1018 hPa
72 %
13 °C
Скопје - Нед, 16.08.2026 06:21

„Ивона, кога би имала многу добра работа, би се вратила во Македонија?”
Сосема погрешно прашање. Ерата на гастарбајтери е одамна завршена. Во Македонија сега можеш да работиш за странски приватен сектор без проблем и да имаш топ плата.
А сепак, Македонија не се соочува само со луѓе кои си одат за корка леб, ами со масовен одлив на мозоци - оние кои требаше да бидеме интелектуалното јадро што ќе ја движи државата напред во секој поглед.
Реалноста е сосема поинаква. Последниве десет години Македонија се соочува со масовно исселување на млади луѓе, па и цели фамилии, а државата сѐ уште се замара што кажале вмро-сдсм-дуи-левица; наместо да седнат заедно на маса и да размислат кои луѓе ќе ги крадат (извинете, сакам да кажам кои луѓе ќе ги „водат”) ако луѓе нема.
И ова сега нѐ носи до главното прашање: зошто луѓето си одат? Зошто тие што заминаа на студии - како мене и многу од моите пријатели - не се вратија? Посебно ако знаат дека ќе бидат океј од финансиски аспект, ако се вратат?
Некои од најочигледните причини се оние за кои многу често се зборува: Македонија, земја во бесконечна транзиција, беше и уште е нестабилна по сите социо-економски параметри.
Или, дека ако сакаш да се вработиш (во јавен сектор) ти треба партиска книшка.
Или дека секој сегмент што е база за здраво општество, како здравство, образование, правда - се распаѓа.
Но, има и уште еден момент, за мене лично многу важен, а тоа е ЕКОЛОШКИОТ ТЕРОРИЗАМ врз кој Македонија е подложена со години.
.jpg)
Последниов месец слушнавме за целосно отруена вода во Гостивар и Валандово.
Скопје секоја зима е во топ 5 најзагадени градови во светот и најзагаден во Европа.
Дрисла гори токсичен отпад без никакви регулации зашто ниедна друга држава не се осмелува ни да го внесе, а не па да го гори тој отпад!
Тетово „најми” фирма од Австрија за да им се справува со отпадот зашто се најголемата градска депонија во Европа.
Преспанско и Дојранско езеро речиси ги снема. Во 2024 на брегот на Преспанското езеро гледавме претажни слики од изумрени школки.
Охрид - еден од ретките градови во светот со статус од Унеско според природното и културното наследство - е узурпиран од градежна мафија која полека но сигурно ги уништува и езерото и градот.
Во Маврово се жалеа дека мечки шетале кајшто се гради. А каде се гради? Во Национален Парк, луѓе! Онаму кајшто е најстрого забрането да се гради! На место си е мечката, ние залутавме.
.jpg)
Можам да набројувам уште многу примери. Поважното прашањето останува: дали вака сакаме да живееме? Дали вака МОЖЕМЕ да живееме?
Нечистиот воздух, загадената вода, отруената храна, многу слабата јавна хигиена, уништените шуми, градежните мафии, чадот од цигари насекаде - сето ова е еколошки тероризам што нѐ разболува и сигурно предвремено нѐ убива.
И јас, како некој што се отселил, сум премногу растргната на темава зашто луѓето кои ги сакам полека и болно се тероризирани. Сакам да им речам да си одат. Од друга страна, Македонија веќе нема луѓе.
Некогаш се прашувам дали постои верзија на нашето постоење во која сфаќаме дека еколошките прашања не се нешто „фино” отстрана, ами најфундаментално прашање! Отровите не знаат дали си богат ил сиромав.
.jpg)
Дали постои верзија на нашето постоење каде што колективната свест разбира дека сѐ надвор е поврзано со нас? Секоја река, секоја молекула во воздухот, секое дрво што нѐ штити од жештини... Зошто е ова толку тешко да се сфати? Кога некоја Влада ќе почне да се справува со еколошкиот тероризам во Македонија за јас и многу други да бидеме желни да се вратиме и да гласаме за тие луѓе? И да им помогнеме. (И сега тука следат коментари од ботови: pa sedi si kaj sto si ne ni trebas; epa ela vrati se i sredi итн. Како божем јас да сум премиер на Македонија или јас да фрлам цијанид во реки и јас не го казнувам тој што фрла.)
Што воопшто сакаме да постигнеме како нација со ваквиот начин на живот?
Немам одговори на овие прашања кои за мене се многу болни.
Само знам дека нација што олку долго се самоповредува, порано или подоцна веќе нема да може да опстои, а јас нема да сум доволно храбра да се вратам во држава што со самото тоа што јадам, пијам вода и дишам ќе ми украде минимум десет години квалитетен живот.
.jpg)
Слики: Pawel Kuczynski