тие сеќавања - на крајот можеби е неразбирлива. Total Recall нагласува дека сеќавањата секогаш се јавни, дека сеќавањата секогаш ги опкружуваат поединците и задираат во нив, но никогаш не можат да му се вратат на автентичниот сопственик, вистинското тело или, како што гледаме на примерот на Blade Runner, на вистинската фотографија.
Алисон Ландсберг, Протетски сеќавања
Цицерон вели: „Историјата е животот на сеќавањето.“ Секоја заедница, па и нашата, луѓето кои живеат во Република Македонија, со сите различности што виреат во неа, втемелена е во сеќавањето. Нашата заедница на сеќавањето дополнително треба да биде обединета токму низ раскажувањата и согледувањата на заедничкото минато.
Тоа е, да речеме, една од добрите страни на историјата. Но, можеби токму во светлината на одбележувањето на стогодишнината од Илинден, денес е потребно да се каже дека е созреано времето, дури и на Балканот, историјата делумно да се детронизира, на начин да се намалат нејзините деструктивни потенцијали, нејзината стереотипност и едностраност.
„Различни луѓе имаат различна слика за минатото, што значи дека историјата делумно е артифициелно утврдување на знаењето за минатото, некаков вид уредено сеќавање.
Значи, традиционалното сфаќање според кое помнењето го одразува она што навистина се случило, а историјата го одразува помнењето, денес изгледа премногу едноставно. И историјата и помнењето денес сè повеќе изгледаат проблематично“, вели Питер Берк. Сеќавањето на минатото и пишувањето за него веќе не изгледаат толку невини чинови, како што некогаш се сметало. Во дословна, физичка смисла, помнат поединците. Меѓутоа, општествените групи одредуваат што е „достојно за помен“ и како тоа ќе биде запаметено. Нашите обреди и празници се своевидни оживувања на минатото, тие се чинови на сеќавање, но исто така се и одраз на желбата минатото да се толкува на одреден начин и помнењето да се обликува. Тие во секоја смисла ре¬презентираат нешто за колективот.
Ова, се разбира, не значи дека треба да се залагаме за тотален историски релативизам. Приказите на минатото се разликуваат по многу нешта: по сигурноста на изворите, веродостојноста, разборитоста, слоевитоста... Некои истражувачи се подобро информирани од други. Но, суштината е во тоа дека на минатото (како и на сегашноста) им приоѓаме само преку категориите и схемите на нашата култура.
Значи, ексклузивните етнички, религиозни и национални идентитети ни на еден начин не можат да ги разрешат комплексните проблеми со кои се соочуваат повеќето луѓе и повеќето држави во поглед на непредвидливата и опасна иднина. Се чини дека излезот лежи во сосема поинаква насока: токму признавањето на хетерогените културни сеќавања на планетата која зоврива од конфликтности може да биде дел од решението. Плуралитетот на сеќавањата треба да се подразбира, а можноста да се зачуваат културните баштини на различието на човечкото минато (или „човечките мината“, да употребиме една неправилна множина) е основен услов за опстојување на човечките заедници. Тоа, меѓу другото, подразбира преиспитување и на нашите сеќавања и на националните идентитети.
.jpg)
Затоа, токму низ призмата на стогодишнината од Илинденското востание, но и во согласие со некои нови европски интегративни начела, ми се чини дека во мугрите на еден нов век конечно е созреано времето на Балканот да се сврти нов лист. Никогаш веќе да не ни се повторат, на пример, двете Балкански војни, кои беа своевиден увод во еден фатален и фанатизиран европски и светски колеж што го донесе Првата светска војна и чие ехо влијаеше и на уште покрвавата Втора светска војна. Без да алудирам на безумното распаѓање на СФРЈ и на војните во деведесеттите, ги спомнувам балканските војни од почетокот на 20-иот век зашто и ден-денес застрашувачки е поучна леснотијата со која оние што ги водеа војните манипулираа со претставата за непријателот во главите на своите војници. Помалку од еден месец пред да избие едномесечната Втора балканска војна, Србите и Грците се бореа на иста страна со Бугарите. Веднаш потоа Србите и Грците ги повикаа локалните Турци да им се придружат во ѕверствата над бугарските и македонските селани, а грчката и српската војска пустошеа низ некои делови на Македонија и Тракија и ги убиваа беспомошните жители.
Кога велам дека ни е потребно вртење нов лист на Балканот, мислам и на тоа дека можеби треба малку пошироко и не исклучиво за сопствени цели да ѝ приоѓаме на историјата. Меѓу другото, тоа е важно и како превентива на некои идни конфликти. Затоа што, ако сеќавањето на сопствените страдања е корен на сите конфликти, можеби може да помогне ако почнеме да ги негуваме сеќавањата и на страдањата на другите?
Балканот сепак не е диво подрачје предодредено за етнички нетрпеливости. Балканскиот национализам и милитаризам, на пример, беа во многу потесна врска со постапките и моралот на империјализмот на големите сили отколку што западните земји тоа сакаа да го признаат. Балканските војски беа финансирани од заеми добиени од западните влади, западните фирми беа снабдувачи со оружје и друга технологија, а нивните офицери беа школувани од Французи, Германци, Руси и Британци. Нагонот на новите држави да грабаат територии, без многу да водат сметка за демографските или историските факти, ги одразуваше постапките на нивните соседи, големите сили, чии произволни одлуки на Берлинскиот конгрес направија спорни многу територии.
Балкан не беше буре барут, како што обично се верува. Оваа метафора не е прецизна, вели Миша Глени. Балкан беше само трага од барутот кој големите сили го беа оставиле зад себе. Бурето барут беше Европа, и тоа најдобро го покажа Првата светска војна.
Низ идејата на ЕУ Европа сепак покажува дека постојат начини да се надминат историските фрустрации. Да се надеваме дека ЕУ ќе знае да помогне и во надминувањето на балканските фрустрации во кои „македонското прашање“ има значајна улога. Дотолку повеќе затоа што многумина историчари сметаат дека Македонија била клучната точка на Отоманското царство исто онака како што Босна била за Австроунгарското царство; а и едната и другата провинција за покажаа кобни за империите. Белки и таа накнадна историска памет на Европјаните ќе нè заштити, кога веќе самите немаме доволно ни ум ни сила ни волја (а можеби ни можности) порадикално да зафатиме нови, ненационалистички насоки во развојот на нашите држави; една од тие насоки може да биде славната мисла на Агнес Хелер: „Демократската нација мора да се конституира во дисконтинуитет со својата сопствена историја“.
.jpg)
ФУСНОТИ
* Алисон Ландсберг забележува дека Мириам Хансен забележува дека „со поимот инервација Волтер Бенјамин ги концептуализира историските трансформации како процеси на конверзија на сликите во соматската и колективната реалност“.
** Во Израел, помнењето има машки пол, додека заборавот е женски; сикарон, помнење, сродно е со сакар, 'машко', додека накаб, 'да се пробуши, просее', е сродно со нкеба, женско. (Taubes, 1947, кај Aleida Assmann, 1991)
ЛИТЕРАТУРА
Thomas Butler (ed.), Memory, History, Culture and Mind, Oxford 1989
Х. Џ. Велс, Времеплов, Београд, 1969
Реч, списание, број 56/2, Београд, 1999; тематски блок: Заборавни победници или како се пише историја (Алаида Асман)
Маргина, списание, број 41, Скопје 1998; тематски блок: Историја, култура, политика (Еберхард Јекел, 128¬137 стр.)
Маргина, списание, број 61, Скопје 2003; тематски блок: Трупови, тела, машини и кукли (Алисон Ландсберг, 82¬ стр.)
Платон, Менон, Загреб, 1984
Кадава, Едуардо. Речи светлости, Београд, 2002
Глени, Миша. Балкан, 1804¬1999, Београд, 2001
Ненад Димитриевиќ, Република, 2003
-----------------------------------------
Текстов првично беше објавен во списанието Маргина бр. 61, 2003, а беше напишан за конференцијата Постколонијалистичкиот дискурс и разбирањето на Балканот, која се одржа на седми јули 2003 година во скопскиот МСУ, во организација на Контрапункт.
.jpg)
Слики: Stephen Mackey